Полициска сила против новинарскиот протест

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Со специјалци против мирен протест.

Протестот за поддршка на затворениот новинар Томислав Кежаровски го обезбедуваа речиси ист број на полицајци колку што имаше и демонстранти.
Во тензична атмосфера помина протестот на новинарите за поддршка на новинарот Томислав Кежаровски. Новинарите се обидоа да го поминат полицискиот кордон, откако не им беше дозволено да протестираат пред Музејот на македонската борба за државност и самостојност, односно Музејот на ВМРО во Скопје, по што дојде до туркање со полицијата. Протестот го обезбедуваа речиси ист број на полицајци колку што имаше и демонстранти.
Ова не е ништо само продолжување на низата на покажување на сила на оваа власт и на дело да видиме уште еднаш дека живееме во полициска држава.
Мухамед Зекири, уредник на Алсат.

Протестите на новинарите облечени во црно беа со цел да ја одбележат борбата за слобода и во нејзино име да изразат несогласување со затворската казна во траење од четири и пол години за Кежаровски.

Уредникот на телевизијата Алсат Мухамед Зекири вели дека полицајците им кажале дека имаат наредба демонстрантите да не се движат пред музејот без да образложат кој ја издал на наредбата, која според него се коси со Уставот.
Томче невино скапува во најстариот дел на затворот во Шутка.
Марина Кежаровска, сопруга на затворениот новинар Томислав Кежаровски.

„Ова не е ништо само продолжување на низата на покажување на сила на оваа власт и на дело да видиме уште еднаш дека живееме во полициска држава“, вели Зекири.

Новинарот и аналитичар Сашо Орданоски вели дека денеска сите излегле за поддршка на Кежаровски, но и на сите други колеги кои се наоѓаат на списокот на македонската влада.

„Денеска сме сите сведоци дека македонската власт извади специјални сили за да ја одбрани државата од слободата на говорот“, вели Ордановски.

Сопругата на Кежаровски, Марина изјави дека нејзиниот маж е невин.

„Невино скапува во најстариот дел на затворот во Шутка. Верувајте облеката и постелата која ја враќа мириса на влага и кал. За пресудата јас сè уште не можам да верувам. Не сакам да верувам“, вели Кежаровска.

Протестот заврши со палење на свеќи за помен на мртвата македонска демократија, а снимателите и фоторепортерите ги оставија камерите и фотоапаратите пред нозете на полицајците.