Достапни линкови

Ќе стане ли сексуалното образование изборен предмет во училиштата?


Илустрација
Илустрација

Во ниту едно училиште нема сексуално образование. Пробно се предаваше лани во две училишта и покажа дека уште е табу, но има и голема заинтересираност. Бројот на малолетнички породувања во Македонија е три пати поголем отколку во замјите на ЕУ.

Воведувањето на сексуалното образование како изборен предмет во училиштата беше најавено како дел од новата концепција во образованието.

Минатата година во дел од училиштата низ земјава се воведе како пробен проект.

Меѓу нив беа основното училиште „Јан Амос Коменски“ од Скопје и основното училиште „Братство Миѓени“ во Тетово, каде учениците во деветто одделение го изучуваа предметот како изборен во првото полугодие.

Какво е искуството на училиштата ?

Иако наставниците се согласни дека изучувањето на предметот како изборен треба да продолжи, сепак искуствата се различни.

Стравот и сомнеж за начинот како ќе се изведува и што ќе вклучува наставата се уште се проблем со кој се соочуваат училиштата.

Директорот на ОУ „Братство Миѓени“ во Тетово вели дека најавата дека ќе се изучува сексуално образование во неговото училиште прво била прифатена со одбивност кај голем дел од родителите.

„На улица дури ме стопираа родители кои ми велеа како смеете да дозволите такво нешто, но без да ја знаат содржината на темите кои се изучуваа. Овие работи се уште се табу кај нас“, вели директорот Риза.

Бидејќи ова е се уште табу тема во општеството, заинтересираноста од страна на родителите и учениците не беше на задоволително ниво, вели наставничката Катерина Цветкоска, која што е една од наставниците кои го предавале овој предмет.

„Од севкупниот број на ученици кои требаше да бидат вклучени, учествуваа околу 10 %“, објаснува наставничката.

Директорот на тетовското училиште сепак потенцира дека потребна е поголема информираност околу тоа што всушност значи изучувањето на предметот.

„Морам да кажам дека темите беа многу корисни, како заштита од несакана бременост, насилство врз жените, сексуално преносливи болести... Информации кои наместо да ги добиваат на социјалните мрежи и Интернет, подобро е да ги добијат во училиштата од соодветни едукатори“ , објаснува директорот Етеми.

Искуството во ОУ „Јан Амос Коменски“ пак е поразлично. Директорката Маја Старова вели дека кај нив биле формирани дури две паралелки.

Имало заинтересираност и кај учениците и кај родителите.

„Ние дури имавме реакции од родителите зошто да не се продолжи и да стане дел од новата концепција и да биде можност за учениците да се избира како изборен предемет“, вели директорката Старова.

Наставната програма била подготвена заедно со експерти и со Бирото за развој на образованието, а биле формирани две паралелки.


Елизабета Ивановиќ, која што била дел од предавачите во училиштето нагласува дека предметот е особено важен за правилна едукација за психичкото, физичкото и емоционалното здравје кај учениците особено во периодот на адолесценција, кој е особено чувствителен период за нив.

„Користевме методи на дебати, дискусии, работа во мали групи и можам да кажам дека со реализација на оваа пилот-програма, која е пред се превентивна требаше да стекнат слика за вредностите, очекувањата, да се почитуваат меѓусебе и другите. Внимававме многу на средината односно самата програма која ја реализиравме да биде во пријатна атмосфера, во ниту еден момент да не се чувствуваат небезбедни, збунети или непријатно“, вели училишниот психолог.

Бирото за развој на образование ги евалуира резултатите

Годинава нема училишта каде се изучува предметот.

Од Бирото за развој на образование велат дека се уште се евалуираат резултатите од пилот проектот од минатата учебна година.

Поточно ќе се истражува колку наставата ги подобрила знаењата и ставовите за сексуалното образование на младите.

Дали овој предмет ќе остане во македонските училишта како изборен во деветто одделение засега нема конкретен од одговор од институцијата.

Граѓански организации побараа воведување на сексуалното образование како изборен предмет

Во меѓувреме пак граѓанските организации преку декларација побараа од Владата и Министерството за образование и наука да „им осигураат системски пристап до научно засновани информации за сексуалното и репродуктивното здравје насите млади во земјава“.

Декларацијата „Со сексуално образование во училиштата до поздрава и побезбедна младина“ ја потпишаа 15 стручни и граѓански организации.

„Сексуалното образование им е потребно на нашите деца и млади за да се развијат во здрави емоционално позрели и толерантни личности, но сепак во годините наназад и денес се соочуваме со предизвици за сексуалното образование да стане реалност во училишните клупи во нашата земја“, порача Борјан Јовановски, извршниот директор на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА.

Причините според Јовановски се најразлични од идеолошки, политички до културолошки и она за што денеска се најмногу изложени а тоа се лажните вести, говорот на омраза, онлајн насилството кои што на некој начин влијаат на попречување на сексуалното образование.

Идејата за сексуално образование ја поддржуваат и дел од здравствените работници.

Д-р Кети Ставриќ од здружението на лекари по општа медицина вели дека особено е значајно младите да знаат како да го заштитат своето репродуктивно здравје.

Бројот на малолетнички породувања е речиси три пати поголем од земјите во ЕУ

Податоците кои ги сподели покажуваат дека бројот на малолетнички породувања во Македонија е речиси три пати поголем од земјите на Европската Унија, а земјава е на едно од последните места во Европа по користење на современа контрацепција со само 14% од младите на возраст од 20 до 24 години кои користат контрацепција.

„Сексуалното образование ќе обезбеди младите да знаат како да го заштитат своето сексуално репродуктивно здравје, кои се предизвиците со кои може да се соочат и да знаат каде може да ги побараат информациите, секако матичниот лекар е тука со којшто може да разговараат за овие проблеми, но мора младите да ги едуцираме, да можат да бидат партнери со нас лекарите и заеднички да обеезбедиме здравје кај нив“, изјави д-р Ставриќ.

Податоците за жал покажуваат дека нашите млади побрзо ќе побараат информации на социјалните мрежи или на Интернет, наместо со здравствените работници, додава докторката.

„Од наше искуство сметаме дека е добро да се изучи со овој изборен предмет, бидејќи програмата е превентивна, им дава информации кои што се однесуваат пред се во насока на превенција, несакани последици врз нивното физичко, психолошко, емоционално здравје како и во однос на социјализацијата односно правилна меѓуврсничка комуникација, ненасилно однесување, градење доверба и градење на личноста така што сметаме дека треба да се продолжи со оваа програма“, нагласува директорката на ОУ „Јан Иан Коменски“, Маја Старова.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG