Со или без цензус, конечниот збор го има Собранието

Обврзувачкиот референдум е задолжителен и за него мора да има цензус. Кај консултативниот, дури и кога не е постигнат цензусот, конечната одлука е на Собранието,односно пратениците кои одлучуваат во име на граѓаните, објаснуваат правните експерти.

Остварен цензус за успешен референдум значи на гласањето во недела да излезат 50 отсто плус 1 од гласачите на избирачкиот список или 903 000 граѓани. Но ова правило не важи кога референдумот е консултативен, каков што е претстојниот, па оттаму успешноста на референдумот ќе биде предмет на политичка интерпретација, велат упатените во областа.

Поранешниот претседател на Државната изборна комисија Александар Новаковски објаснува дека цензусот не е клучен кога се работи за консултативен референдум и дека последниот збор ќе го има Собранието.

„Кај консултативниот референдум дури и кога не е постигнат цензусот, конечната одлука е на Собранието. Одлучувачкиот референдум е задолжителен и таму мора да има цензус. Кај консултативниот, прашањето е дали граѓаните се свесни за предизвикот да излезат во доволна бројка и дали мнозинството од тие што излегле ќе гласаат „за“. Ако мнозинството гласале „за“, и да нема цензус, конечната одлука ја носат пратениците во Собранието, кои ги претставуваат граѓаните“, вели Новаковски.

И поранешниот член на ДИК, Субхи Јакупи, објаснува дека услов за успешен референдум е мнозинството од тие кои излегле да гласаат „зa”. И тој како и Новаковски објаснува дека ако не биде исполнет цензусот, а мнозинството гласови се за, одлуката за успешноста на референдумот ќе зависи од политичарите.

„Стриктно никаде не е напишано дека може така. Меѓутоа политичка интерпретација го дозволува тоа бидејќи референдумот е консултативен. Тоа го оставаме на политичарите. Кај консултативниот референдум, нема законска пречка да може да одлучува Собранието. Затоа што Собранието, евентуалното немање цензус, нема да го смета како неуспешен референдум и ќе продолжи со усвојување на амандманите“, вели Јакупи.

За уставните измени, пак, како еден од условите на Спогодбата со Грција, потребно е двотретинско мнозинство во Собранието.

Но, според Новаковски прашањето за цензусот отвара уште еден проблем кој како што вели се провлекува долго време. Тој истакнува дека прагот на цензусот е висок и не одговара на реалната бројка избирачкиот список.

Списокот според мене, не е реален затоа што никој не објасни зошто не е прочистен до крај и со тоа бројката која е предвидена за задолжителен референдум е висока, зошто факт е дека голем број граѓани во земјава немаат ни влез ни излез. Но, тоа требаше да го завршат институциите. Сега списокот е затворен и мислам дека и да не се постигне цензусот од 50 плус еден, една реална бројка на излезеност на граѓаните ќе му даде полноправен легитимитет на Собранието да одлучуваат“, вели Новаковски.

Според Јакупи, пак, воопшто не е спорен цензусот во однос на актуелниот избирачки список, оти според него тој е точен.

Избирачкиот список не може да се поврзуваа со пописот на населението, бидејќи се црпи од регистар на државјани. Без разлика колку граѓани живеат надвор од земјата, тие имаат право да се во избирачкиот список а како ќе го остварат правото на глас, има различни можности. Тие граѓани можат да се пријават и да гласат во амбасадите во другите земји или да дојдат тука и да гласаат“, изјави Јакупи.

ДИК веќе информираа дека на 30 септември или на 1 октомври тие само ќе ги соопштат резултатите од технички аспект, но нема да даваат оценка дали референдумот ќе биде успешен или не. Додаваат дека кога ќе завршат преговорите за членство во ЕУ, во Македонија ќе треба да се распише уште еден референдум за членство во Унијата и тој мора да е задолжителен. За членство во НАТО Македонија веќе донесе одлука во Собранието во 1993 година.