Поевтин роаминг - прв договор меѓу Северна Македонија и Грција

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и министерот за дигитални политики, телекомуникации и медиуми на Република Грција, Никос Папас на прес-конференција.

Ова е прва соработка на двете страни по потпишувањето на Договорот за името. Двајцата министри најавија соработка и во борбата против лажните вести, чија жртва беше и Договорот од Преспа.

Намалување на цените во роаминг услугите најавија министрите Дамјан Манчевски и неговиот грчки колега Никос Папас на заедничката прес-конференција во Скопје. Ова е прва соработка на двете страни по потпишувањето на Договорот за името. Целта е, вели министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, до почетокот на летото да се намалат цените, особено на интернет услугите. Но на регулаторите од двете земји им останува да ги одредат цените и да ги посочат чекорите по кои ќе се одвива целата работа. Максималните цени во роаминг услугите треба да се намалат до нивото на цените што се применуваат во ЕУ, пред да се воведе принципот роаминг како дома. Манчевски вели дека регионот ги надминува пречките од минатото.

„За Балканот обично се зборува во негативна конотација, кога се зборува во меѓународни рамки, но ајде со овој нов дух, со ова ново пријателство Балканот да биде новата Скандинавија, место во кое луѓето ќе соработуваат на секакво ниво и ќе се поддржуваат, ќе треба време, ова се првите чекории ќе продолжиме интензивно да работиме понатаму и со Грција и со другите земјо од регионот за Балканот да биде синоним за нешто друго“, вели Манчевски.

Видете и ова: Економски оптимизам од влезот во НАТО

Грчкиот министер за дигитални политики, телекомуникации и медиуми, Никос Папас, рече дека има многу пречки кои треба да се надминат во соработката, оти таа стагнирала поради спорот за името.

„Потребно ќе биде многу работа, 27-28 години не се малку. Соработката меѓу двете земји има многу отворени полиња, затоа што задоцнивме во полиња во кои можеше да имаме соработка. Овие денови размислував од колку работи ќе бевме спасени ако овој проблем беше решен пред 15 години или колку подобра ќе беше позицијата и на Северна Македонија и на Грција во поширокиот регион. Ќе треба да забрзаме, да се потрудиме, а позитивните резултати ќе ги разубедат луѓето од двете страни кои се со недоверба кон Договорот од Преспа“, рече Папас.

Министерот Папас запрашан за тоа зошто на влез во Грција и покрај печатите во пасошите дека припаѓаат на Северна Македонија, се уште им се издаваат бели листови на граѓаните, министерот рече дека спроведувањето на Преспанскиот договор ќе оди според предвидените рокови.

Двајцата министри најавија соработка и во борбата против лажните вести, чија жртва беше и Договорот од Преспа. Грчкиот министер вели дека новинарските заедници од двете земји треба да соработуваат за да нема лажни вести, а имаат и Регистар за новинарски услуги, служба која ги исфрла веб сајтовите кои се занимаваат со лажни вести, без притоа да се меша во информациите.

„Доколку некој постојано информира со лажни настани, самата новинарска заедница да створи филтри “, вели Папас.

Според Манчевски, најдобар механизам против лажните вести за Договорот за името е потпишувањето на вакви договори за соработка.

„По потпишувањето на Договорот од Преспа ниту пропадна светот, ниту се распадна некоја од двете земји, напротив ова е прв од многуте договори кои ќе следат од кои граѓаните и бизнисите ќе имаат конкретна корист“, вели Манчевски.

Тој вели дека и досегалуѓето и бизнисот добро соработувале, а сега е дојдено време политиката да го следи тој дух. На прес конференцијата присуствуваа многу грчки новинари, а средбата добр одек и во грчките медиуми и беше претставена како нова ера во односите меѓу двете земји.