Достапни линкови

Брисел - шанса за договор


Нѐ очекува долг и мачен процес за решавање на кризата, прогнозираат експертите во пресрет на утрешната средба во Брисел.

Скромни се очекувањата на домашната јавност пред утрешната средба на Никола Груевски и Зоран Заев со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во Брисел. Дури и да има некаков договор од утрешните преговори, очекувам долгорочен процес, бидејќи средбата утре е само гасење на пожар, вели Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика.

Очекувам долги и комплексни преговори со малку веројатност да дојде до поволен краен резултат. Можеби има некои меѓурезултати бидејќи ЕУ е под некаков императив да покаже некаков успех. Што и да се постигне, тие ќе сакаат да го прикажат како договор.
Малинка Ристевска-Јорданова, Институтот за европска политика.

„Очекувам долги и комплексни преговори со малку веројатност да дојде до поволен краен резултат. Можеби има некои меѓурезултати бидејќи ЕУ е под некаков императив да покаже некаков успех. Што и да се постигне, тие ќе сакаат да го прикажат како договор. Но, што и да се постигне, ситуацијата е комплексна двете страни имаат црвени линии и воопшто не е лесно да се дојде до некаков договор“, изјави Ристевска-Јорданова.

Професор Башким Селмани, пак, вели дека лидерите утре ќе добијат шанса да се договорат, но дека за тоа да се случи мора да има отстапки и од двете страни.

Јас верувам дека во овој случај ЕК треба да врши повеќе притисок за да доде до одредени договарања, оти во спротивност само ќе се продлабочува кризата и тоа нема да биде ниту во интерес на опозицијата ниту во интерес на власта.
Башким Селмани, универзитетски прфесор.

„Јас верувам дека во овој случај ЕК треба да врши повеќе притисок за да доде до одредени договарања, оти во спротивност само ќе се продлабочува кризата и тоа нема да биде ниту во интерес на опозицијата ниту во интерес на власта“, вели Селмани.

Но, дури и да се дојде до договор, Јорданова се сомнева дека истиот ќе биде спроведен поради недовребата и досегашното искуство со спроведувањето на слични договори. Јорданова очекува ЕУ да биде инволвирана до крајот на овој процесот.

„Се надевам дека начинот на којшто ќе биде инволвирана ќе биде многу покредибилен и многу повеќе ќе води сметка за вредностите и крајните цели отколку за краткорочните политички добивки, како на пример да се одржи препораката или да има некоја нормализација на политичкиот живот којашто во суштина само ќе ги затскрие само наталожените проблеми“, вели Јорданова.

Клучно е и едната и другата страна да ги ублажат тврдите позиции околу преодната влада, смета Селмани.

„Ако не попуштат двете страни не верувам дека проблемот ќе се реши. Тие немаат слух за маките на народот. Малку повеќе да ги слушаа луѓето, сигурно дека ќе попуштеа. Тие ги читаат само своите политички и индивидуални интереси, наместо реалната состојба во Македонија“, вели Селмани.

Во недостиг на очекувања и какви било коментари околу утрешната средба од страна на меѓународните претставници, со реакција засега стигна само од портпаролката на Хан, Маја Коцијанчич.

„Се подготвуваме за утрешната средба и веруваме дека решение на политичката криза е од најголема важност и се разбира ЕУ игра силна улога во помагање за истата да се реши. Очекуваме политичките лидери да учествуваат на оваа средба и од ограмна важност е тоа да го направат. Што се однесува до прашањата за кои ќе се разговара, јасно кажавме, а тоа го кажа и комесарот Хан дека некои од прашањата се дискутирани и за нив постои договор, но има и такви за кои ќе се разговара во среда“, изјави Коцијанчич.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG