Мемети - Најсурова е политичката дискриминација

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Интервју со народниот правобранител Иџет Мемети.

Народниот правобранител во 2011 година констатирал за 10 отсто повеќе повреди на човековите права во однос на 2010. Нашата институција во 15 случаи има констатирано дискриминација по разни основи. Најголемиот дел е по политичка основа, вели Народниот правобранител Иџет Мемети во неделното интервју на Радио Сободна Европа.
Господине Мемети, дали почнавте со работа на извештајот за 2011-та година што до Парламентот треба да биде доставен до крајот на март и какви се оценките за минатата година?

Да, доста интензивно се работи последните денови, како што тече времето уште повеќе ќе се интензивирааат активностите по однос на сублимирање на сработеното на институцијата Народен правобранител, се со цел навремено и квалитетно да го информираме Парламентот за состојбите со човековите права во Република Македонија во 2011 година.

Тоа што можам во моментов да ви го кажам е дека продолжува трендот на зголемување на приливот на граѓани кои бараат заштита од институцијата Народен правобранител. Секоја година има за 5 проценти повеќе претставки споредбено со претходната година.

Втора работа е дека оваа година имаме прилично голем број на предмети кои сме ги завршиле со констатација за повреда на човековите права за разлика од минатата година, оваа година имаме некаде околу 10 проценти повеќе констатирани повреди. Слободно можам да ве информирам дека и понатаму најголем број на претставки на граѓаните се однесуваат на судската власт, а второто место веќе две години по ред го заземаат потрошувачките права. За разлика од минатите години, граѓаните се повеќе се свесни дека компаниите им ги прекршуваат потрошувачките права.

Во последните години се зголемува бројот на граѓаните кои поднесуваат претставки до Народниот правобранител. Како вие сте задоволни од соработката со правосудството и дали доаѓа до правосилни пресуди?

Ние имаме ограничени надлежности, само во делот на тоа што значи следење на принципот на судење во разумен рок и мониторирање или контролирање како работи судската администрација, меѓутоа морам да го кажам тоа дека граѓаните воглавно се жалат за три работи кога се работи за судската власт, сметаат дека затајува ефикасноста, таа власт не ни е ажурна, што е наша надлежност. Кога ние констатираме неажурност односно повреда на принципот на судење во разумен рок и праќаме порака, имаме голем процент на прифаќање на нашите препораки затоа што се закажуваат рочишта. А, од друга страна, претставките кои се однесуваат на тоа дека добиваат пресуди со кои не се задоволни или пресуди кои не се квалитетни или се селективни, ние немаме надлежност, но се работи за тренд кој може да не загрижува како општество затоа што треба да имаме секако власт која е квалитетна.

Знаеме дека обврска на невладиниот сектор е борба за рамноправно општество. Колку сте задоволни од нивниот ангажман на тој план?

Во Република Македонија познато е дека има голем број на невладини организации, ние сме развиле разни проекти со нив и имам намера, односно сметам дека е неопходно во иднина невладиниот сектор да дише уште послободно, таа комуникација невладин сектор – институција Омбудсман и други заштитни инструменти во државата и институции кои се мониторираат од наша страна, треба да се зајакне или треба да е поотворена.

Само за потсетување, некои невладини организации во текот на годината бараа да ги посетат лицата лишени од слобода во случајот „Пајажина“, како и лидерот на опозициската Обединети за Македонија Бошкоски, кои се во притвор, но тоа право не им беше оневозможено. Дали тоа е демократски?

Прво би сакал да нагласам по однос на овие два случаи кои во јавноста прилично ги имаше и добија еден поголем одек, да нагласам дека институцијата Народен правобранител овие два случаи постојано ги следеше, не само овие туку и другите, и секогаш кога имало потреба или кога сме добиле одредена информација, нашата институција ги посетила местата за лишување од слобода или поточно речено притворот. Имаме еден куп дадени укажувања и сугестии по однос на третманот и истите се задоволни од нашата работа, затоа што со закон тоа можеме да го направиме.

Што се однесува до невладиниот сектор, сметам дека е погубно ако институцијата, еве во конкретниот случај или да кажеме истражниот судија или Управата за извршување на санкции не дозволува, на пример, некоја невладина организација да посети одредено место за лишување од слобода.

Како како народен правобранител ги оценувате, ги перцепирате укажувањата на невладиниот сектор дека мерката притвор се злоупотребува и дека не се наведуваат доволни причини зошто судовите се одлучуваат на мерката притвор?

Видете, многу тешко е да се одговори на вакво прашање, поготово од позиција на Народен правобранител. Со тоа сакам да кажам дека секој предмет е сам за себе или дека секој предмет се разликува од другите. Во такви ситуации, сепак, најповеќе што се информирани и што одлучуваат се истражните судии, затоа што таквите мерки за обезбедување се во нивните раце, меѓутоа од позиција на Народен правобранител јас слободно можам да кажам дека и нашето општеството тежнее кон тоа да се додека лицето не се прогласи за виновно да се смета дека не е виновен, односно да се запази презумпцијата на невиност. Мое мислење е дека мерката, гледано од позиција на човекови права, мерката притвор треба да се употреби или да се даде во краен случај кога навистина има доволно, не доволно туку еден куп на факти и аргументи кои укажуваат на тоа дека со другите мерки за обезбедување лицето кое е обвинето не може да се обезбеди. А ако постојат околности дека може и со другите мерки да се постигне целта, тогаш излишно е да се даде, да се изрече таква мерка.

Минатата година на градскиот плоштад се случи убиство на еден млад човек. Дали сметате дека случајот е завршен со тоа што на припадникот на специјалните единици му беше изречена казна затвор од 14 години или има елементи кои укажуваат дека системот потфрлил во овој случај?

Ние за тој случај водевме истрага, отворивме предмет, сме биле во постојана комуникација со семејството на починатиот, а од друга страна наидовме на добра соработка со институциите и ажурни беа институциите кога баравме да не информираат за тој случај и да ни достават податоци, за да ја водиме праведно истрагата. Органите на прогонот не треба во никој случај да остават впечаток или можност за граѓаните да добија впечаток дека ете некој сака да не го истражува случајот квалитетно и како што треба, согласно законите и така натаму. Мислам дека во делот на водење на истрагата или во делот на подготовка на целиот случај беа преземени еден куп мерки, друго е политичката одговорност за која мојата институција не е пофално да зборува.

Оваа година е донесена стратегија за борба против дискриминацијата. Какви се оценките на тој план за минатата година?

Минатата година бројките во нашата институција покажуваат дека дека за 50 отсто е зголем боројот на претставки на граѓани кои се жалат дека се дисриминирани по одреден основ и уште на почеток сакам да ве информирам дека нашата институција во 15 случаи има констатирано дискриминација по разни основи. Најголемиот дел е по политичка основа, има и по национална основа, но најсурова дискриминација сме констатирале по основ на политичка припадност. Граѓанинот кога се исклучува поради основите што ги реков, навистина се работи за голема болка. Меѓутоа нешто што ја загрижува мојата институција е тоа што и откако ние ќе констатираме повреда по основ на дискриминација и граѓанот го добие правото или успеееме да му помогнеме на граѓанинот, тој понатаму не продолжува да бара и судска и обвинителска заштита. Сметам дека граѓаните уште доста треба да се информираат по однос на тоа што значи промоција на тоа како полесно можеш да ги препознаеш појавите или формите за појава на дискриминацијата.

Вие вршите функција на заштина на граѓаните, во некои случаи може и самоиницијативно да делувате. Секојдневно слушаме како граѓаните се жалат поради високите сметки за парно, за струја и услугите од други компании. Што правите на тој план?

Се уште граѓаните не се доволно свесни во однос на тоа што значи квалитет на добивање на тие услуги, граѓаните многу малку мислат на обврските што ги имаат тие компании, само ги гледаат сметките. Од една страна, мислам дека граѓаните не добиваат ни квалитени услуги, ни квалитетни производи. А од друга страна компаниите што ги даваат или услугите или производите се се уште во една фаза на нашето општесто каде контролните инструменти, како што се регулаторните комисии се уште ни се кревки и не можат да ги средат таквите односи. Така да во наредните години ќе треба многу повеќе да се работи во тоа што значи, како прво системска или законска поставеност на овие односи, затоа што дојдовме до констатација и кај Топлификација, пазарот не е либерализиран, контролните инструменти или регулаторните тела се чуствува дека не се моќни и можат да го направат тоа што го прави Народниот правобранител и викаат дека по однос на овој производ треба да се либерализира што побргу пазарот и од друга страна треба да се надгради правната регулатива, законот треба да се менува во полза на тоа што значи дека граѓаните треба за тоа што го добиваат за тоа да плаќаат, а да не плаќаа за нешто за кое не добиваат добра или не добиваат производ.