Достапни линкови

Студеното време не го намалува мигрантскиот бран


Студеното време не го намалува мигрантскиот бран
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:40 0:00

Студеното време не го намалува мигрантскиот бран

Бранот мигранти и бегалци продолжува и покрај влошувањето на временските состојби кои го зголемуваат ризикот од натамошни трагедии. Во меѓувреме, германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека е недозволиво меѓу две земји членки на НАТО да оперираат шверцери на луѓе.

Бегајќи од конфликтите на Блискиот Исток, Азија и Африка бегалците ги ризикуваат животите и со гумени чамци и натаму од Турција се префрлаат во Грција по што преку балканската рута заминуваат кон побогатите европски земји.

„Избегавме од убивања и од се што таму не прави да се чувствуваме лошо. Јас само сакам да бидеме среќни“, вели Калиф, бегалец од Ирак.

Скоро секој ден на бреговите на грчките острови се случуваат трагедии при обидот на мигрантите да се префрлат на некој грчки остров.

Само во минатата недела се удавија над 60 луѓе, скоро половината од нив, биле деца.

Во таквиот хаос има многу кои им помагаат на мигрантите. Им носат храна и им ги насочуваат чамците на побезбедни места на островите.

Мораме да ја вратиме законитоста. Во спротивно криумчарите ќе шверцуваат се повеќе и повеќе луѓе.
Ангела Меркел, канцелар на Германија.

Многумина од доброволците, како што велат, дошле да помагаат откако ги виделе нивните страдања на телевизија.

„Ние сме во Лезбос во групи од пет луѓе и една недела ќе им помагаме на бегалците, во храна, облека и друго. Мора да го почувствувате тоа самите за да знаете колку е лошо сето ова“, вели Лине Ренхол, доброволец од Норвешка.

И грчкото локално население им помага на бегалците чиј бран не се намалува и покрај влошените услови на Егејско Море.

Шефот на еврогрупата Јерун Дијсеблум изјави дека на Грција, која се бори со финансиски тешкотии, и е неопходна помош во справувањето со големиот број мигранти и бегалци кои преку нејзина територија се обидуваат да влезат во Европа.

„Грција не може сама да излезе на крај со овој голем хуманитарен предизвик“, изјави тој, наведувајќи дека Европската комисија би требало да ги земе предвид финансиските последици од бегалската криза кога ќе се изјаснува за буџетите на земјите членки кои се изложени на таа криза.

Во понеделникот германскиот канцелар Ангела Меркел изјави дека не може да се дозволи шверцери на луѓе да оперираат меѓу две земји членки на НАТО, Грција и Турција.

„Мораме да ја вратиме законитоста. Во спротивно криумчарите ќе шверцуваат се повеќе и повеќе луѓе“, изјави таа на собир на нејзината Демохристијанска партија во Дармштад, во близина на Франкфурт.

Германија која е најголема европска економија стана магнет за економските мигранти и за бегалците од војните на Блискиот Исток, Азија и Африка и сега очекува над 800 илјади до милион баратели на азил до крајот на годинава.

Ваквиот огромен бран отвори поделби во германската владејачка коалиција. Баварската сестринска партија на конзервативците на Меркел бара поостри мерки за намалување на бројот на мигрантите.

Во меѓувреме, Европската унија изрази загриженост од можноста дека шверцерите со луѓе би можело да отворат нова морска рута за Италија од Албанија доколку границите на копно на Балканот бидат целосно затворени.

Од Турција во Грција, преку таканаречената балканска рута, само годинава поминале над 600 илјади мигранти и бегалци.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG