Претседателот на Европскиот совет Мишел в петок во Скопје

Архивска фотографија- претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел в петок ќе допатува во посета на Северна Македонија, потврдија за МИА високи дипломатски извори од Брисел. Тој во Скопје ќе допатува од Тирана, каде што исто така ќе оствари средби со албански претставници.

Мишел ќе оствари средби со високи претставници на земјава, на кои се очекува да се разговара за новата методологија на преговарање, како и за текот на реформскиот процес во земјава.

Посетата на првиот човек на Европскиот совет, доаѓа десетина дена откако во Скопје допатува еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеји, кој ја потврди европската перспектива за Западен Балкан и најави дека повторно ќе биде побаран почеток на преговори за Северна Македонија, за што ќе одлучува Советот во март. Вархеји, исто така, потенцираше дека добар сигнал за Европската Унија ќе биде и доколку законот за Јавно обвинителство биде донесен пред распуштањето на Собранието во февруари.