ВМРО-ДПМНЕ: Заев продолжува да одработува за странски служби

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагира дека Зоран Заев го продолжува своето одработување за странски центри „со објавување на креирани материјали, со што се надева дека без поддршка од граѓаните, без програма, проекти и идеи, ќе го донесе на власт“.

„Се разбира, потоа тој е свесен, а очигледно и подготвен да ги исполни очекувањата на неговите шефови од странство. Човекот кој јавно и соопшти на целата македонска јавност дека македонскиот народ треба да ја свитка кичмата, кој по СМС пораки ги информираше другите партиски лидери дека на власт ќе го донесат пријатели од странство и кој на премиерот најмалку пет пати му потврдил дека креираните материјали му се од странски служби, очекува народот да му верува и да гласа за него на избори. Човекот кој што јавно говореше дека сите вработувања во Струмица се партиски и испрати порака до граѓаните дека кога ќе дојде на власт сите вработени ќе бидат заменети со членови на СДСМ, со цел памет се надева дека ќе го убеди народот да му даде мнозинска поддршка на избори. Со секоја прес-конференција Зоран Заев само докажува дека е соработник и инструмент на странски разузнавачки служби, како што самиот тврдеше“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по денешната прес-конференција на Заев.