Судењето за „Рекет“, од 3-ти декември, тест за правната држава

Архивска фотографија- Катица Јанева на распит за „Рекет“ во Јавно обвинителство

Случајот „Рекет“ влегува во суд на трети декември. Од опозицијата пак велат дека будно ги следат случувањата и ќе го проценат „вистинскиот момент кога ќе одиме со некој следен чекор“.

Судењето за случајот „Рекет“ почнува на трети декември, а е распределен кај судечки совет со кој претседава судија Васка Николовска - Масевска, соопшти Кривичниот суд. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека не се задоволни од досегашниот тек на настаните и ја оставаат отворена можноста да ги објават документите од истрагата кои тврдат дека ги поседуваат.

Партискиот лидер Христијан Мицкоски пред точно два месеца рече дека свиркач во ВМРО-ДПМНЕ им ги донел исказите кои биле дадени кај обвинителката, наредба за вештачење и резултати од вештачењето. Тогаш рече дека првиот момент кога ќе видат дека некој сакал да му наштети на јавниот интерес ќе ги објавеле документите. И сега од партијата велат дека не се задоволни од истрагата.

Видете и ова: Одобрено обвинението за Рекет, се чека датум за судење

„Будно ги следиме случувањата околу случаите за Рекет и ќе чекаме да го процениме вистинскиот момент кога ќе одиме со некој следен чекор, за што јавноста ќе биде благовремено известена. Она што во моментов се случува и она што до сега се случуваше е само давање простор за да се затскрие и заштити главата на криминалниот октопод, а тоа е Зоран Заев“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев вели дека впечатокот досега, од други судски случаи, е дека предметите се работат споро.

„Се тоа зависи од судиите кои ги водат претресите и другите членови на советите кои одлучуваат по правните прашања. Мое лично мислење е дека предметите може побрзо да се завршуваат, да се концетрираат и да се проучуваат доказите и на тој начин ќе се спречи злоупотребата на правата како одсуство од судење, недоаѓање на бранители, промена на бранители итн“, вели Илиев.

Ова пак значи и дека судскиот процес временски речиси ќе се поклопи со предизборниот процес. Очекувањата на политичките аналитичари се дека ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира на аферата Рекет со тврдења за инволвираност и на луѓе од власта, за неажурност на обвинителството, а ќе го напаѓа и премиерот за неуспехот во евроинтеграциите и економијата.

„Партиите кога се во опозиција секогаш зборуваат за правна држава, правда и борба против корупцијата и таквиот наратив ќе го има и ВМРО-ДПМНЕ“, вели Сефер Тахири од Универзитетот на Југоисточна Европа.

Мицкоски покрај незадоволство од актуелниот случај постојано најавува и дека постоеле и други такви афери во кои биле инволвирани високи владини личности користејќи го за нив истото име Рекет.