Достапни линкови

Неуспешни екстрадиции - слаби докази и политички интереси


Поранешниот премиер Никола Груевски
Поранешниот премиер Никола Груевски

Избегани осуденици и обвинети во високопрофилни случаи на корупција или пак насилство, со години наназад не се екстрадираат во земјава. Правните аналитичари проблемот го лоцираат во неправилната правна постапка, но и во политичката волја на земјите кои треба да ни ги екстрадираат.

Поранешен премиер, екс разузнавачи, осудени за петкратното убиство кај Смилковското езеро, осуден за насилниот упад во Собрание на 27 април, се само дел од луѓето кои со години стојат на списокот за екстрадиција во земјава. По последната најава на новиот министер за правда Бојан Маричиќ дека по трет пат ќе се поднесува барање за екстрадиција на донеодамна почесниот претседател на ВМРО ДПМНЕ и екс премиер Никола Груевски, се поставува прашањето зошто списокот на луѓе кои треба да се екстрадираат во земјава расте, а при тоа ниту еден од високопрофилните судски случаи не е екстрадиран.

Груевски живее во политички азил во Будимпешта откако побегна по донесувањето на пресудата за случајот „Тенк“ на поранешното СЈО. Македонските власти бараа негова екстрадиција за издржување на двегодишна затворска казна поради незаконската набавка на „Мерцедесот“ како и за обвинението за организирање на насилниот упад во Собранието од 27 април 2017 година. Судот во Будимпешта го одби барањето затоа што условите за екстрадиција не биле исполнети бидејќи поранешниот македонски премиер има статус на бегалец во Унгарија.

Професорот по казнено право Стефан Буџаковски вели дека најавеното ново барање за екстрадиција за Груевски е само мачкање очи на јавноста, за да се купи време. Тој вели дека проблемот во одбивањето на екстрадициите е од повеќеслојна природа, зависи од земјата која што бара екстрадиција, но и од земјата која што треба да го испорача осудениот или обвинетиот. Буџаковски додава дека дел од проблемот е во начинот на кој што се пишуваат барањата за екстрадиција, односно доказите кои се наведуваат во барањата и кои оставаат простор за сомнеж дека станува збор за политички прогон.

„ Македонија се соочува со проблемот дека навидум се гонат политички иако одредени кривични дела имаат правна основа да бидат процесуирани и да биде изречена правна мерка. Но, во случаите со избеганите во Грција и Будимпешта проблемот е во доказите наведени кои даваат сомневање дека процесуирањето на самата казнена постапка е под закрила на власт, односно дека имаме елементи на мешање на извршната власт во законодавната власт, што во никој случај не смее да се случува, а и современите правни системи тоа не го дозволуваат, оставаат правосудните органи да ги одлучуваат сите случаи поединечно и врз основа на факти, пресуди и слично“ вели Буџаковски.

Поранешните разузнавачи и обвинети за уништување на опремата за прислушување во УБК како и за организирање на настаните на 27 април 2017 во Собранието Никола Бошковски и Горан Грујевски слободно шетаат низ Грција откако грчкиот Врховен суд го одби барањето на македонскотo Mинистерство за правда за екстрадиција. Тие исто како и Груевски својата одбрана во судот ја претставуваат како политички прогон.

Сведок во „Таргет-Тврдина“ - Тројца луѓе имаа пристап до прислушуваните разговори

За разлика од нив, Дејан Давитковски кој е обвинет за тероризам и уривање на уставен поредок за настаните од 27 април побегна во Шведска. По неговото приведување поради меѓународна потерница на аеродромот Скаваста, Врховниот суд го одби барањето за екстрадиција, затоа што според шведските закони не може да се екстрадира поради политичко делување. Давитковски пред шведските власти тврдел дека е политички гонет.

Во Шведска приведен обвинет за насилството во Собранието на 27 април

Буџаковски вели дека причините за нивното одбивање на екстрадиција се во приложените докази и во тоа како е срочено барањето, односно проблемот лежи во неводењето грижа за тоа како е спроведена целата постапката.

„ Посебно кај случајот од 27 април, ние имаме лица кои што немаат поврзаност меѓу себе а сите се судени за терористичко загрозување на уставниот поредек. Не сите го исполнуваат кривичното битие за кое се гонети, на пример имаме одредени кои се гонат за обид за лишување од живот на Села, имаме некои што отвориле врата а се ослободени, имаме од полиција кои не презеле мерки, каде е тука умислата во загрозување на уставниот поредок. Ајде сите ќе ги гониме за исто, сите не сториле исто дело, требаше за секој поединечно со какви докази какво дело сторил. Ние сами со нефункционирањето на правниот систем даваме елементи дека тие се гонети политички“ додава тој.

