Невладини со свои „црвени линии“ во преговорите

Резиденцијата на ЕУ во Скопје.

Граѓански организации доставија писмо до ЕУ и САД потсетувајќи на своите црвени линии до кои може да се оди во преговорите.

Еден ден пред преговорите кои треба да се одржат во Брисел меѓу Никола Груевски и Зоран Заев со посредништво на еврокомесарот Јоханес Хан, шеесет и една невладина организација предадоа писмено барање до претставништвата на Европската унија и САД во Скопје, во кое тие потсетуваат на своите црвените линии до кои може да се оди во преговорите, но исто така ја критикуваат изјавата на еврокомесарот Хан, дадена во САД, во која тој, последните парламентарни избори одржани во 2014 година, ги оквалификува како генерално позитивни, притоа, наведувајќи дека извештаите на ОБСЕ/ОДИХР констатираат генерално демократска атмосфера.

Во нашето писмо се нагласува дека Груевски треба да си даде оставка и да не биде дел од преодната влада. Ова барање се темели на тоа дека изборните процеси до сега претставуваа изборен фалсификат, а со „бомбите“ на опозицијата тие се делегитимираа, но и неговиот тим министри.
Уранија Пировска, Хелсиншки комитет за човекови права.

За нас е нејасно кој е мотивот на еврокомесарот Хан да даде позитивна оценка за изборите и дали тој алудира на тоа дека Груевски би можело да биде оној кој би ги спровел изборите во 2016, се вели во писмото. Сакаме да потсетиме дека ефикасно спроведени избори, воедно, не значат и фер и демократски избори, изјави Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет, која дополни дека изјавата на Хан ја сметаат за крајно непринципиелна и во најмала рака неиздржана.

„Да не заборавиме дека ОБСЕ/ОДИХР, во извештајот на кој се повикува комесарот Хан, се осврнуваат на низа недоследности и незаконитости во изборниот процес, почнувајќи од селективниот пристап на медиумите во информирањето, прогонот на неистомислениците, неподеленоста меѓу државата и партијата, како и констатацијата дека за време на изборите можеше да се почувствува структурно насилство кое пред сѐ, се однесува на државната администрација. Во нашето писмо се нагласува дека Груевски треба да си даде оставка и да не биде дел од преодната влада. Ова барање се темели на тоа дека изборните процеси до сега претставуваа изборен фалсификат, а со „бомбите“ на опозицијата тие се делегитимираа, но и неговиот тим министри“, вели Пировска.

Дали власт која ги слуша своите граѓани, која го слуша цивилниот сектор кој што е критичен по дефиниција може да се корегира? –Не, таа мора да си замине.
Марјан Забрчанец, граѓанска иницијатива АЈДЕ.

Таа исто така нагласи дека ЕУ и САД имаат голема одговорност во спроведувањето на демократијата во Македонија.

„Релативизирањето на проблемите со политичката криза во земјава, демократијата и нефункционирањето на институциите само ќе помогнат да се одржува диктатурата во земјава што ќе претставува големо разочарување за сите проевропски граѓани што сакаат да живеат во демократрија и просперитет“, додаде Пировска.

Марјан Забрчанец од иницијативата АЈДЕ, пред предавањето на писмото во седиштето на ЕУ во Скопје нагласи дека зад тоа писмо стојат 61 невладина организација кои се загрижени оти и понатаму се гази човековото достоинство во земјава. Забрчанец смета дека во Македонија, Уставот е само празно слово на хартија и власта со него си игра мајтап. Вчера уште еднаш се уверивме дека власта на големо го крши членот 17 од Уставот на Македонија, со кој би требало да се гарантира тајноста на општењето во комуникациите на граѓаните, рече Забрчанец.

„Дали власт која ги слуша своите граѓани, која го слуша цивилниот сектор кој што е критичен по дефиниција може да се корегира? –Не, таа мора да си замине“, изјави Забрчанец.