Обама како најголеми постигнувања ги посочи неговиот нуклеарен договор со Иран, отворањето кон Куба и заживувањето на американската економија.
Според неговата оценка, тој постигнал повеќе за време на неговиот осум годишен мандат отколку што и неговите поддржувачи мислеле дека е можно.
„Според скоро секоја мерка, Америка е подобро и посилно место од тогаш кога започнавме. Остануваме најбогата, најмоќна и најпочитувана земја“, рече Обама.
Тој исто така наведе што според него се најсериозни закани на кои треба да работат идните претседатели и граѓаните.
Обама оцени дека растечкото одбивање на имигрантите претставува закана, потенцирајќи дека Америка од нејзиниот почеток била земја на имигранти.
Притоа тој посочи дека економската и културната сила потекнува од мешањето на раси и националности во Америка.
„Нашата младост и носечка сила, нашата различност и отвореност, нашиот безграничен капацитет за ризик и повторно откривање значат дека иднината треба да биде наша. Но, таквиот потенцијал ќе го оствариме само ако функционира нашата демократија“, рече американскиот претседател.
Обама додаде дека растечката нееднаквост, демографските промени и тероризмот и се закануваат на американската демократија која, како што рече, „бара основно чувство на солидарност, односно дека сите сме заедно и се креваме или паѓаме како еден“.
Тој побара поголема работа во надминување на поделбите, изолацијата и дискриминацијата на оние што, како што рече, изгледаат и мислат поинаку од другите.
„Ја отфрлам дискриминацијата против американските муслимани кои се патриоти исто како и ние“, рече Обама.
Според него, внтарешните поделби на општеството претставуваат исто толку голема закана како надворешните опасности од терористите и диктаторите во светот.
„Значи ајде да бидеме претпазливи, но не и да се плашиме. ИД ќе се обидува да убива невини луѓе. Но, тие не ќе можат да ја поразат Америка се додека не ги предадеме нашиот Устав и нашите принципи во борбата. Ривалите како Русија или Кина не можат да се рамнат со нашето влијание во светот се додека ние не се откажеме од она зад што стоиме и да се претвориме во уште една земја која ги застрашува помалите соседи“, изјави Обама во прошталниот говор одржан во Чикаго.