Минатата година косовските власти одбија да ги екстрадираат обвинетите во случајот „Монструм“ Алил Демири и Африм Исламиловиќ. Станува збор за прво и второ обвинети за петкратното убиство кај Смилковското езеро кое се случи на 12 април 2012 година. За нив министерството за правда три пати досега испрати барања за екстрадиција со ветување дека ќе добијат фер судење, нешто за кое косовските власти велат дека се сомневаат оти ќе им биде пресудено врз национална основа.

Екс-министрите Беџети и Јанкулоска со различни убедувања за „Монструм“

Од Косово се уште се чека и екстрадиција на обвинет од криминалната терористичка група која на 9 мај во кумановското Диво Насеље уби осум полицајци.

Претходно, во 2014 година и Германија одби да го екстрадира второобвинетиот во предметот „Фаланга“ Давид Шекуларац, затоа што немало доволно основи наведено во барањето за екстрадиција.

Шекуларац - Германија не ме екстрадира зашто има независно судство

Едно од постарите барања за екстрадиција е за поранеш прв цариник Драган Даравелски кој во 2007 година беше осуден во отсуство на седум години затвор. По неговото бегство од земјава и по потерницата од Интерпол беше уапсен во 2016 година во Србија. Последна информација што може да се најде на интернет за него е дека Србија се согласила да ја изврши екстрадицијата, но Даравелски поднел жалба, по што била одбиено барањето во март 2016 година.

Уапсен Даравелски, се чека екстрадиција

Пред неколку години Даравелски помина извесно време во екстрадициски притвор во Белград, но во меѓувреме стана државјанин на Србија и не беше испорачан во Македонија. По 11 години живот како бегалец поранешниот министер за здравство Владо Димов во 2017 година се врати во земјава. Македонските власти за него бараа екстрадијата и од Полска каде што беше уапсен на аеродром во Варшава, но подоцна и од Бугарија каде што живешее. Екстрадициите беа одбиени од судските власти. Димов беше осомничен во 2005 година за злоупотреба на службена должност и проневера на буџетски средства во вредност од 2,5 милиони евра. Димов откако се врати во земјава, тврдеше дека целиот случај против него бил политички прогон.

Професор Ќебир Авзиу вели дека екстрадијата колку е правен проблем толку е и политички проблем.
„ На крајот кога ќе се заврши целокупната правна постапка, сепак на крајот одлучува министерот за правда кој што го гледа државниот интерес, дали треба тоа лице да се екстрадира или не. За одредени кривични дела мора да се екстрадира, но за одредени кривични дела како кај нас што се бара за корупција, државите си одлучуваат каков е нивниот интерес за тоа дали треба да го екстрадираат или не. За дел од случаите за кои како земја бараме екстрадиција дел од тие лица имаат добиено и државјанство и тука настанува проблем, а за дел државите одлучиле дека во нивен политички интерес им е да не извршат екстрадиција“ вели Авзиу.
Според него проблемот не е во начинот на кој што се бара екстрадиција, туку станува збор за недостиг на политичка волја на државите да одговорат позитивно на македонските барања за екстрадиција.

Министерството за правда од 2018 година води евиденција за спроведените екстрадиции, колку од земјава се побарани, но и колку и од кои земји македонските власти побарале. Според нивните податоци во изминативе две години од западноевроспките земји биле одобрени 123 барања за екстрадиции. Но, вкупно 10 екстрадициски барања кои биле одобрени, не се спроведени и 48 барања во изминативе две години западноевропските земји ги одбиле. Во меѓувреме вкупно 400 барања за ескстрадиција на бегалци од земјава се уште се во постапка, односно се отворни и се чека одговор дали ќе биде одобрено екстрадирање во земјава или не. Дел од тие барања чекаат одговор веќе две години, покажува статистиката на министерството за правда. Од министерството за правда велат дека причините за одбивање се различни и специфични од случај во случај, а поради тоа не водат статистика зошто се одбиени барањата. Македонските власти во изминативе две години добиле 170 барања за есктардиција од кои одговорени се 90, а другите се уште се во постапка.

Од друга страна пак, ако се направи споредба на податоците објавени во соопштенијата на Јавното обвинителство во земјава од 2014 година па навака успешно се екстрадирани неколумина обвинети за учество во странска војска или паравоена формација од Косово, Албанија и Турција, потоа за еден припадник на терористичката група во Диво Насеље од Србија, еден обвинет за лихварство, изнуда и перење пари од Хрватска како и еден обвинет за продукција на детска порнографија од Грција преку инструментите на меѓународна правна помош од Австралија.

Според податоците од регистарот на министерство за правда Македонија има договори за екстрадиција има со Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Хрватска, Косово, Словенија, Италија и САД.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG