Достапни линкови

Владата не одлучила дали ќе им плати на „Брако“ за модуларните амбуланти


Модуларна болница во Дебар
Модуларна болница во Дебар

Две прашања се поврзуваат со модуларните здравствени објекти, дали Владата ќе го плати долгот за нивна изградба кон „Брако“ и дали се безбедни за да примаат пациенти. Но, и за двете прашања и Владата и Министерството за здравство допрва ќе одлучува. Еден таков објект изгоре при што загинаа 14 луѓе.

Дали компанијата „Брако“ ќе добие пари за трите изградени модуларни амбуланти, Владата допрва ќе одлучува. За да одлучи, Владата прво ќе го разгледа интерниот ревизорски извештај на Министерството за здравство што го нарачал поранешниот министер Беким Сали и останатите документи кои ги добила Владата. Компанијата на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев „Брако“, заврши три од предвидените 10 модуларни амбуланти.

Долгот се однесува на три модуларни амбуланти кои се под ингеренции на Здравствен дом Скопје, а се поставени во скопските општини Ново Лисиче, Бутел и Ѓорче Петров.

Проектот беше стопиран откако изгоре модуларната болница во Тетово во 2021 година. Модуларните болници повторно се најдоа во фокус на јавноста, по документарниот филм на Истражувачката репортерска лабораторија ( ИРЛ) за пропусти во изградбата и причините за пожарот во тетовската модуларна болница во која загинаа 14 луѓе.

Компанијата „Брако“ ја тужи државата затоа што не и биле платени парите за веќе изградените три модуларни амбуланти.

„Тие не се платени, на оваа тема бивши министри на политички теми се препукуваат со своите наследници. Претходниот министер има нарачано ревизија и таа е доставена до Владата заедно со документите кои што се однесуваат на неплатените модуларни болници и сметам дека врз основа на сите тие документи и Владата ќе одлучи. Мој став е дека врз основа на сите документи за плаќањето на останатите ќе може да биде извршено кога ќе завршат сите правосудни постапки“, изјави на 17 август премиерот Димитар Ковачевски.

Претходно, актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити на 13 јули година одговарајќи на новинарско прашање посочи дека при средбата со претставници на компанијата „Брако“ е договорено спогодбено да ги исплатат парите.

„Тоа е веќе судски процес и имаше многу камати. Седнавме со сопствениците од компанијата, се договоривме да ги тргнат каматите, спогодбено да се исплати тој износ, тоа што имаат изградено, тоа што е во ред, а за другото да се тргнат од тоа што го бараат. Тоа го поминавме на Влада, како информација и за тоа добивме поддршка“, изјави тогаш Меџити.

Но, во последното соопштение од Министерството на 15 август е наведено дека „не е исплатено ништо за амбулантите, додека Владата не донесе одлука за тоа“.

Само три од 18 модуларни болници се користат како амбуланти

Според основниот предвиден проект кој го финансираше Светската Банка, во земјава за време на пандемијата со Ковид-19 беше предвидено да се изградат 19 модуларни болници и 10 модуларни амбуланти за да се покрене здравствениот капацитет за прием на заболени со ковид. Сите болници се изградија, а една, таа во Тетово, изгоре. Од амбулантите, пак, се изградени само три, од кои таа во Лисиче се уште не е во функција затоа што се чека одобренија за концесија на матични лекари, додека другите две во општините Бутел и Ѓорче Петров се ставени во функција, велат за РСЕ од Здравствен дом Скопје.

Од друга страна последните информации од Министерството за здравство покажуваат дека пациенти се прегледуваат во три од 18-те модуларни болници, кои се користат како амбуланти.

Но, Министерството сè уште не донело одлука што ќе прави со преостанатите модуларните болници, затоа што не знае колку се безбедни. Поранешниот министер Сали во септември 2022 веќе правел ревизија за целиот проект со модуларните здравствен објекти. Втората анализа, односно ревизија што ја прави Министерството во рок од една година не е готова, па оттаму за Радио Слободна Европа велат дека кога ќе заврши анализата, тогаш ќе дадат финални препораки.

„Досега се испитани амбулантите под Здравствен дом Скопје и истите може да се користат како амбуланти. По завршените анализи секоја од клиниките или здравствените домови ќе добие препораки за што може да се користат“, се вели во одговорот на Министерството за здравство.

Ревизијата на Сали покажа дека трите модуларните амбуланти не се поставени по законски стандарди

Поранешниот министер за здравство Беким Сали тврди дека ревизијата која тој ја нарачал во септември 2022 година откако седна на функционерското столче после Венко Филипче, во чие министерување се градеа модуларните, покажала дека сите модуларни објекти не се градени за да се користат трајно.

