Министрите на ЕУ утре ќе бидат брифирани за текот на преговорите за името

Никола Димитров, Никос Коѕијас и Метју Нимиц во Њујорк

Македонија и напредокот во преговорите за името ќе бидат една од главните теми на утрешниот Совет на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Министрите за надворешни работи на ЕУ утре ќе се состанат за редовниот министерски совет, неколку недели пред јунскиот Самит на кој европските лидери треба да одлучуваат за препораката на Европската комисија за старт на преговори со Македонија и Албанија.

Високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, ќе ги брифира министрите на 28-те земји членки за процесот на преговори, додека двајцата министри за надворешни работи на Македонија и Грција треба да продолжат да преговараат во Брисел, по њујоршката рунда.

Најавено е дека Бугарија, која моментално претседава со ЕУ, заедно со Австрија, која го презема кормилото на ЕУ од 1 јули, ќе организираат појадок на кој ќе учествуваат европските министри и министерот за надворешни Димитров, јавува дописничката на МИА во Брисел. Ова ќе биде прилика за европските министри да го распрашаат шефот на македонската дипломатија за текот на преговорите со името, брифираат европски извори во Брисел.

Од македонското МНР, претходно денеска, најавија дека министерот за надворешни работи Никола Димитров утре заминува во дводневна работна посета на Брисел, како и неговата агенда.

Деновиве во јавноста циркулира нацрт „нон-пејпер“ изработен од Франција и Холандија во ЕУ во кој овие две земји се изјаснуваат против старт на преговори со Македонија и Албанија. Како што јави МИА вчера, дипломатски извори од други земји членки велат дека не се изненадени од овој документ и дека нивната позиција им е позната на сите во ЕУ, но дека тоа „не нѐ загрижува многу“.

Холандија и Франција се познати по отпорот на нивната јавност кон натамошното проширување на ЕУ, особено со оглед на претстојните европски избори за Парламентот, на кои се очекува евроскептичните партии да го засилат своето присуство во оваа институција.

Повеќе земји членки на ЕУ, меѓу кои и Германија, отворено се залагаат за старт на преговори со Македонија доколку се реши спорот за името со Грција.