Достапни линкови

Коронавирус- како ќе се помине есента?


Скопје- жена со маска пред влезот на болницата 8 септември, 26 јуни 2020 година
Скопје- жена со маска пред влезот на болницата 8 септември, 26 јуни 2020 година

Како наесен, кога се очекува зголемување на бројот на заразени од Ковид 19, е прашањето што го поставуваат властите, лекарите и граѓаните. Доктор Никола Пановски смета дека нема да биде неопходно воведување на полициски час, туку некои други мерки, како на пример повторно затворање на кафулињата.

Речиси секојдневно во последниов период светот регистрира нови рекорди по бројот на заболени од коронавирусот. Сега епидемијата е најбрзорастечка во Соединетите Американски Држави и во неколку други јужноамерикански држави, но и балканските земји бележат свои дневни рекорди. Високи бројки има во Косово, Србија и Бугарија, а во Грција болеста, како што тврдат тамошните власти, главно ја вратиле туристите.

Но, наспроти ваквите бројки, државите остануваат отворени, без полициски час или, пак, строги ограничувања на движењето, мерки кои се преземаа кога бројката заболени на светско ниво беше далеку помала. Според микробиологот, доктор Никола Пановски, светот ги потроши нерационално мерките,оти како што вели,не се знаеше што ги чека државите.

„Се претера со мерките до таа мера што луѓето почнаа да умираат од други болести поради тоа што немаа здравствена заштита со месеци. Од друга страна, поради таквите мерки економски пропаѓаат, осиромашуваат, а треба да се земе предвид дека има и многу посиромашни земји од нашата, кои што не може да држат карантини или полициски часови“, вели Пановски.

Нови ковид центри

И додека бројот на заболени расте и светските и домашните здравствени власти предупредуваат на нов, бран наесен. Министерството за образование преку анкета ги прашува родителите на учениците од основното и средното училиште за забелешките за досегашната онлајн настава, која траеше од март до јуни, а министерството за здравство соопшти дека ги зголемува капацитетите.

Во 16 општини ќе се формираат регионални ковид-центри во градовите каде веќе постојат општи болници и здравствени домови. На ова се согласиле и градоначалниците на 16 општини, односно Гевгелија, Куманово, Кавадарци, Струмица, Кичево, Дебар, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Велес, Тетово, Штип, Битола, Ресен и Прилеп.

Наесен пациентите од тие региони ќе се лекуваат во монтажните модуларни болници или пак ќе се формираат на посебни патеки и услови во некои објекти, како и лоцирање и прилагодување на одредени други капацитети кои би можеле да се адаптираат и користат како привремени ковид-центри.

Во меѓувреме, животот во Скопје, кое е жариште на коронавирусот, на моменти наликува како да не постои болеста. Парковите се полни, многу луѓе не ја почитуваат мерките за носење маски и одржување физичка дистанца, а и покрај строгите протоколи за работа, полни се и некои кафулиња.

Повторно затворање на кафулињата?

Професорот Пановски смета дека наесен и да нема нов бран на коронавирусот состојбата ќе се компликува поради вирусни инфекции кои ќе внесуваат забуни оти ќе има многу симптоматски случаи со заболувања на респираторниот тракт, а некои од нив, како што вели, ќе бидат настинка, грип, а некои некоја сосема некој трет вирус. Сето ова ќе го оптовари системот и со тестирања, вели доктор Пановски.

„Но мислам дека големи ограничувања нема да има, освен некој полициски час оти и економијата не може да издржи некое повторно затворање. Можеби училиштата нема да работат, можеби ќе се затворат пак рестораните, баровите, фитнес клубови итн, малку построги мерки на казнување, ама мислам дека некои поголеми зафати кои ќе влијаат врз економијата нема да се преземат“, вели Пановски.

Инаку, европските земји генерално преземаа рестриктивни мерки на движење некаде во март, а почнаа да ги олеснуваат кон крајот на април. Шпанија, која заедно со Италија беа едни од најпогодените земји во Европа презема рестриктивни мерки на 14 март, Франција на 17 март, Германија на 22 март, Австрија на 16, Холандија на 31 март, Чешка на 12-ти март, Финска на 16 март. Македонија построги мерки воведе на 21 март. Потоа секаде следуваа олеснувања, а бројот на заболени почна да расте. Сега дел земји, како Хрватска, Косово и Србија преземаа дополнителни мерки, но тие не се строги ограничувања на движењето, туку обврски за носење маска или одржување на социјална дистанца.

Во Македонија по олабавувањето на мерките кон крајот на мај бројот на заболени од коронавирусот се зголеми за неколку илјади. На пример вкупниот број тогаш беше околу 2000, а сега е повеќе од 8000 заболени од коронавирусот.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG