Достапни линкови

Родителите собираат пари, но како се трошат?


Илустрација - училиште во Северна Македонија
Илустрација - училиште во Северна Македонија

Иако и во Националната стратегија за спречување на корупција е наведено дека МОН треба да изготви подзаконски акти до 2022 година, досега нема никакви правила за за набавките во училиштата финансирани со пари од родителите. Центарот за граѓански комуникации проценува дека годишно на овој начин нетранспарентно се трошат 10 милиони евра.

Пари од родителите во училиштата најчесто се собираат за осигурување на учениците, за униформи, фотографирање, за ужина, па дури и за сапун и хигиенски производи. Овие набавки не влегуваат во законот за јавни набавки и нема јасно дефинирани правила за избор на најповолните понуди, па поради тоа се остава простор за корупција и злоупотреба на службената позиција во училиштата ширум Северна Македонија, покажува истражување на невладината организација - Центар за граѓански комуникации (ЦГК).

Инвентарот во училиштата и сите потребни средства за непречено одржување на настава се обезбедуваат преку пари од општините кои тие ги добиваат од Министерството за образование и наука. Но за тоа се распишуваат тендери.

Меѓутоа, проблематични се набавките во училиштата финансирани со пари од родителите кои не подлежат на законот за јавни набавки, а за кои Министерството нема донесено ниту посебни подзаконски акти или правилници за начинот на нивно спроведување.

Во поголемиот дел од училиштата најчесто парите се собираат преку советот на родители, а родителите најчесто парите ги уплаќаат директно на сметка на фирмата.

„За секоја одлука за избор на фирма за одредена услуга ние како родители немаме никакво учество. Генерално, уште од самиот почеток само добиваме известување, на пример, дека е одбрана фирма којашто ќе ги обезбедува учениците во училиштето и дека до тој и тој датум треба да се соберат парите“, вели за РСЕ Симона Цветковска, мајка на двајца ученици во основното училиште „Владо Тасевски“ во скопски Карпош.

Затоа и некои родители, со кои разговаравме, се сомневаат дека се носат контроверзни одлуки.

„Кога станува збор за пари, само ни кажуваат на родителската средба колку и до кога треба да се дадат. Одлуките наводно ги носат на совет на родители, но и тоа мислам дека е проформа, затоа што најчесто тоа се фирми што ги бира градоначалникот, и нас ни се нудат само на согласност“, објаснува за РСЕ уште една мајка на ученик во скопското основно училиште , која побара да остане анонимна.

Токму поради нетранспарентноста при овие набавки со пари од родителите, во Националната стратегија за спречување на корупцијата (2021-2025), во една од одредбите стои и дека се задолжува МОН да изготви подзаконски акти, односно правилници преку кои ќе се регулира на кој начин ќе се собираат и трошат овие пари.

ЦГК: Годишно нетранспарентно се трошат 10 милиони евра

Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации е спроведено во вкупно 96 основни и средни училишта на територија на Северна Македонија и покажало дека за сумата од околу 10 милиони евра на годишно ниво, пари кои родителите ги даваат за осигурување на учениците, за униформи, за ужина... не постои системско решение за начинот на нивното трошење.

И истражувањето покажува дека изборот за најдобар понудувач за одредена услуга за која родителите собрале пари, на пример за ужина, во секое училиште се врши преку согласно интерни правила – најчесто тоа оди преку советот на родители.

Во училиштата опфатени во истражувањето исто така се гледа дека родителите се маргинализирани, односно дека во најголем дел добиваат информација само за фирмата која веќе е избрана и на која сметка да уплатат.

Токму поради тоа, многу училишта од кои било побарано одговор, до Центарот за граѓански комуникации не ни доставиле информации за начинот на кој ја воделе постапката.

„Најголем дел од училиштата не можат да објаснат како е направен изборот на фирмите за чии услуги плаќаат родителите. Дури и кај оние училишта што ги доставија одлуките за избор од страна на советите на родителите не може да се утврди како се прибрани разгледуваните понуди, односно кој одлучил од кои конкретни фирми да се бараат понуди за набавките“, се вели во заклучокот од истражувањето на ЦГК.

Според доставуваните одговори, се гледа дека во училиштата во земјава најчесто родителите собираат по 100 денари за осигурување на учениците, по 50 денари за поединечни и 100 денари за групни фотографии, а полуматурските и матурските прослави обично ги чинат од 1.200 до 1800 денари од ученик.

Секое училиште само си одредува правила

Кога правила нема, секое училиште собира пари од родителите или по свои интерни правила, или во согласност со Деловникот за работа на советот на родители или по правила утврдени во Статутот на училиштето, стои во истражувањето. Но во овие документи нема правила за тоа како се постапува со овие пари.

Во основното училиште „Братство Единство“ во Долно Коњари, пари се собираат за осигурување на учениците, за ужина и за фотографирање, а изборот на фирмата се селектира преку Советот на родители, но интервенира и училишниот одбор, објаснува за РСЕ директорот Сали Бузаки.

Парите за осигурување вели се собираат на доброволна база, а за нив е одговорен секретарот, кој е избран од членовите на Советот на родители, кој потоа ги уплаќа парите на фирмата вршител на услугата.

„Кога собираме пари од родителите, на пример за фотографирање на учениците, најпрво јас објавувам два огласи во весници и тоа еден на албански еден на македонски јазик. Потоа, откако на огласот веќе ќе се пријават неколку фирми, двајца родители од Советот на родители, како и членови на училишниот одбор седнуваат на маса и ја одбираат најдобрата понуда. Откако ќе донесат заедничка одлука ќе дојдат кај мене и јас ќе го потпишам решението“, вели Бузаки.

Регулирани се само екскурзиите

Посебните правилници на МОН објавени и во службен весник и на нивната страница, ги регулираат само екскурзиите како јавна набавка.

Постапката ја спроведува комисија формирана со одлука на Училишниот одбор. Таа носи одлука за избор на понудувач, но пред конечниот избор се минува низ неколку филтри, односно потребно е согласност и од училишниот одбор и од директорот.

И родители кои се дел од Советот на родители во училиштата, а кои ги контактиравме велат дека како што има за екскурзии, за сите ќе биде подобро ако има посебни правилници и за се друго што се финансира со парите на родителите.

Правилникот за екскурзии функционира во пракса. Точно знаеме кој ја бира понудата, кога треба да се достави, едноставно се си е убаво напишано. Многу ќе биде полесно и на пример кога собираме пари за фотографирање на учениците да се знае кој треба да го врши изборот за најдобар понудувач. Кај нас тоа го правиме ние во Советот на родители, но иако се било во ред, сепак имаше некогаш ситуации кога родители ќе прашаа зошто токму таа фирма, кој ја избра? И ние немаме конкретни правила за да му одговориме “, вели Жарко, претседател на совет на родители во штипското основно училиште „Славејко Арсов“.

Тој вели дека нетранспарентноста при овие набавки е пракса со години, иако сите се свесни дека се остава простор за корупција или манипулации со парите од родителите на учениците.

„Кај нас засега немало проблеми со парите, но секогаш е тој страв дека постои таа „дупка“ да се направи голема злоупотреба. За среќа, се било во ред“, додава Жарко за РСЕ.

МОН: Родителите немаат обврска да даваат пари

Родителите немаат никаква обврска да вложуваат средства во училиштата за набавка на опрема, хартија, хигиенски препарати, набавка на униформи, поставување на физичко обезбедување и слично, велат од МОН, во одговор на прашањето на РСЕ зошто не се регулирани овие давачки.

„Доколку родителите/старателите одлучат дека се потребни, тогаш собираат средства и преку Советот на родители одбираат провајдер за конкретната услуга, а уплатата се врши директно на сметка на провајдерот. Ова значи дека собраните средства не се влеваат на сметка на училиштето, така што истото нема удел ниту влијае на избор на провајдерите. Бидејќи овие потреби не се дефинирани во законите за основно и средно образование како задолжителни, не постои правен основ за усвојување на подзаконски акти“, стои во одговорот од МОН.

Доколку пак постои сомневање за текот на парите кои ги собрале родителите, од МОН упатуваат на инспекторатот.

„ Доколку некој родител/старател се сомнева во одредена постапка или одлука донесена од страна на училиштето, смета дека е противзаконска, може да поднесе претставка до Државниот просветен инспекторат кој е надлежен за надзори и контроли во образовните установи“, се додава во одговорот од МОН.

Во Северна Македонија има вкупно 966 основни и 129 средни училишта, во кои учат околу 254 илјади ученици.

XS
SM
MD
LG