Германската полиција трага по Тунижанец за нападот во Берлин

Германската полиција трага по Тунижанец чии документи беа пронајдени во камионот кој удри во преполн божиќен базар во Берлин, при што уби 12 луѓе, а педесетина беа повредени. Весникот Велт и неделникот Шпигел денеска објавија дека човекот пристигнал во Германија како бегалец оваа година. Неговите документи вчера биле пронајдени во кабината на камионот.

Германската полиција соопшти дека ја засилила потрагата по возачот на камионот со кој беше извршен нападот. Полицијата денеска изрази увереност дека наскоро ќе го најде возачот, но ги предупреди жителите на Берлин да се пазат од вооружениот напаѓач кој е во бегство. Велат дека во нападот може да е вклучен повеќе од еден човек. Полицијата соопшти дека има „добри докази“ и „многу траги“ и оти околу 500 луѓе пријавиле нешто во врска со нападот.

Берлинската полиција првично уапси 23-годишен мигрант од Пакистан, но вчера го ослободи поради тоа што не најде докази кои го поврзуваат со инцидентот.

Исламската држава вчера соопшти дека го инспирирала нападот, велејќи дека напаѓачот бил „војник на Исламската држава“, кој одговорил на повиците за напад врз жителите на земјите од коалицијата предводена од САД, која се бори против ИД во Сирија и во Ирак.

Германската канцеларка Ангела Меркел, која е под женстоки критики поради тоа што им дозволи на околу 890 илјади мигранти да влезат во Германија во 2015 година, рече дека би било „одвратно“ ако бегалец кој побарал засолниште во Германија е извршител на нападот.