Во Атина протест за оставка на грчката влада

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Во Атина протест против грчката влада

Во центарот на Атина синоќа беше одржан протест на кој беше побарано грчката влада да поднесе оставка поради економските реформи во земјата. Неколку илјади граѓани одговорија на повикот на Фејсбук, постиран од група, наречена „Оставка сега“.

Притоа учесниците на протестот ги блокираа улиците околу парламентот извикувајќи „Изманици“ и „Оставка“.

Според дел од нив, Грција не заслужувала таква влада и затоа треба што поскоро да си замине.

Јавниот службеник Јоргос Аргирос вели:

„Владата треба брзо да си даде оставка, да замине со трчање. Тие ќе бидат отстранети ноќе преку прозорците. Треба да влеземе во парламентот и да искршиме се“, вели Аргирос.

38-годишниот Тасос Кацијанис, пак, вели:

„Ја имаме најлошата влада во Европа. Не можеме повеќе да толерираме таква влада и сакаме таа да си замине. Колку побргу ќе замине, толку подобро ќе биде за земјата“, вели тој.

Минатата недела земјите од еврозоната и дадоа на презадолжената Грција уште еден спасувачки кредит во вредност од 8,5 милијарди евра и понудија дополнителна гаранција на патот до можно отпишување на грчкиот долг.

Но, учесниците на протестот не се импресионирани од тоа.

Мери Теофанопулу, која исто така смета дека вадата треба да си замине што поскоро, вели:

„Од моментот кога оваа влада беше изгласана, чувствувам дека мојата земја нема влада. Чувствувам дека сме без кормило, како брод кој плови десно и лево, како што го носи морето“, вели таа.

Левичарската влада на премиерот Алексис Ципрас раководи во земјата од јануари 2015 година.

Грција од 2010 година досега доби 3 спасувачки пакети, а токму во 2015 година, таа земја дојде на работ на излегување од еврозоната.

Стапката на невработеност во земјата, исцрпена од неколкугодишното штедење што го бараат меѓународните кредитори, се уште изнесува над 23 отсто.