Достапни линкови

На крајот, сè е до храброста на новинарите


Улрике Груска, одговорна со комуникација со медиуми во организацијата Репортери без граници.
Улрике Груска, одговорна со комуникација со медиуми во организацијата Репортери без граници.

Пресудата испраќа многу лош сигнал до другите новинари кои работат како господинот Кежаровски, зашто ги заплашува оние кои се обидуваат да копаат во комплицирани случаи, вели во разговор за Радио Слободна Европа Улрике Груска, одговорна за комуникации во Репортери без граници.

Госпоѓо Груска, како ја коментирате пресудата за новинарот Томислав Кежаровски и каква порака до другите новинари испраќа таа?

Прилично сме шокирани од оваа престрога казна, бидејќи се работи за долга затворска казна. Мислам дека главниот проблем е тоа што таа испраќа многу лош сигнал до другите новинари кои работат како господинот Кежаровски, зошто оваа пресуда ги заплашува новинарите кои се обидуваат да копаат во комплицирани случаи и да пишуваат за нешто што навидум не е многу јасно, но е многу важно за општеството во Македонија.

Пресудата доаѓа неколку дена по објавувањето на извештајот за напредок на нашата земја од страна на Европската Комисија во кој меѓудруготото е констатирано влошување на медиумската слобода во земјава? Кои се вашите согледувања и проценки за слободата на медиумите во Македонија?

Во последните години забележуваме пад на медиумската слобода во Македонија што многу јасно може да се види во нашите рангирања. На пример Македонија е сега на 116 место од 179 земји и во споредба со минатата година таа е за 22 места подоле, а тоа ја става земјата во најсложената ситуација на Балканот.

Со какви последици би можела да се соочи земјава доколку продолжи овој негативен тренд?

Генерално многу е сложен медиумскиот пејсаж во една мала развиена земја како што е Македонија, каде забележуваме недостиг на независно новинарство и дека многу медиумски куќи припаѓаат на една или друга партија и кои вистински не набљудуваат што се случува во политиката и општеството и немаат независно мислење за тоа, туку само ги презентираат интересите на една или друга група. А независното новинарство е суштинско за развој на живо граѓанско општество. Земајќи го предвид евроинтегративниот контекст на Македонија, ние од „Репортери без граници“ бараме од нашите политичари и Европската унија да посветат повеќе внимание на прашањата за медиумската слобода и мислење во Македонија, бидејќи во последниот извештај имаше општи забелешки за слободата на печатот и дека ситуацијата се влошува, но јас мислам дека е многу важно и суштински за новинари како господинот Кежаровски да добијат поддршка како индивидуални случаи бидејќи личностите како него играат многу важна улога во општеството.

Кои се начините или подобро кажано, постои ли успешна формула со која ние новинарите би можеле да се спротивставиме на овој тренд?

Едната работа и најсуштинска е финансиската независност. Како да се постават медиумите кои нема да ги презентираат интересите на своите сопственици туку ќе го практикуваат независното новинарство. Овој проблем не е само во Македонија и не постои единствена формула за решение. Во секоја земја луѓето се обидуваат да најдат начин како да го надминат тоа, но во Македонија забележуваме посебно силна зависност на новинарите од пазарот на реклами, а особено владините структури ја искористуваат таквата зависност со тоа што ги поддржуваат медиумите кои се наклонети кон власта и го кратат финансирањето на другите. Значи новинарите мора да најдат начин на алтернативно финансирање. Втората работа е што секако во земји во кои има висок притисок над новинарите како што тоа е случај со Македонија најверојатно има и висок степен на самоцензура зошто луѓето не сакаат да се доведат во неволја како господинот Кежаровски и тоа е индивидуална одлука на секој новинар, дали сака и дали има моќ да се бори против тој притисок или секако да се обиде да известува објективно. Ние, од организацијата „Репортери без граници“ можеме да инсистираме да помогнеме за индивидуални случаи како овој со господинот Кежаровски, но сепак на крајот прашањето се сведува на храброста и ентузијазмот на секој новинар поединечно.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG