Неопходни се побрзи судски реформи

Презентација на мониторинг за судски реформи: Ива Цоневска од Институтот за европска политика, Мирослав Драганов од Институтот за човекови права и Ангела Шумкоска од Здружението на млади правници

Има волја за спроведување на судските реформи, но нивното спроведување зависи од многу институции. Резултати треба да бидат испорачани до април годинава за Македонија да може да добие препорака за преговори за членство во ЕУ.

Има напредок во спроведувањето на итните реформски приоритети во судството и работите се мрднати од мртва точка, но секогаш може подобро, посочуваат невладините организации кои ги мониторираат реформите во судството.

Мирослав Драганов од Институтот за човекови права, при презентацијата на вториот мониторинг извештај за реформите во судството спроведен од октомври до декември минатата година, вели дека има напредок во однос на првиот мониторинг спроведен меѓу јули и септември.

„Од покажаната волја, од интересот, од поширокиот опсег на консултативниот процес може да кажеме дека сме задоволни, меѓутоа секогаш постои можност за напредок. Во однос на динамиката, не секогаш зависи од една институција, секогаш овие институции се меѓусебно поврзани и за да се исполнат овие критериуми и услови од Прибе, треба сите институции што побрзо да бидат активни“, вели Драганов.

Ива Цоневска од Институтот за европска политика вели дека работите се мрднати од мртва точка. Резултатите треба да бидат испорачани до април, со цел Европската комисија да ни даде препорака за отпочнување преговори, вели таа.

„Меѓутоа овде друг е проблемот. Ние сме ограничени со време да ги спроведеме конкретно реформите во правосудството, согласно препораките на Прибе, бидејќи и самата стратегија е правена врз база на препораките на Прибе, а од друга страна треба да гледаме ваквите реформи да не трпат на квалитет“, вели Цоневска.

Проектот за мониторинг на реформите во судството го спроведуваат Институтот за човекови права, Македонското здружение на млади правници и Институтот за европска политика, а е поддржан од Фондацијата Отворено Општество Македонија.