Достапни линкови

Претседателот и владата трошат, а не кажуваат


Институцијата Претседател, потоа Владата, УЈП се само дел од институциите, кои не кажуваат како ги трошат јавните пари, покажало истражувањето на Центарот за економски анализи. Од 91 институција, тие оценувале 60, а од тие само 2 на својата веб страница го објавуваат буџетот за тековната година.

Институцијата Претседател на Република Македонија е најнетранспарентна институција за тоа како ги троши буџетските пари. Според резултатите од истражувањето на невладините организации „Центар за економски анализи“ и на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, меѓу малку транспарентните институции за тоа како ги собираат, распределуваат и трошат јавните пари се и Владата, Јавното обвинителство, Агенцијата за странски инвестиции и Управата за јавни приходи.

Кога се зборува овде за транспарентност се мисли на објавување на главни документи коишто се дефинирани согласно буџетскиот процес. Генерално се мисли на завршни сметки на месечни извештаи, буџетски планови, програма за работа и стратешки планови.
Марјан Николов, претседател на Центарот за економски анализи.

Претседателот на Центарот за економски анализи, Марјан Николов, вели дека методолошкиот пристап којшто го примениле во истражувањето се базира на меѓународни практики за мерење на буџетската транспарентност на централните власти. Тој посочува дека во рамките на истражувањето агенциите, министерствата и управите се гледани како буџетски корисници.

„Кога се зборува овде за транспарентност се мисли на објавување на главни документи коишто се дефинирани согласно буџетскиот процес. Генерално се мисли на завршни сметки на месечни извештаи, буџетски планови, програма за работа и стратешки планови. Сметаме дека Република Македонија е на едно ниво каде што веќе треба квалитативно да премине во нешто што се нарекува буџетирање по основа на перформанси или врз основа на резултати. Значи, буџетските трошења треба да имаат одредена цел, а таа цел треба да биде врзана со некој резултат што се сака да се постигне. Не е резултат да се каже дека ќе се изгради на пример болница, зграда или градинка. Македонија во буџетскиот процес и во јавните финансии е доста напредната и веќе треба да почне да размислува да ја фати патеката на добрите практики на поразвиените земји на зголемување на фискалната и буџетската транспарентност и поттикнување на буџетското мерење на перформансите.“

Но, кај нас едноставно не се разговара на таа тема. Се прифати преќутно дека не може да се добие информација за тоа како се трошат буџетските пари што сметам дека е многу погрешно.
Слаѓана Тасева, Транспаренси Интернешнл – Македонија.

Буџетски најтранспарентни институции, според истражувањето, се Агенцијата за правата на заедниците, Фондот за здравствено осигурување и Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Организациите ја оценувале буџетската транспарентност на 60 државни институции од вкупно 91 наведени во Буџетот на Македонија. Тие анализирале колкава е транспарентноста на нивните интернет страници, користејќи прашалници од кои одговорите ги вреднувале со бодови.

Резултатите покажале дека од година во година буџетската транспарентност на јавните институциите во земјава се влошува. Само 2 од 60 институции на својата веб страница го објавуваат буџетот за тековната година, а само Министерството за финансии и Министерството за здравство го објавуваат тековниот буџет. Минимален е и бројот на институции кои ги објавуваат буџетите од претходните години.

Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл – Македонија, вели дека во земјава и на централно и на локално ниво постои изразена нетранспарентност во трошењето на јавните пари. Тасева смета дека во законската регулатива постојат минимум барања институциите да ги објавуваат извештаите за тоа како ги трошат јавните пари, но според неа ниту тие барања не се почитуваат.

„Законски механизми постојат. Постои барање институциите да си ги објавуваат извештаите и тие самите се обврзуваат да објавуваат извештаи. Во многу закони постојат барања да се направи извештај до друга институција која што треаба да спроведува надзор и контрола, меѓутоа тоа се минимум барања коишто се вградени во нашите закони и ниту тие барања не се почитуваат до крај. На пример не можеме да видиме каков е буџетот и како е трошен на Министерството за внатрешни работи, или на Министерството за одбрана, на Јавното обвинителство или Државната комисија за спречување на корупцијата. Ние само слушаме дека буџетот не бил доволен, но зошто не бил доволен, дали учествувале во постапката на креирање на буџетот и како ги потрошиле тие пари што ги имале, не можеме да видиме. Треба да се воведат законски обврски, постојат добри примери во другите држави каде што тоа го уредуваат комисионерите за пристап до информации коишто бараат од институциите задолжително да објавуваат информатори на овие теми. Но, кај нас едноставно не се разговара на таа тема. Се прифати преќутно дека не може да се добие информација за тоа како се трошат буџетските пари што сметам дека е многу погрешно“, вели Тасева.

Таа додавa дека потребна е поголема иницијатива од страна на граѓаните за тоа како се трошат буџетските пари, бидејќи политиката и властите тоа нема да го направат самите.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG