Достапни линкови

Русија зад сајбер нападите во САД


Руските сајбер напади голема закана за САД
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:18 0:00

Руските сајбер напади голема закана за САД

Руските сајбер напади претставуваат голема закана за Соединетите Држави, оценија шефовите на американските разузнавачки агенции во сенатскиот Комитет за оружените сили. Според американските медиуми, биле идентификувани и Русите кои му обезбедувале на Викиликс хакирани мејлови од Демократската партија.

На сослушувањето во Комитетот на чие чело е републиканецот Џон Мекејн, кој е голем критичар на рускиот претседател Владимир Путин, беше нагласено дека Москва е голема закана за американските интереси поради, како што беше кажано, „многу напредната офанзивна сајбер програма, како и софистицираните можности“.

Шефот на разузнавачките служби Џејмс Клапер, кој координира 17 американски агенции, изјави дека највисоки претставници на руската влада стоеле зад мешањето во американските претседателски избори.

„Русија очигледно презеде поагресивно сајбер држење со зголемување на сајбер шпионските операции, истекување на податоци украдени од тие операции и таргетирање на клучните инфраструктурни системи“, рече тој.

Клапер одби руското хакирање да го оцени како „воен акт“.

Таков став зазеде и портпаролот на Белата куќа Џош Ернст, кој рече дека пртетседателот Барак Обама проблемот го сфаќа многу сериозно.

Американските медиуми јавуваат дека американските разузнавачки агенции ги идентификувале русите кои давале хакирани мејлови за Викиликс во напорите да се влијае врз претседателските избори во САД.

Весникот Вашингтон пост и новинската агенција Ројтерс известуваат дека ЦИА имала идентификувано руски официјални личности кои го полнеле Викиликс со хакирани материјали од Демократската партија и нејзините лидери.

Ројтерс прецизира дека овие наоди биле содржани во тајниот документ на американските разузнавачки агенции предаден на претседателот Барак Обама.

Документот денеска ќе му биде предаден на избраниот претседател Доналд Трамп.

Овие наоди се важни, бидејќи основачот на Викиликс Џулијан Асанж демантираше дека хакираните материјали биле од русите.

Доналд Трамп се повикуваше токму на изјавите на Асанж при неговото негирање дека Русија била инволвирана во хакирањето на Демократската партија.

Трамп и неговите советници веруваат дека демократите се обидуваат да ја делегитимизираат неговата изборна победа со тоа што ја обвинуваат Русија дека му помогнала.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG