Иран тврди дека го почитува нуклеарниот договор од 2015 година

Иран- нуклеарен реактор јужно од главниот град Техеран,23.12.2019

Иран се уште е дел од нуклеарниот договор постигнат меѓу Техеран и светските сили во 2015 година. Ова денеска го кажа Абас Мусави, портпарол на иранското министерство за надворешни работи.

„Техеран се уште останува во договорот, а обвинувањата од европските сили дека Иран го крши договорот се неосновани“, рече Мусави.

Иран претходно соопшти дека повеќе не се чувствува поврзан со договорот од кој Соединетите Американски Држави се повлекоа во 2018 година и воспоставија санкции. Минатата недела Германија, Британија и Франција го активираа механизмот во случај на несогласување од нуклеарниот договор. Трите европски земји, кои се потписници на договорот заедно со Кина, Русија и САД, како и Европската унија наведуваат дека го активираат процесот кој може да доведе до санкции од Обединените нации против Иран, но дека не се придружуваат на кампањата на Вашингтон за максимален притисок.