Институциите кријат информации од јавен карактер

Со известување дека ја немаат бараната информација, голем дел од институциите правно се заштитуваат од понатамошни жалби за неодговарање на новинарските барање за пристап до информации.

Министерство за финансии, Генерален секретаријат на Влада, Министерство за внатрешни работи, Министерство за култура, Фонд за здравство и Министерство за здравство, како и Министерството за правда се институциите кои се наоѓаат на црната листа на најзатворени институции, покажала анализата на Институтот за човекови права за спроведување на законот за пристап до информации од јавен карактер.

Еден од колегите прашал колку тужби биле поднесени против МВР во 2012 година од припадниците на МВР по разни основи, од работен однос до повреди, штета и така натаму. Одговорот кој го добил колегата од МВР е дека тоа е сложена постапка и дека судскиот систем е тромав и гломазен и дека не можат да му дадат податок колку тужби имаат против себе од своите вработени.
Саше Димовски,

Раководителот на проектот, новинарот Саше Димовски, вели дека со известување дека ја немаат бараната информација голем дел од институциите правно се заштитуваат од понатамошни жалби или евентуално судски постапки за неодговарање на новинарските барање за пристап до информации.

„Еден од колегите прашал колку тужби биле поднесени против МВР во 2012 година од припадниците на МВР по разни основи, од работен однос до повреди, штета и така натаму. Одговорот кој го добил колегата од МВР е дека тоа е сложена постапка и дека судскиот систем е тромав и гломазен и дека не можат да му дадат податок колку тужби имаат против себе од своите вработени“, вели Димовски.

Во делот на недобивањето на информации се случува да не можеме да иницираме постапка, затоа што кога ќе им објасниме на странките каква е понатамошната постапка и дополнително каков е временски ограничениот рок за поднесување на приватни тужби, најчесто странките се откажуваат од тие постапки.
Александар Тумановски, адвокат.

Трошоци на градоначалници за патување во странство, трошоци за реклами во домашни и странски медиуми, колку пари дале институциите или општините на невладини организации за проекти и кои се тие, колку луѓе се вработени во општините, трошоци за патување на владини делегации и на патувања на новинари со нив, како и трошоци за патување на премиерот при посети за привлекување на странски инвестиции, број на заштитени сведоци и притворени лица, како и исплата на штети на неосновано осудени. Ова се дел од прашањата на кои новинарите не добиле одговор.

Дел од нив и покрај упорноста да поднесат жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, останале без информација.

„Ова истражување покажа и еден неверојатен податок, а тоа е Фондот за здравство и претходно и Државниот завод за ревизија, не само што не ја дале информацијата којашто била побарана од нив од новинарите, туку Фондот за здравство, кој бил задолжен од Комисијата да му одговори на барателот, во случајов станува збор за невладина организација, Фондот поднел тужба до Управниот суд, иако како орган кој одлучувал и ја водел првостепената постапка по барање на слободен пристап до информации, не може да се легитимира во управна постапка и не е странка“, вели Димовски.

Во потрагата по информации, освен новинарите и невладините организации, проблеми имаат и адвокатите. Адвокатот Александар Тумановски вели дека во приватните тужби каде што не се постапува по службена должност се обраќаат до МВР за информација и оттаму понекогаш добиваат делумна, а понекогаш и не добиваат информација.

„Во делот на недобивањето на информации се случува да не можеме да иницираме постапка, затоа што кога ќе им објасниме на странките каква е понатамошната постапка и дополнително каков е временски ограничениот рок за поднесување на приватни тужби, најчесто странките се откажуваат од тие постапки“, вели Тумановски.

Тој додава дека од друга страна во делот на делумно добиени информации се соочуваат со проблем во судот кој што од нив како подносители на тужба бараат целосна информација.

Претседателот на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, вели дека еден од основните проблеми е неспроведувањето во целост на законот за слободен пристап до информации.

„Законско решение „да“, но доколку тоа законско решение не се имплементира во пракса, тоа е еднакво на нула, обезбедување само на теоретски права не го задоволува стандардот во повеќе аспекти, тие права мора во пракса да се реализираат“, вели таа.

Скратување на роковите за одговор, зајакната контрола врз имателите, а информациите, редефинирање на дел од законот, градење на судска пракса и зголемување на употребата на законот во барањето на информација од слободен пристап се заклучоците во анализата.