Дали имаш долга врска? Што работи твојот партнер? – Овие прашања ѝ биле поставени на Неда Чаловска Димовска кога аплицирала за работа во адвокатска канцеларија. Со ваквите прашања, кои неа лично ја вознемириле, таа вели дека се соочуваат многу жени кои ја „искусиле“ родовата дискриминација.
„Прв пат со ситуација на дискриминација се соочив на почетокот на мојата кариера, кога ми беа поставени прашања кои за мене беа многу навредувачки. Потоа се имам соочено и со дискриминација по основ на бременост и родителство, но мислам дека ова не се случува само во правосудството туку и во други сектори во општеството“, вели Чаловска Димовска за Радио Слободна Европа.
Таа е и дел од авторскиот тим на Анализата за родовите аспекти во правосудството, што ја објави Центарот за правни истражувања.
Родов јаз во раководните структури во правосудството
Анализата укажува на поголема процентуална застапеност на жените на позиција на судии и јавни обвинители. Во своите заклучоци авторите наведуваат дека тие се побројни од мажите и на почетната обука на Академијата за судии и јавни обвинители каде во последните седум генерации од вкупно 188 избрани кандидати 116 (61,7%) се жени, а 72 (48,4%) мажи.
И покрај ова, жените не се доволно застапени на раководни позиции како претседателки на судови и раководителки на јавни обвинителства, но и како членови на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
„Ако ги гледаме бројките и ја гледаме хиерархијата, судијките и обвинителките сѐ помалку се застапени како виши јавни обвинителки или како шефови на јавно обвинителство, претседатели на судови, или помалку се застапени во апелационите судови“, објаснува за РСЕ, Чаловска Димовска.
Претставено во бројки, жените заземаат 50% од раководните позиции во судството, но во однос на нивната вкупна застапеност од 63% во правосудниот систем, тоа укажува на родов јаз во раководните структури во оваа област.
Правосудството не е приспособено за поддршка на жените во бременоста и периодот по породилното отсуство, поради што токму мајчинството е еден од родовите аспекти кои го отежнуваат нивниот кариерен пат.
Ленче Ристовска е првата обвинителка во земјава која јавно прозборе и му се спротивстави на Советот на обвинители кој ја дискриминираше во обидот да напредува од Основното во Вишото обвинителство.
Извинување за дискриминацијата не доби, но засега извојува победа во две битки. Првата битка ја доби во Комисијата за спречување на дискриминација, која утврди потежок вид на дискриминација по основ на лично својство и општествен статус извршен од страна на Советот на јавни обвинители.
Втората победа ја освои во Управниот суд, каде што поранешниот претседател на Советот на јавни обвинители Антонијо Јолевски ја тужеше Комисијата за нивната одлука.
Чаловска Димовска вели дека ограничувањата се забележуваат и во делот на Академијата.
„Сегашниот закон не дозволува користење на боледување подолго од 60 дена. По овој период можеш да го изгубиш статусот на слушател на почетната обука, а тоа е дискриминаторски за бремените жени кои се слушателки бидејќи не може да користат ни боледување поврзано со патолошка бременост, на пример. Оние пак, кои веќе се породиле, не можат да искористат девет месеци за породилно отсуство. Затоа одлучуваат да се вратат по тие 60 дена. Има и бремени жени кои одлучуваат воопшто да не се пријават поради ова“.
Како е во соседна Србија?
Чаловска Димовска вели дека Академијата треба да ги направи пофлексибилни условите за слушање на предавањата, како следење на обуката онлајн.
Според неа, земјава би требало да земе пример од Србија, чиј закон вели дека оние кои оние кои започнале со слушање на почетната обука на академијата за судии и јавни обвинители, ако одлучиле да користат породилно отсуство ќе продолжат со наредната генерација онаму каде што застанале со почетната обука.
„Нашиот закон тоа не го дозволува. Така што ние бараме да се смени точно во ваква насока. Значи, на некој начин да не им го ограничува правото да можат да ја продолжат обуката онаму каде што застанале“, посочува нашата соговорничка.
Законски, но и измени во кодексите
Радио Слободна Европа го праша Министерството за правда каков е ставот за барањето за законски измени и дали се формирани работни групи во оваа насока. Од службата за односи со јавноста на Министерството не одговорија конкретно, но кусо посочија дека „кога ќе се прават измени на Законот за Академија за судии и јавни обвинители, сите предлози ќе бидат разгледани, вклучувајќи ја и посочената анализа“.
Авторите освен во законот, препорачуваат измени и во етичките кодекси на судиите и јавните обвинители. Здружението на судии на прашањето на РСЕ дали се планираат вакви измени, единствено посочија дека проблематиките за пријавување и водење постапки при евентуално сексулно вознемирување се регулирани со соодветни прекршочни акти и одредби од Кривичниот законик.
Првиот човек на Судскиот совет пак, Александар Камбовски во последното „Неделно интервју“ на Радио Слободна Европа истакна дека во него веќе е застапена борбата против дискриминацијата, но воопшто не би било проблем да се дообјасни терминот родова дискриминација.
„Ние сме сите против било каков вид дискриминација или нееднакво третирање на било кого. Сметам дека нема да има никаков проблем во спроведување на некоја таква измена во кодексите“, изјави Камбовски.
Од Советот на јавни обвинители не одговорија на прашањето дали планираат измени на Етичкиот кодекс, но од прес службата на Јавното обвинителство појаснуваат дека Кодексот со последните измени од ноември 2023 година е усогласен со препораките на ГРЕКО и европските практики за вакви документи.
Во постојниот Етички кодекс на јавните обвинители директно е предвидено дека меѓусебните односи на јавните обвинители мора да се засноваат на заемно почитување и коректност (член 13), а јавните обвинители се обврзани коректно и со почит да се однесуваат и кон останатите вработени во јавните обвинителства (член 15) – велат од Обвинителството.
Со оглед на тоа што сексуалното вознемирување и дискриминацијата на родова или друга основа, претставуваат навистина сериозни наводи, јавното обвинителство ги охрабрува сите евентуални жртви да ги користат законските и подзаконските механизми за пријава кои и во моментов постојат – се додава во писмениот одговор до РСЕ.
Родова димензија и во безбедноста
Со измените во овие документи, очекувањата се дека ќе се зајакне безбедноста на жените во правосудството, каде нема точно утврдени механизми за пријавување на случаите на родово насилство. Искуството покажува дека заканите и навредите кои тие ги трпат, неретко се упатени и кон нивните деца.
„Додека ја изготвувавме анализата немаше точно утврдени одговори каде би пријавиле родово засновано насилство. Некои би пријавиле кај претседателот на Судот, некои во полиција и така натаму. Впрочем, од таму ни тргна и препораката дека ќе мора да се донесе протокол за постапување во случај на закани или во случај на нарушување на безбедноста и закани по живот“, објасни Чаловска Димовска.
Според неа, ова особено би било важно за судијките поротнички.
„Осумдесет проценти од судиите поротници во државава се жени, а тие работат во едни нехумани услови затоа што немаат договор за вработување и имаат минимални придонеси од страна на државата. Ако тие немаат никаква безбедност и никакви основни обезбедени услови за работа, многу лесно може да бидат подложни на корупција, на закани и така натаму“, заклучува таа.
Политикологот Сара Миленковска вели дека третманот кој го добиваат жените во правосудството е многу поразличен од оној на нивните колеги, а тоа создава двојна виктимизација.
„Кога жените како адвокатки, судијки и обвинителки се оние кои треба да нè штитат нас од родово-базирано насилство на правно ниво, а тие самите не се заштитени, што може да кажеме за други жени кои ги немаат истите привилегии“, вели Миленковска.
Проблемот е комплексен, бидејќи сегашните механизми за пријавување на жртви на родово насилство, и онака не функционираат соодветно ниту надвор од правосудниот систем.
Сепак, ако имаме проблеми со веќе постоечките механизми, тоа укажува дека сеопфатно мора да се размислува за заштитата на жртвите на насилство кои сакаат да го пријават тоа.
„ Пријавите многу често завршуваат несоодветно документирани од самите полицајци и од самите личности кои ги процесираат тие пријави. Затоа е потребен поголем и потранспарентен процес на пријавување кој ќе може да ја следи самата пријава, од тоа како е документирана до тоа како понатаму се гради случајот“, објаснува таа.
Патријархалната култура и понатаму останува проблем бидејќи влијае на тоа колку се родово сензитивни полициските службеници.
Родовата еднаквост во забелешките на ЕК
Забелешките за родовата еднаквост не изостанаа ниту во последниот извештај на Европската комисија.
-Северна Македонија нема напредок во подобрувањето на родовата еднаквост и нема важен напредок во нејзината национална политичка рамка за интегрирање на родовата еднаквост и усогласување со правото на ЕУ. Антиродовото движење продолжи да добива на сила во земјата. Ова влијаеше врз законодавниот процес и процесот на креирање политики- забележа ЕК.
Комисијата во Извештајот за 2024 година, препорача да се зајакнат меѓуинституционалните механизми за спроведување и следење на политиките за родова еднаквост.