Стабилниот курс на денарот приоритет за НБМ

Министерството за финансии ќе ги има предвид забелешките на ММФ; додека монетарната политика на НБМ ќе остане непроменета, вели Гувернерот на НБМ Петар Гошев.
Народната банка нема да ја менува монетарната политика, а министерството за финансии ќе ги има предвид забелешките на Меѓународниот монетарен фонд кој беа презентирани во последниот извештај на меѓународната организација. Во извештајот, ММФ предупредува дека политиката на зголемени јавни инвестиции може да предизвика проблеми кај приватните стопанственци. Според истиот, државните инвестиции можат да ги засенат инвестициите на приватните субјекти, предизвикувајки макроекономски притисоци врз трговскиот дефицит. Покривањето на дефицитот на тековната сметка со девизните резерви за економистите претставува најнепопуларен начин на санирање на загубите. До сега неколку пати експертската јавност посочуваше дека ударите врз резервите може да го девалвира денарот. Но, гувернерот на Народната Банка Петар Гошев, уверува дека нема да има промени во монетарната политика.

„Ние рековме дека за 2009-та година политиката на Централната Банка продолжува да биде насочена кон задржување на стабилноста на девизниот курс, и во таа насока се преземаат мерките во Централната Банка.“

Одбивајки директен коментар на извештајот, Гувернерот на централната банка додава дека економските движења се условени и регулирани од повеќе институции во системот, а не само од НБРМ:

„Има повеќе институции, независат работите во економијата само од монетарната политика, или помалку зависат од монетарната политика зависат повеќе од други политики.“

Од Министерството за финансии велат дека се информирани за заблешеките. Портпаролот Мартин Мартиновски вели дека извештајот ќе го имаат предвид.

„Во секој случај и покрај различните ставови за одредени прашања, ние високо ги цените анализите подготвени од експертите на ММФ и се разбира со должна сериозност нивните заклучоци и препораки ќе бидат земени во предвид при креирањето на домашната економска политика.,,

Мартиновски додава дека податоците од извештајот се однесуваат на изминат период.

„Имено нивната мисија беше кон крајот на септември и податоците кои се обработуваат во тој извештај се однесуваат за тој период. Досега во неколку наврати сме ги коментирале податоците во тој извештај.“

Инаку според последно објавените податоци, во текот на ноември минатата година се потрошиле 136 милиони долари од девизните резерви. Во тој период дефицитот на тековната сметка на државата бил 240 милиони евра во минус.