Во Молдавија водат проевропските партии

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

На изборите во Молдавија водат проевропските партии

На вчерашните парламентарни избори во Молдавија водат проевропските партии. Резултатите покажуваат дека тие ќе можат да формираат нова влада и покрај тоа што проруската Социјалистичка партија освои најмногу гласови.

Либерално демократската партија на премиерот Јури Леанча и Демократската партија, кои се дел од владејачката проевропска коалиција и која ја водат земјата од 2009 година, заедно имаат околу 44 отсто од гласовите.

Гласавте за просперитетна Молдавија, заедно со силна Русија. Гласавте за Молдавија во царинска унија со Русија. Она што го ветивме ќе го исполниме.
Игор Додон, лидер на социјалистите.

Либералната партија, која исто така е проевропска, но која минатата година ја напушти владејачката коалиција и премина во опозиција има над 9 проценти од гласовите.

Проруската Социјалистичка партија има освоено над 21 отсто, додека поумерените комунисти скоро 18 проценти.

Лидерот на социјалистите Игор Додон по изборите рече дека било прерано да ги каже неговите опции за формирање влада.

Гласав за Молдавија еднаш засекогаш да ги надмине проблемите во кои западна во изминативе пет години, од корупцијата и оваа мафија која ја опседна цела Молдавија и сите нејзини граѓани и поради која не можеме да се развиваме.
Владимир Воронин, лидер на молдавските комунисти.

„Гласавте за просперитетна Молдавија, заедно со силна Русија. Гласавте за Молдавија во царинска унија со Русија. Она што го ветивме ќе го исполниме“, изјави Додон кој е близок со рускиот претседател Владимир Путин.

Комунистичката партија предводена од Владимир Воронин, поранешен шеф на државата кој повеќето од постарите генерации во Молдавија го идентификуваат со стабилно минато, најави дека нема да се противи на интеграцијата на земјата во Европската унија.

„Гласав за Молдавија еднаш засекогаш да ги надмине проблемите во кои западна во изминативе пет години, од корупцијата и оваа мафија која ја опседна цела Молдавија и сите нејзини граѓани и поради која не можеме да се развиваме“, изјави Воронин.

Сепак, комунистите се и за добри односи со Москва, како и за ревизија на клучниот договор со Европската унија за подобра заштита на домашното производство.

Одѕивот на гласањето беше скоро 56 насто. Партиите мора најмалку да добијат 6 насто од гласовите за да влезат во парламентот.

Молдавската влада го потпиша Договорот за асоцирање со Европската унија и доби безвизен режим со Унијата. Но, таа се соочува со големи критики од Брисел за големата корумпираност.

Русија забрани увоз на земјоделски производи од Молдавија што се одрази врз економијата на таа земја.

Силната поддршка на гласачите за социјалистите ја рефлектира нивната длабоко вкоренета неподготвеност за сечење на историските односи со Русија, главниот снабдувач со енергија на Молдавија, како и стравувањето од натамошни последици, особено во врска со молдавската сепаратистичка проруска енклава Придњестровие.

Поранешната советска Република Молдавија со 4 милиони жители е една од најсиромашните земји во Европа и граничи со Украина и со Романија. Околу 78 насто од жителите се етнички Романци, додека 14 отсто се Украинци и Руси.