„Според ревизијата се работи за ист материјал кој што бил користен за сите објекти. Се работи за целосна ревизија на целиот проект, а за останатите модуларни болници во комуникација со финансиерите на проектот Светска Банка имавме договор и одвоивме една ставка за обезбедување на противпожарен систем на сите модуларни болници и начелно тие не би биле користени како модуларни болници или за подолг престој на пациенти, туку би биле користени како вакцинални пунктови или пак како лаборатории каде што престојот на пациентите не би бил подолг од еден ден“, изјави Сали.

Јавно достапните документите покажуваат дека модуларните амбуланти кои се под капата на Здравствен дом Скопје, а се поставени во Лисиче, Бутел и Ѓорче Петров не се поставени според основни законски стандарди.

„Решенијата се издадени без да се обезбеди согласност со Елаборат за заштита од пожари, експлозии и опасни материи од страна на Дирекцијата за заштита и спасување“, е наведено во интерниот ревизорски извештај добиен во декември минатата година, а нарачан од Сали.

Во него се вели дека уште на 27 септември 2021 година надзорот утврдил неусогласеност меѓу основниот проект за модуларната амбуланта во Ѓорче Петров и Елаборат за заштита од пожар, експлозии и опасни материи.

„Вклучително и Допис со привремен штембил на МЗ од 27 септември 2021 година со која надзорот го известува МЗ дека техничката документација не нуди ниту минимум стандарди за противпожарна заштита и бара насоки од МЗ за понатамошна реализација на замената за времени објекти од амбулантно-поликлиничка дејност на ЗД- Скопје – Амбуланти Ѓорче Петров, Лисиче и Бутел“, е наведено во ревизорскиот извештај кој бил готов во декември 2022 година.

Со Анекс договорот е направена промена, во која покрај што е зголемена цената за 15 отсто, обврската за добивање на согласност од Дирекцијата за заштита и спасување се префрла од изведувачот на Договорниот орган, односно на Министерството за здравство, што според ревизорите е незаконски. Според тоа останува нејасно дали оваа обврска е спроведена до крај.

Актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити го обвинува Сали дека тој е човекот што направил прием на трите амбуланти во Бутел, Лисиче и Ѓорче Петров.

„Лично тој како министер одобрил и ги примил модуларните амбуланти на 23.09.2022, 19.10.2022 и 22.2.2023, со што изведувачот правно требал да ги наплати. Потоа, Сали цели 8 месеци решил да спротивно на она што го потпишал, да не плаќа и да остави свесно државата да сноси правни и тешки финансиски последици. Како тоа Сали решил да не плаќа за нешто го одобрил и примил и веќе е во употреба?“, е наведено во соопштението на Министерството.

На 1 август од компанијата „Брако“ соопштија дека старите дрвени амбуланти во Ѓорче Петров, Лисиче и Бутел, кои во рамките на проектот на Министерството за здравство се заменети со нови и современи модуларни амбуланти.

„Челичната конструкција е изработена во БРАКО, ѕидните и кровните панели се набавени од Србија и Грција, а дополнително се внатрешно зајакнати со стаклена волна и огноотпорни гипсени плочи. Објектите имаат внатрешни хидранти, аларми за пожар со детектори за чад, посебни антипаник кваки на вратите за лесно отворање и хидранти надвор околу објектот“, се вели во нивното соопштение.

По документарниот филм на Истражувачката репортерска лабораторија ( ИРЛ) за пропустите во изградбата и причините за пожарот во тетовската модуларна болница во Тетово во која загинаа 14 луѓе, се отвори прашањето за тоа дали и колку се безбедни останатите модуларни болници кои беа поставени во 16 градови.

Според истражувањето на ИРЛ, модуларната ковид-болница во Тетово, била градена несоодветно заобиколувајќи повеќе законски процедури. Се граделе без елаборат за електрична инсталација, без елаборат за противпожарна заштита, со употреба на материјал кој што при пожар брзо гори како и без надзор на изградбата и низа други законски пропусти.

Во 2020 година, Министерството за здравство одлучи во 16 градови во земјата да се формираат ковид-центри со цел да се подготви здравствениот систем за најавениот бран на зараза со новиот вирус, а од друга страна да не се компромитира редовното работење на болниците и здравјето на другите пациенти. Вакви монтажни објекти беа изградени онаму каде веќе постојат општи болници и здравствени домови.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG