Достапни линкови

Никој не поднесува извештај за делбата на државниот колач


Ретко која институција на својата интернет страница објавува тековен буџет, минати буџети, завршни сметки, периодични извештаи за да можат граѓаните да увидат како се трошат нивните пари, беше истакнато на денешната конференција „Транспарентност, перформанси и отчетност на Буџетот на Република Македонија“, во организација на Центарот за економски анализи (ЦЕА) и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“-Скопје (ИДСЦС) .

Како дел од едногодишниот проект, тие ја истражувале и интернет транспарентноста на институциите кои се финансираат од централниот буџет. Институцијата Претседател, потоа Владата, УЈП се само дел од институциите, кои на своите веб страници не кажуваат како ги трошат јавните пари.

Ако фискалната стратегија доцни, тоа значи дека вие буџетот, финансискиот дел, го правите без политики, значи вие немате политики, вие тогаш на пленарна седница дискутирате само за финансискиот дел на буџетот, т.е. кој колку ќе добие.
Марјан Николов, претседател на Центарот за економски анализи.

Од 91 институција, тие оценувале интернет транспарентност на 60, а од тие само две на својата веб страница го објавуваат буџетот за тековната година. Но интернет транспарентноста е само еден дел, вели Марјан Николов, претседател на Центарот за економски анализи. Според него, посуштинско е тоа што се доцни со фискалната стратегија. Крајниот рок да се објави таа е 31 мај, но во земјата таа три години по ред се објавува неколку месеци подоцна.

Тоа е фискалната стратегија, документ што го објавува Македонија, предлог буџет којшто не е јавно објавен, усвоен буџет којшто е јавно објавен, граѓански буџет кој што не се подготвува во Македонија, периодични извештаи коишто многу оскудно се објавуваат, полугодишне извештај којшто никој не го објавува, завршна сметка и ревизорски извештај.
Миша Поповиќ, истражувач во Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.

„Ако фискалната стратегија доцни, тоа значи дека вие буџетот, финансискиот дел, го правите без политики, значи вие немате политики, вие тогаш на пленарна седница дискутирате само за финансискиот дел на буџетот, т.е. кој колку ќе добие, значи тоа е повик, кога се планира буџетот за наредната година ги повикувате буџетските корисници од прва линија да влегуваат во преговори со Министерството за финансии, не за стратешките приоритети на владата, туку ги повикувате да разговараат - ајде сега да го поделиме колачот“, вели Николов.

Тој додава дека во земјата нема ни минимум култура на резултати, односно да се постави цел и потоа она што ќе се добие како резултат, да се спореди со претходно поставената цел, за што дава и пример.

„Речиси 40 проценти од буџетските корисници во Македонија не објавуваат никакво објаснување за разликите во предвидените и реализираните расходи, не ги интересира“, вели Николов.

Буџетски најтранспарентни институции, според истражувањето, се Агенцијата за правата на заедниците, Фондот за здравствено осигурување и Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

Миша Поповиќ, истражувач во Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, наведува што се подразбира под буџетска транспарентност според меѓународните институции и како тука стои Македонија.

„Тоа е фискалната стратегија, документ што го објавува Македонија, предлог буџет којшто не е јавно објавен, усвоен буџет којшто е јавно објавен, граѓански буџет кој што не се подготвува во Македонија, периодични извештаи коишто многу оскудно се објавуваат и тоа само агрегирано, не на ниво на програми и или на ниво на институции, полугодишне извештај којшто никој не го објавува, завршна сметка и ревизорски извештај“, вели Поповиќ.

Едногодишниот проект на Центарот за економски анализи и на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, е поддржан од Европската унија.

„Финансиската криза ни покажа колку всушност се важни јасното и исцрпно известување за јавниот долг, за финансиските политики, за јавните финансии и справувањето со економските шокови“, рече евроамбасадорот Аиво Орав.

Постојаниот претставник на Меѓународниот монетарен фонд во Македонија, Патрик Гитон вели дека фискалната транспарентност не говори само за обелоденување на информации, туку е поопсежна тема, односно клучен елемент за добро функционирање на макро економските политики.

Тој го претстави и новиот кодекс на ММФ за фискална транспарентност и евалуација.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG