Достапни линкови

Хорор затвори


Слика од затворот Идризово
Слика од затворот Идризово

Катастрофални услови, без никаква можност за рехабилитација и нејасни самоубиства – состојба во затворите во земјава.

Сцена прва - додека затвореницие ручаат, на еден од нив му се слошува, сите притрчуваат, тој паѓа на земја, се тресе, подоцна докторот утврдува дека починал од труење. Убиство, самоубисто? Филмот ќе покаже.

Сцена втора - настанува тепачка, чуварите ги вртат главите, некој вади нож, се се случува за 5 секунди, некој лежи на подот во крв. Случајот завршува како несреќен. Човекот сам налетал на ножот.

Затворениците се во вежбална, кој крева тегови, кој прави вежби. Оската „случајно“ пука, тегот паѓа, затвореникот е приклештен се бори за живот, никој од другите не му приоѓа да му помогне. Случајот завршува како несреќен.

Ова е ако гледате холивудски филм.

Ако треба да се прави филм за македонските затвори, е тука ќе видите малку поинакви сцени.

(Само)Убиства во тетовскиот затвор

Еве на пример да го земеме тетовскиот затвор. Таму по се изгледа, имало „инвентивни“ затвореници. Пред неколку денови, во затворот, со кеса се „самоуби“ затвореничка. Две години претходно во кофа со вода животот си го одзеде новинарот Владо Таневски. За затворот кружи и уште една приказна, дека пред Tаневски, жена се обесила со сопствената коса, а имаше и случај кога притвореник се обесил со врвки од кондури.

Затворските камери од затворот во Тетово, покажале дека затвореничката го искористила времeто до 10-тина минути кога нејзината цимерка не била во ќелијата. Чуварот ја заклучил вратата, откако од ќелијата билa изведена цимерката на 56-годишната жена којa се задавила со ќесе. Кога по десетина минути, чуварот пак ја отворил вратата, ја нашол жената со нешто на глава. Таа лежела на креветот, со ќесе на главата. Не давала знаци на живот. Прво дошол затворскиот лекар, а потоа и Брза помош, која пристигнала за 15 минути, но за жената веќе било предоцна. Тетовското обвинителство, поднесе кривична пријава против непознат сторител, со што се отвора дилемата дали жената, сама посегнала по животот. Истрагата се уште трае, се сослушуваат надзорници, се прегледуваат снимки, се вршат вештањеа на „кесата“, и на другите матријали пронајдени во ќелијата. По првата обдукција, не беа забележени траги на насилство, но од тетовското Обвинителство велат дека ќе ги чекаат конечните анализи, кои треба да им бидат доставени.

Директорот на затворот, Мурат Рамадани, не е достапен, за да одговори на прашањата, а заменик-директорот немал областувања за да даде информаци. Без информации е и адвокатот на жената, Звонко Давидовиќ. Одбраната писмено се обратила до затворот, до Управата за извршување кривични санкции и до претседателот на основниот суд во Гостивар кој бил присутен на увидот. Се уште чекаат повратни информации, за да утврдат како ќе постапуваат понатаму.
Адвокатот Давидовиќ вели дека обврска на затворот е да ја обезбеди безбедноста и сигурноста на притвореникот.

„Во најмала рака, нам ни е целокупната работа многу сомнителна. Знаете како за да се задушите со кеса, просто е невозможно бидејќи инстинктот за преживување, тоа и докторите го кажуваат, надвладува и многу тешко можете сами да го направите тоа, исто како и во претходниот во кофа вода.“

Во самоубиството на својата мајка се сомнева и Милана Божинова, ќерката на починатата жена. Таа вели дека дека нејзината мајка во последно време дејствува преплашено и постојано повторувала дека нешто чудно се случува и оти некој ја мести.

„Кога бевме во притворот да ја посетиме ни кажа дека се плаши дека некој нешто се случува. Ми рече „нешто ќе ми направат, нешто ќе се случи, ни се закануваат“. Тврдам дека ова е убиство, а не самоубиство.“

Начинот за одземање на живот со ќеса им е познат на вештаците. Ваквите случаи се чести и се опишани во литературата, вели директорот на институтот за судска медицина Алексеј Дума.

„Генерално кога зборуваме, постои и опишано е и возможно е, но колку е возможно во конкретниот настан треба сериозна истрага да се спроведе и има повеќе прашања на кои треба да се одговори.“

Тетовскиот затвор стана дури и меѓународно познат со смртта на новинарот Владо Танески, кој како што паметиме, се удави во кофа со вода. И тогаш тетовското обвинителство имаше индиции дека не си го одзел сам животот во притворското одделение на тетовскиот затвор, туку е можно да станува збор за убиство, во кое учествувале непознати сторители. Тетовското Обвинителство дошло до заклучок дека имало показатели во вид на повреди на телото на Танески, кои евентуално биле нанесени од други лица, па и тогаш беше покренат пријава против непознат сторител. Но по обемните истражни дејствија, испитување на ДНК, облеката, автентичноста на оставеното проштално писмо, извршената реконструкција на настанот на крајот случајот го завршивме како несреќен случај - самоубиство, изјави тогаш обвинителот Љупчо Симовски.

Затворот Идризово приказна за себе

Затворот Идризово е приказна сам за себе. И тука имало убиства, самоубиства, бегства, незадоволства, штрајкови... Дури се самоуби и еден од поранешните директори на затворот.

Состојбата во делови од затворот Идризово е полоша отколку во некои од малолетничките затвори во Јужна Африка за време на апартхејдот, оцени пред една година тогашниот евроамбасадор Ерван Фуере. Условите беа полоши дури и од најлошите бегалски кампови што ги имам видено во Латинска Америка или малолетничките затвори во Јужна Африка пред времето на Нелсон Мендела, рече тогаш Фуере. Она што го видовме, беа простории без кровови, простории без прозорци, со никакви кревети, бедни тоалети од кои што еден тоалет е наменет за 140 луѓе, така што условите се мизерни, опиша евроамбасадорот.

Дека условите во одделни крила на Идризово се заштрашувачки се согласи и тогашниот претседател на Комитетот за превенција од тортура при Советот на Европа, Мауро Палма, кој беше во посета на затворите во земјата. Во интервју за нашето радио, опишувајќи го петтото крило за кое побара веднаш да се затвори, тој објасни дека ситуацијата во крилото била таква што затворениците се чувале во многу тесни простории, во нечистотија.

„Ги немаше елементарните хигиенски услови, немаше душеци, а се шетаа и инсекти“, изјави тогаш Мауро Палма.

Мауро Палма - превенција од тортура
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:52 0:00

Состојбите во затворите, вклучително и Идризово се фокус и на Народниот правобранител. Има затвори, кои се во рамките на стандардите, но народниот правобранител со години наназад има една констатација што не се менува, а тоа е дека најголемиот затвор, во земјата, затворот Идризово е под сите стандарди. А, пред се поради сместувачките услови, преставува директна повреда на човековите права, вели Уранија Пировска, портпаролка на Народниот правобранител.

„Затворот Идризово од секаков аспект претставува најголемот проблем кога станува збор за извршувањето на санкции во Македонија. Не станува збор само за сместувачките капацитети и тоа што е преполн или за здравствената заштита која што е недоволна, туку станува збор за катастрофалните услови, во затоворот има голем број на зависници на кои исто така не може да им се обезбедат услови за нивно лекување или рехабилитација.“

Директорот на затворот Идризово Тони Јакимовски, кој од неодамна е на таа функција, вели дека се потребни промени и дека се работи на тоа. Јакимовски раскажува со што се соочил кога дошол на функцијата, прв човек на затворот.

„Затекнав една состојба во која условите во кои се издржува казната не се соодветни, исхраната исто така не е соодветна на што доста и работевме во изминативе 15 дена. Што се однесува до хигиената, веќе 30 дена интензивно работиме на подобрување на хигиената во затворот, што се однесува до погодностите што ги добиваат затворениците согласно законот воведовме нови методи, односно нов куќен ред.“

И Јакимовски се согласува со констатацијата дека затворот е пренатрупан.

„Во моментот имаме две причини за пренатрупаност. Едната е тоа што во континуитет во затворот имаме повеќе затвореници. Според капацитетот кој е 950 затвореници, а ние во моментот имаме 1332 и тоа со години функционирал така, меѓутоа во моментот имаме нови сто затвореници плус од причина што второто крило го реконструираме.“

Ресоцијализација?

Што е со ресоцијализацијата на затворениците колку се посветува внимание на тоа? Уранија Пировска вели дека во затворите недостасува процесот на ресоцијализација.

„Во Македонија се забележува голем број на рецидиви, повратници во затворите и за жал на крај мораме да констатираме дека наместо во затворот затворениците да се ресоцијализираат, реинтегрираат, рехабилитираат, напротив создаваме уште поголеми криминалци. Таму со еден збор може да се каже повеќе владее затвореничкото општество отколку државата.“

Професор Нано Ружин, кој им предавал на оние кои треба да работат на ресоцијализација на затворениците, вели дека на овој процесот не се помислува, туку затворот служи само да се одлежи затворска казна.

„На одреден начин да се изолира казненото лице, но никакви форми на ресоцијализација, на постпенална ресоцијализација, или пак додека ја отслужува казната да му се најдат одредени дообуки, преквалификации, ангажман итн.“

Директорот на затворот Идризово, пак вели дека, ресоцијализацијата е еден од најважните процеси кој треба да се спроведува во затворите. Јакимовски вели дека се заложил за тоа, што поголем број на затовреници да се вклучат во програмите за работа во затворите.

„Што помалку да се занимаваме со тоа како да ги казниме, каква да биде казната, треба се повеќе да гледаме работно да ги ангажираме, да ги донесеме во состојба по завршувањето на казната да се осамостојат, да најдат вработување, а не и натаму да се занимаваат со криминал и да се вратат во затворот.“

Во годишниот извештај на Европскиот комитет за превенција на тортурата на Советот на Европа е опфатена и посетата на Македонија. Во најновиот годишен извештај на Европскиот комитет за превенција на тортурата, објавен на десетти месецов, главниот акцент е ставен на изолирањето на лицата лишени од слобода. Во извештајот се бара од државите членки на Советот на Европа веднаш да го сведат на минимум ставањето во самица на затворениците. Оваа мерка, според Комитетот, треба да се користи во исклучителни ситуации и нејзиното траење треба да биде колку што е можно пократко.
Илустрација: Самица
Илустрација: Самица

Сегашниот претседател на Комитетот за превенција од тортура, Латиф Хусеинов вели дека „Изолацијата може да има штетни последици за менталното здравје и за доброто на затворениците, а колку оваа мерка е подолга и последиците се зголемуваат. Показателот, според кој стапката на затворениците кои се изложени на оваа казнена мерка се самоубиваат почесто од другите затвореници, доволно зборува. Оваа практика отвора серизони прашања во поглед на забраната за измачување и нечовечки и понижувачки третман.“

Во извештајот, КПТ ги повикува државите членки на СЕ да го гарантираат и слободниот пристап до адвокат на лицата од самиот почеток на нивното лишување од слобода, без разлика на направениот прекршок или кривично дело. И експертите на Обединетите нации за тортура во светот, повикаа на глобална забрана на сместување на затвореници во самица, во период подолг од 15 дена.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG