Достапни линкови

Нема решение за името, преговорите продолжуваат во Брисел


Никола Димитров, Никос Коѕијас и Метју Нимиц - Втор ден од преговорите за спорот за името во Њујорк

Медијаторот во ОН Метју Нимиц, по дводневните разговори во Њујорк изјави дека министрите на Македонија и Грција, Димитров и Коѕијас заминуваат за Брисел, каде ќе продолжи дијалогот и додаде дека иако се уште нема конечно решение двете страни се подготвени напорно да работат за да го најдат.

Медијаторот во Обединетите нации Метју Нимиц денеска во Њујорк по дводневните разговори на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, кратко изјави дека се уште нема конечно решение за спорот за името меѓу Македонија и Грција, но оти двете страни се одлучни да продолжат да работат се додека не се пронајде.

„Како што знаете имавме средба вчера и денеска, разговаравме еден и пол ден. Можам да кажам дека многу работевме. Прашањата се добри дефинирани, прецизирани. Можам да кажам дека ова беа преговори на кои многу работевме”, рече Нимиц, по завршувањето на состанокот со двајцата министри.

Медијаторот истакна дека Димитров и Коѕијас заминуваат за Брисел, каде ќе продолжи дијалогот и додаде дека иако се уште нема конечно решение двете страни се подготвени напорно да работат за да го најдат.

“ Преговорите се значително интензивирани, како што рекоа двете страни имаат важни позиции, во прашање се националните интереси. Двете страни ја препознаваат важноста од постигнување решение и се одлучни да го сторат тоа”, додаде Нимиц.

Димитров и Коѕијас вчера речиси шест часа разговараа со медијаторот Нимиц, а денеска преговорите траеја околу два часа.

Пред почетокот на денешната средба, Коѕијас, изјави дека преговоритеќе бидат поделени во два дела и освен што ќе се однесуваат на содржината на договорот, ќе опфатат и политички прашања.

Во меѓувреме, грчкиот медиум „Хелас Журнал“ пренесе дека наводно министерот Димтров го одбил предлогот Северна Македонија, додека министерот Коѕијас одбил Нова Македонија.

Во пресрет на денешната рунда разговори во Њујорк, Министерот без ресор и портпарол на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос изјави дека Ерга омнес, уставна ревизија и име од предлозите на Нимиц, се темите на преговарачката маса во Њујорк.

Во интервју за грчката телевизија „Скај“, тој рече дека владата уште пред неколку дена кажала дека името „Илинденска Македонија“ не е повеќе дел од преговорите.

Пред новата рунда разговори во Њујорк, грчкиот премиер Алексис Ципрас изјви дека за Грција ќе има голема победа ако има одредница пред името

Во преговорите не одиме да го дадеме името Македонија, како што тврдат некои, одиме да земеме назад нешто што е дадено пред 70 години, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас. Тој ова го кажа од Солун, по средбата со солунскиот градоначалник, Јанис Бутарис, одговорајки на обвинувањата на грчката опозиција дека владата го дава името македонија, објави МИА.

Ципрас смета дека името без одредница, „упатува на античкиот грчки свет и на големото културно наследство на грчката Македонија“, а во преговорите Атина се стреми ова да го добие назад, нешто што според Ципрас, „не е лесно“.

Грчката опозициска Нова демократија денеска остро го нападна грчкиот премиер Алексис Ципрас по неговата изјава во Солун дека Владата не дава име, туку се стреми да добие назад нешто што веќе било дадено.

Според партиското соопштение, на кое се повикува МИА, од Нова демократија коментираат дека „Ципрас смета дека неприфатливото име како што е Илинденска Македонија е победа за земјата“.

Вчера во пресрет на новата рунда преговори двајцата министри на Македонија и на Грција имаа посебни средби со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш на кои се разговараа за последните случувања од разговорите за надминување на разликата околу името што се одвиваат под покровителство на Светската организација.

„Со визија и лидерство на двете страни имаме историска шанса да затвориме еден повеќедецениски, историски спор”, порача вчера Димитров по средбата со Гутереш.

Грчкиот министер за надворешни работи Коѕијас, пак, по средбата со генералниот секретар на ОН, спроти денешната нова рунда разговори со неговиот македонски колега и медијаторот Нимиц, изјави дека другата страна треба да покаже прагматизам и реализам за да најде решение.

“ Од Нимиц ја очекуваме неговата мудрост за време на преговорите”, изјави шефот на грчката дипломатија.

Средбата во Њујорк следеше по минатонеделните разговори на премиерите на двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија на кои опцијата „Република Илинденска Македонија“ беше издвоена како најприфатлива.

Македонија во оваа рунда преговори замина со предлогот за Република Илинденска Македонија кој на јавноста ѝ го претстави премиерот Зоран Заев по средбата со неговиот грчки колега Алексис Ципрас во Софија.

Македонската страна пред средбата во Њујорк изјави дека останува на ставот дека тоа е добар предлог за конечно решение, и име со временска одредница, додека грчката го отфрли предлогот и нагласи дека преговараат врз основа на четирите имиња од пакетот - предлози од Нимиц: Република Северна Македонија, Република Горна Македонија, Република Вардарска Македонија и Република Македонија (Скопје).

Македонија се надева дека прашањето за името ќе се реши до Самитот на ЕУ во јуни од кој очекува датум за почеток на преговорите, како и покана за членство на јулскиот Самит на НАТО.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG