Заев уверен дека ќе формира влада, од ДУИ се уште воздржани

Заедничка фотографија на лидерите на СДСМ, Зоран Заев и на ДУИ Али Ахмети.

Обезбедени се потписите за добивање на мандатот, рече претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска. Портпаролот на ДУИ Бујар Османи, пак, рече дека вчерашната партиска одлука не значела по автоматизам поддршка за формирање влада, туку имало уште прашања кои треба да се договорат.

Обезбедени се потписите за добивање на мандатот, рече претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска во Сараево каде што престојува во работна посета. Најзначајните прашања, тоа се идната владина програма, платформата на СДСМ, платформата на албанските партии и законот за употреба на јазиците, се веќе усогласени додаде Заев.

„Останува да седнеме со претседателите на другите партии, да се договориме за ресорите, за кадрите во делот на владата и верувам дека за некои 10-15 дена, Македонија ќе има нова влада предводена од СДСМ“ рече Заев.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Заев - Влада ќе има за две недели

Портпаролот на ДУИ Бујар Османи, пак, прашан да ја коментира ваквата изјава на Заев рече дека точно е оти надминале една важна препрека вчера, но дека остануваат уште прашања да се усогласат ако се решат на заедничко владеење во наредниот период.

„Ќе треба да се усогласат платформите на партиите за целиот мандат, има и прашања кои партии ќе бидат во коалиција, има прашања кои треба да се разговараат... Затоа ова вчера што се случи, не значи по автоматизам поддршка за формирање влада, туку само надминување на една важна препрека од процесот“, рече Османи на прес-конференција во партиското седиште во Чаир.

Покрај потписите од десетте пратеници на Ахмети, за кои според изјавите на ДУИ, би можело да се знае утре, од Беса и од Алијансата за Албанците, кои заедно имаат осум пратеници, веќе најавија дека тие ќе им ги дадат потписите, но потоа ќе преговараат за влада.

Со собраните минимум 61 потпис Заев треба да го побара мандатот од претседателот Ѓорге Иванов. Тој пак на први февруари кога ја соопшти таквата одлука, постави и уште два услова - заштита на државните интереси на Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата и системска реформа во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност.

Според Темелко Ристески, професор на Факултетот за општествени науки, оправдани се ставовите дека тој може да одлучи да не го даде мандатот на Заев повикувајќи се на тоа дека не се исполнети условите.

„Следејќи ја досегашната политика на претседателот и неговиот однос со актуелната владејачка гарнитура, на кој што наликува дека и е апарат, може се да се очекува “ вели Ристески.

Тој нагласува и дека поставувањето вакви услови не е уставна ингеренција на претседателот и дека ако се држи до тоа, како што додава, може да направи грубо прекршување на Уставот.