Мигрантите ќе се регистрираат и на Балканот

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Мигрантите ќе се регистрираат на Балканот

ЕУ ја разгледува можноста за дополнителни центри во балканските земји кои не се членки на Унијата за проверка на барањата за азил од десетиците илјади мигранти кои од Грција одат на север. Брисел страхува дека некои членки на Унијата не ќе можат да го издржат големиот мигрантски прилив.

Министрите за внатрешни работи на Европската унија на состанокот во Брисел решија значително да ги заштитат надворешните граници на Унијата со јакнење на граничните контроли и со воспоставување контролни точки во Италија и Грција.

Таму ќе биде утврдувано кои се бегалци од војните, а кои се мигранти кои можат или не можат да добијат азил.

Со цел да биде запрен се поголемиот и неиздржлив мигрантски прилив министрите ја разгледале и можноста илјадниците мигрантите кои дневно пристигнуваат во Грција и кои главно недокументирани излегуваат од таа земја да бидат проверувани во дополнителни центри на Балканот.

Жан Аселборн, шефот на дипломатијата на Луксембург, кој претседава со Унијата предупреди дека некои земји не можат да го издржат бегалскиот бран.

Навистина е илузија и е невозможно да се бара од една земја, особено од Грција, да прима 10 илјади луѓе на ден и при тоа да се врши скрининг, да се земаат отпечатоци, да се слушаат животните приказни на овие луѓе и да се донесе одлука што е многу важна за нивниот живот.
Жан Аселборн, шеф на дипломатијата на Луксембург.

„Навистина е илузија и е невозможно да се бара од една земја, особено од Грција, да прима 10 илјади луѓе на ден и при тоа да се врши скрининг, да се земаат отпечатоци, да се слушаат животните приказни на овие луѓе и да се донесе одлука што е многу важна за нивниот живот“, рече Аселборн.

Според него, концептот се уште треба да се утврдува, но во овие центри по должината на балканската рута низ која минуваат мигрантите ќе треба да се врши и процесот на испитување на валидноста на барањата за азил, односно за враќање на мигрантите.

Ако луѓето, вклучувајќи ги и сириските бегалци и Азијците што бараат работа во богатата Европа, продолжат да заминуваат на север од Грција, тоа ќе значи и делумен неуспех на планот на Брисел да и помогне на Атина да се справи со мигрантите во согласност со правилото дека барањата за азил треба да се разгледуваат во првата земја од Европската унија во која тие влегуваат.

Но, европските дипломати велат воспоставувањето дополнителни центри било мотивирано поради тоа што Германија, Шведска и другите богати европски земји велат дека повеќе немаат место за прием на бегалците.

Постои стравување дека, со доаѓањето на зимата, бегалците ќе се најдат блокирани во сиромашните балканските земји во студено време што само ќе ја влоши хуманитарна криза.

Во овие центри би работел персонал од Европската унија кој би вршел регистрација и идентификација, како и утврдување на тоа дали луѓето имаат право на азил во Европа. Оние што нема да ги исполнуваат условите ќе бидат депортирани од Европа.

Во минатиот месец, лидерите на ЕУ се согласија со балканските земји, меѓу кои и Србија и Македонија, за да се обезбеди сместување за 50 илјади луѓе.

Претставник на Унијата вчера изјави рече дека би можело да има преклопување меѓу ваквите места за засолнување со предложените центри за обработка на податоците на бегалците.