Достапни линкови

Првата трансплантација на срце сплоти две семејства


Тимот од кардиохирурзи кои ја изведоа првата трансплантација на срце од починат донатор
Тимот од кардиохирурзи кои ја изведоа првата трансплантација на срце од починат донатор

Тројца македонски пациенти добија нови органи во еден ден. За прв пат во историјата на македонската медицина тим на кардиохирурзи изведоа трансплантација на срце од починат донор.

Сè беше така брзо, ни се јавија пред два дена и ни рекоа дека нашле донатор на срце за мојот татко, и дека за прв пат ќе прават ваква трансплантација, накратко рече синот на првиот пациент на трансплантација на срце од починат донатор, Васил Огњеновски. Тој изрази сочувство и огромна благодарност до семејството на починатата чие што срце е трансплантирано во неговиот 54 годишен татко Иван Огњеновски.

„Сакам да се запознаеме со нејзиното семејство, семејството на донаторката, да им стивне нивната болка и да заздрави татко ми за да може и тој да се запознае со нив. Нашите фамилии ќе останат сплотени засекогаш. Срцето не поврзува, иако не сме во крвно сродство, срцето е единството меѓу нашите фамилии“, изјави Васил Огњановски.

Тој во дворот на државната универзитетска клиника пред медиумите посочи дека докторскиот тим позади него по втор пат го спасуваат животот на неговиот татко. Им порача на граѓаните да донираат органи од своите најблиски, затоа што со тој чин и покрај големата болка од загуба, сепак може да спасат многу семејства и да им дадат втора шанса за живот на многумина.

По шестчасовната операција, во сала на државната кардиохирургија, тим на врвни лекари ја изврши првата трансплантација на срце во земјава. Семејството на 43 годишна Емилија Динева што го загуби животот во сообраќајка несреќа, одлучи да спаси животи, донирајќи ги и нејзиното срце и нејзините бубрези.

„Доцна во ноќта додека градот спиеше во 02:43 часот зачука срце.....Во Република Македонија, на Универзитетската Клиника за Државна Кардиохирургија се направи ПРВА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА на СРЦЕ !! Вредните раце и паметните глави на нашите врвни стручњаци на чело со Проф. Др. Сашко Јовев, во оваа вонредна состојба направија чудо....испишаа историја !! Во услови на пандемија, во услови на страв, во услови на безнадежност ... победи хуманоста и љубовта. Победи цената за сите оние непреспиени ноќи над книга, победи секоја солза и тага за загубен живот, победи вистинска посветеност, да се биде !, “ напиша на својот профил на фејсбук еден од докторитеХристијан Бундовски.


Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека денеска е испишана историја затоа што за прв пат во земјава е изведена трансплантација на срце од починат донатор.

„Трансплантацијата немаше да биде можна без еден друг чин на човекољубие и алтруизам. Семејството Диневи пред неколку дена ја загубија својата сакана мајка и сопруга и по дијагностицирањето на мозочната смрт се согласија да ги донираат бубрезите и срцето на починатата. Со тоа верувам дека многу силно ќе се испрати порака, до сите наши граѓани колку е битно органодарителството, како во даден момент спасува живот“ изјави Филипче.

Тој посочи дека кардиохирургијата има свои моменти на моќ и немоќ, затоа што до вчера не можеле да го спасат живото на Огњеновски, затоа што сите можности за лекување биле исцрпени, но со чинот на алтруизам на семејството на Диневи, срцето на нивната сакана чука во градите на Огњановски и тој ќе го почне вториот живот.

„Сега борбата е на почетокот, заврши најтешкиот дел и се надеваме дека во процесот во кој што следиорганизмот нема да го отфрли срцето како и организмот на другите двајца пациенти кои добија нов бубрег по што повеќе нема да треба да идат на дијализа“, додаде тој.

Министерот истакна дека овој настан ги спои врвните кардиохирурзи во земјава од државното и приватното здравство и целиот тим кој со висок ентузијазам покажаа како треба како тим да се работи за спасување на човечки живот.

За докторот Сашко Јовев под чие водство е изведена трансплатацијата, овој чин е круна во кардиохирургија и медицината.

„Претставува и заокружување на еден процес кој што го започнавме со лекувањето на терминална срцева слабост, патологија која што е се почеста, која што во светот зазема епидемиски размери, истата, практично нејзиното лекување го започнавме со популарно кажано вештачки срца, но сепак трансплантацијата на срце е можеби одговор кој најверојатно ретко ќе го добиваме е сепак најдобар“ изјави хирургот Јовев.

На списокот за трансплантација на срце чекаат дваесетина луѓе од кои 13 годишно момче е најмладиот пациент кој чека ваква помош, велат здравствените работници.

Националниот координатор за трансплантација Маја Мојсова изјави дека за неа ова е многу емотивен настан затоа што е нешто што долго време се подготвува, тимот бил долго време контактиран и со нив усогласен протоколот на работата.

„Сметам дека ова може да ни даде уште поголема волја и надеж дека семејствата кои ќе се соочат со загуба на својот близок ќе се одлучат да го донираат органите и дека сепак голем број пациенти ќе можат да продолжат со лекувањето со нов орган и со нова надеж, сакам да им изразам сочуство на семејството на починатата и да им порачам дека срцето на нивната драга се уште чука и со тоа се уште живее“ вели Мојсова.

Таа истакна дека е многу тешко кога семејствата кои се соочуваат со тешка болка да донесат таква хумана одлука.

„И затоа сметам дека, да, семејствата се тие што се херои на крајот од денот, затоа што да не беа тие, ние немаше да бидеме тука,’ изјави д-р Мојсова на прес конференцијата по завршувањето на трансплантацијата на срце

Доктор Жан Митрев од Клиниката „Жан Митрев“, рече досега имало многу малку разбирање за овој проблем.

„Од минатата година за првпат во Македонија се дозволи вградување на вештачки срца, што беше првиот исчекор кон ова. Се покажа дека ги имаме сите капацитети и можности. Сакам да се заблагодарам на минситерот Филипче,“ кој не организира и сплоти со една цел да ги лекуваме пациентите, изјави Митрев.

Трансплантацијата на срцето ја работеа проф. Д-р Сашко Јовев и академик Жан Митрев заедно со Д-р Васил Папестиев, Д-р Марјан Шокаровски, Д-р Ванѓел Здравески, Д-р Кјутим Џелили, Д-р Тања Анѓушева, Д-р Никола Христов, Д-рСтефанија Хаџиевска, Д-р Надица Мехмедовиќ, Д-р Весна Миташова, Д-р Јасмина Илиевска, Д-р Марија Гераковска и Д-р Димче Славевски.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG