Достапни линкови

Убедлива победа на Мицотакис на изборите во Грција


Лидерот на Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис
Лидерот на Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис

Партијата на Кирјакос Мицотакис победи на парламентарните избори во Грција. Неговата партија Нова демократија добива 40,52 отсто од гласовите, или 158 пратенички места во 300-члениот парламент, со што Мицотакис ќе може да формира еднопартиска Влада. Нова Демократија освои двојно повеќе од второпласираната Сириза.

Конзервативната партија Нова демократија убедливо победи на денешните парламентарни избори во Грција, покажуваат првичните официјални резултати, со што гласачите му дадоа уште еден мандат на премиерот Кирјакос Мицотакис. Се очекува Нова демократија да има 157 или 158 пратенички места во 300-члениот парламент.

Според преброени скоро 90 отсто од гласачките места во земјата, централно-десничарската Нова демократија на Мицотакис освои над 40 проценти од гласовите, а главниот ривал, крајно левичарската Сириза претрпе голем пораз, освојувајќи само нешто над 18 отсто, што е уште помалку од изборите во мај, кога освои 20 проценти.

Сириза победи на изборите во 2015 година, во ек на должничката криза, и ја водеше државата до 2019 година, кога изгуби токму од Нова демократија.

„Очигледно, ова е голем пораз“, рече Евклид Цакалотос, кој беше министер за финансии во владата на Сириза, за грчката Скај ТВ.

Жена гласа на избирачко место во Атина, Грција, 25 јуни 2023 година
Жена гласа на избирачко место во Атина, Грција, 25 јуни 2023 година

Второ гласање за еден месец

Денешното гласање е второ во изминатите пет недели. На изборите на 21 мај, кои се одржаа под поинаков изборен систем, ниедна партија не освои апсолутно мнозинство во 300-члениот парламент. Нова демократија и тогаш освои 41 отсто од гласовите, но ѝ фалеа петмина пратеници за апсолутно мнозинство.

Според системот користен на денешното гласање, партијата што ќе освои најмногу гласови добива бонус меѓу 25 и 50 пратенички места во зависност од поддршката на гласачите, со што се олеснува освојувањето апсолутно мнозинство во Парламентот.

Педесет и петгодишниот Мицотакис, кој беше премиер од 2019 година, се повлече по изборите на 21 мај, во корист на привремен премиер. Тој вети дека ќе продолжи со реформите за обнова на кредитниот рејтинг на земјата по должничката криза која ја потресува земјата цела деценија.

Неговиот главен противник, 48-годишниот Алексис Ципрас од Сириза, кој беше премиер од 2015 до 2019, по катастрофалниот пораз сега треба да се бори за својот политички опстанок. Тој не успеа да ја консолидира својата гласачка база, разединета од партии кои ги формираа некои од неговите поранешни политички соработници.

Севкупно, осум партии го поминаа изборниот праг од 3 отсто за влез во Парламентот. Од бројот на партии кои ќе влезат во Парламентот зависи колку бонус пратенички места ќе добие победникот.

Денешното гласање се одржа во сенка на потонувањето на брод со мигранти овој месец, несреќа во која според стравувањата загинале стотици луѓе кај јужна Грција. Тоа беше една од најстрашните вакви катастрофи во изминатите години и ги разоткри поделбите меѓу партиите околу миграциите.

Во Парламентот влегуваат и крајните десничари Спартанци

Антиимигрантската, ултрарелигиозна и крајно десничарска партија Спартанци, според која Грција е под закана од неконтролираната миграција, беше изненадување на изборите. Врз основа на првичните резултати, се очекува да освои 4,7 отсто од гласовите, односно 13 пратенички места.

Од релативно непозната партија доби популарност по поддршката од Илиас Касијадијарис, лидер на сега забранетата екстремно десничарска партија Златна зора. На неговата партија ѝ беше забрането учество на изборите и тој ги поддржа Спартанците од затвор, каде што отслужува казна.

Потонувањето на бродот со мигранти доминираше во кампањата.

Спасувачите пронајдоа 104 преживеани и пронајдоа 82 тела на загинати, но на бродот кој патувал од Либија кон Италија имало до 750 луѓе. Бродот бил следен од грчката Крајбрежна стража, која соопшти дека патниците ги одбиле сите понуди за помош.

Мицотакис, чија администрација зазеде остар став кон миграцијата, ги обвини „бедните трговци со луѓе“ за несреќата и ја пофали Крајбрежната стража за спасувачката акција. Лидерот на Сириза Алексис Ципрас праша зошто Крајбрежната стража не реагирала порано.

XS
SM
MD
LG