Достапни линкови

Самит за клима - Можно ли е земјите од Балканот да воведат данок на CO2


Рекламна табла за време на Конференцијата на ОН за климатски промени (COP26), во Глазгов, Шкотска.
Рекламна табла за време на Конференцијата на ОН за климатски промени (COP26), во Глазгов, Шкотска.

Недостасуваат финансиски средства за да се плати енергетската транзиција во земјите од Западен Балкан, беше кажано на сесијата на Европската енергетска заедница на Самитот за климата во Глазгов „КОП26“. Потребно е земјите да воведат и данок на јаглерод, но парите да бидат насочени во посебен фонд

Додека Самитот за климата во Глазгов „КОП26“ влегува во финалните денови, научниците, лидерите, активистите и бизнис-претставниците и натаму дискутираат за главната цел - како да се задржи шансата за лимитирање на глобалното затоплување на 1,5 степни Целзиусови, како што беше договорено во Париз пред шест години.

Фокусот е ставен врз потребата за намалување на емисиите на јаглерод диоксид од енергетскиот сектор, транспортот и производството, со оглед на зголемените појави на екстремни времснски услови како суши, топлотни бранови, полави, пожари како последица на употребата на фосилни горива.

Членките на Европската енергетска заедница во рамки на климатската конференција посветија сесија за тоа како договорените страни, во кои е и Македонија, да ја достигнат целта до 2050 година, а тоа е Европа да биде јаглеродно неутрална преку воведување на даноци на емисиите на јаглерод диоксид (CO2), а од друга страна да им се обезбеди праведна и инклузивна енергетска транзиција на регионите зависни од јаглен.

„Главната порака на директорот на Енергетската заедница Јанез Копач беше дека недостасуваат финансиски средства за да се плати таа транзиција, особено во земјите од Западен Балкан и дека недостасуваат и тие фондови за праведна транзиција коишто ќе бидат достапни за земјите од Европска унија, но не и за земјите од Западен Балкан“, вели Елена Николовска од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест.“

Македонија е земја потписничка на договорот на Енергетската заедница, а министерот за животна средина Насер Нуредини деновиве во Глазгов рече дека амбицијата на земјата е до 2030 година да ги намали емисиите во енергетскиот сектор за 66 проценти, главно преку инвестирање во обновливи извори на енергија.

Во однос на потребата за воведување на данок на јаглерод, кој треба да помогне во достигнување на целта за нула емисии на CO2 до средината на овој век, Николовска вели дека многу е важно овој данок да го воведат сите земји од регионот за да може да биде постигната посакуваната цел, но посочува дека идеално би било ако парите бидат насочени во посебен фонд, за да може особено да се помогне за спроведување на праведна енергетска транзиција.

„Треба да сфатиме дека јаглероден данок не значи уште еден данок за граѓаните. Ова е нешто кое треба да претставува данок кој ќе обезбеди дополнителен буџет за финансирање на декарбонизацијата на општеството. Парите од овој данок мора и треба да отидат кон постигнување на оваа цел на нулта емисии и тука спаѓа децентрализација на производството на електричан енергија, поголемо зголемување на уделот на обновливи извори, овозможување на граѓаните да им бидат инсталирани повеќе фотоволтаици, енергетска ефикасност и финансирање на праведната транзиција“, вели Николовска.

Луѓе носат транспарент на протест за време на Конференцијата на ОН за климатски промени КОП26, во Глазгов, Шкотска.
Луѓе носат транспарент на протест за време на Конференцијата на ОН за климатски промени КОП26, во Глазгов, Шкотска.

Европа во моментов се соочува со енергетска криза и енормно зголемување на цените на енергенсите, во услови кога цените на струјата на европските берзи се неколкукратно зголемени. Северна Македонија сега има потреба да го зголеми производството на струја од загадувачките термоелектрани на јаглен, бидејќи компаниите и институциите кои купуваат струја на слободниот пазар се соочени со енормно високи цени. За тоа државата во моментов набавува дполнителен јаглен за термоелектрантие РЕК Битола и РЕК Осломеј.

Инаку, некои од последните пораки од научниците на Самитот во Глазгов „КОП26“ се дека топлотните бранови се меѓу најочигледните влијанија на глобалниото затоплување, а дека комбинацијата на зголемени температури и зголемена влажност на воздухот можат да бидат смртоносна комбинација.

Во студија изработена од научниците на британскиот „Мет Офис“ – организација која прави временски и климатски прогнози, се вели дека една милијарда луѓе ќе се соочат со екстремен топлотен стрес ако глобалните просечни температури се зголемат за 2 степени.

Протестен митинг за време на глобалниот ден на акција за климатските промени во Глазгов на 6 ноември 2021 година, за време на Конференцијата за климатски промени на Обединетите нации „КОП26“.
Протестен митинг за време на глобалниот ден на акција за климатските промени во Глазгов на 6 ноември 2021 година, за време на Конференцијата за климатски промени на Обединетите нации „КОП26“.

Други истржувања кои беа презентирани во Глазгов покажуваат дека до крајот на векот пресечните температури ќе се зголемат за 2,4 степени врз основа на краткорочните цели што ги поставија земјите, со што се наметнува прашањето дали годинешниот Самит влева надеж дека државите имаат волја да ги направат потребните чекори за решавање на климатската криза, во услови кога илјадници граѓани изминативе две недели протестираат за итна акција, потенцирајќи дека со овие нивоа на затоплување, како и екстремните временски услови, растот на нивото на морињата, полавите, сушите, топлотните бранови и бурите ќе предизвикаат пустош низ светот.

Николовска, која ги следи конференциите во Глазгов, не е целосно сигурна во тоа, велејќи дека преговорите за климата кои се водат меѓу земјите се спротивни во однос на амбициозните ревидирани национални придонеси кои државите веќе ги поднеле. Таа вели дека во преговорите меѓу земјите има проблеми, бидејќи делегатите на некои земји не се согласуваат околу клучните работи за кои треба да се донесе конечна одлука до крајот на Самитот „КОП26“.

„Во последната верзија на текстот на „КОП26“ која излезе вчера, воопшто не беше спомнато напуштање на фосилните горива, а тоа е голем недостаток и се надеваме дека до крајот на неделава тоа ќе стои, бидејќи фосилните горива најмногу се виновни за климатските промени. Доколку тоа не стои во текстот, дека земјите се сложуваат и ќе се стремат за напуштање на фосилните горива до 2030 година, тогаш овие преговори можеме да ги прогласиме за неуспешни“, вели Николовска.

Богатите земји сѐ уште не се спремни да дадат доволно пари за помалите неразвиени земји и земјите во развој да можат да ги покријат загубите и штетите кои ги трпат од ефектите од климатските промени, но и да финансираат мерки и инструменти за адаптација на овие држави на новонастанатите климатски услови, а тоа беше ветено со Парискиот договор од 2015, заклучува Николовска.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG