Тетово е град кој од 2003 година нема донесено Генерален урбанистички план. Се смениле многу градоначалници и власти но никој не успеа да го среди хаосот со дивоградбите. Сегашниот градоначалник Биљал Касами најави дека до крајот на 2026 година ќе го реши овој проблем.
Во меѓувреме, општината изработува детални урбанистички планови за делови од Тетово и околината. Една од фирмите која ја ангажира преку јавни огласи е фирмата Проинженеринг.
Во 2022 и во 2024 година оваа фирма добила два тендера за да проектира детални урбанистички планови во Тетово.
Според она што може да се види од Бирото за јавни набавки, првиот договор во висина од речиси 100 илјади евра е склучен во јули 2022 година со фирмата Проинженеринг за да ги изработи деталните урбанистички планови.
Во договорот е наведено дека се работи за сукцесивна набавка која не мора да се изврши во целост, а дека фирмата имала најниска цена на услугите.
Вториот договор е исто така за изработка на Детални урбанистички планови и е потпишан на 78 илјади евра во мај 2024 година.
Изработувачот на ДУП – овите вработен во Министерството за транспорт
Тетовската фирма Проинженеринг има двајца сопственици - Ибраим Ферати и Муса Муслија. Но во исто време, Ферати работи во Министерството за транспорт и врски како помошник раководител на сектор во Управата за сигурност во железничкиот систем.
Истото Министерство, пак, на фирмите им дава лиценци за проектирање на градби и ревизија на проектна документација, за управител на градба, изведувач, надзор и управител на одржување, нешто што е дел од основните дејности и на оваа фирма. Проинженеринг има добиено вакви лиценци во 2016 та и во 2024 година во февруари, само два месеци пред фирмата да го добие тендерот за изработка на ДУП-ови.
Од Министерството за транспорт не гледаат проблем и за РСЕ велат дека Ферати е вработен во Министерството уште во 2005 година, но дека неговите работни обврски не се во секторот урбанизам.
„Конкретно лице е со работни обврски во Управата за железнички систем и истите не соодејствуваат со Секторот за урбанистичко планирање и Секторот за градење. Вработените во Министерството своите работни задачи и обврски ги исполнуваат исклучиво според законските прописи, независно за кое правно или физичко лице се работи“, се вели во одговорот на Министерството за транспорт.
Инаку според Законот за државна управа, Министерството за транспорт е единствена институција во државата која издава лиценци од областа на урбанизмот и градежништвото и има дефинирани критериуми по кои ги издава.
Лиценците се контролираат, но само од аспект на исполнување на критериумите потребни за доделување, велат од Министерството. Од таму додаваат дека одлуките за тоа дали еден ДУП ќе го помине филтерот кај нив зависи од тоа дали е во согласност со параметрите на Генералниот урбанистички план.
Ферати информиран од Општината за прашањата на РСЕ
Сопственикот на Проинженеринг, Ибраим Ферати во телефонски разговор за РСЕ вели дека нема никакво влијание ниту во издавањето на лиценците за неговата фирма, каде вели дека е само основач, ниту пак се меша во работата на фирмата, иако е сопственик.
Но, во истиот разговор уште пред да му бидат поставени сите прашања, тој веќе знаеше што беше претходно предмет на интерес на РСЕ во прашањата испратени до Министерството за транспорт и до Општината Тетово.
Запрашан од каде му се информациите за прашањата на РСЕ испратени до институциите, вели дека исто како и ние „и тој си има свои извори“ и дека „бил информиран од некој од општината“.
„Вие сте испратиле прашања до општината или до негде... Како што некој вас ве информира така и мене ме информирал. Да, од општината ме информираа за вашите прашања. Јас не можам да кажам дека сум непријател со општината, ниту со една општина во државата“, вели Ферати.
Радио Слободна Европа уште на 14 јануари испрати прашања и до Општина Тетово и до Министерството за транспорт. Меѓу другото, и за изработката на ДУП за викенд населбата на Попова Шапка и за две спорни парцели за кои имаше непотврдени информации дека им е зголемена површината за изградба на хотели.
Во разговорот за РСЕ Ферати самиот откри дека знае за овие прашања.
„Планот за Попова Шапка ко демек ние сме го добиле. Па тој план е почнат уште во време на Беџети како градоначалник и ние не сме биле изработувачи. Па два мандати Теута Арифи, па прв мандат на Биљал Касами и сега ние како да го добиваме тендерот преку... Мислам дека некои работи се неврзани“, вели Ферати.
Од Општина Тетово не одговорија на испратените прашања, ниту пак на дополнителното за тоа кој го информира сопственикот на фирмата која добива тендери токму од општината за тоа какви прашања испрати РСЕ до институцијата. Од Министерството за транспорт убедуваат дека од кај нив не протекуваат информации за нивниот помошник раководител.
Две хотелски парцели добиле поголема површина?
Еден од ДУП-овите за кои била ангажирана Проинженеринг и за кои се интересираше РСЕ е и за викенд-населба Попова Шапка и селата Лисец и Гајре кои се на подножјето на Шапка. За овој ДУП се одржале повеќе јавни расправи и анкети, но уште не е финализиран и изгласан од општинскиот совет.
Сепак за да ги помине сите процедури ДУП-от мора да го помине и филтерот на Министерството за транспорт кое треба да го одобри, а токму во министерството, Ферати е заменик раководител на сектор.
Според извори на РСЕ кои сакаа да останат анонимни има две спорни парцели токму на Попова Шапка. Тие се предвидени за изградба на хотели, а на една од нив веќе има објект. Сомнителна е нивната површина која наводно се зголемувала низ годините.
Од Општина Тетово не одговорија конкретно на прашањата на РСЕ.
„Процесот на одобрување на новиот детален урбанистички план за Попова Шапка помина низ неколку важни фази и моментално се наоѓа во Министерството за транспорт за одобрување. За време на разгледувањето, Министерството имаше неколку технички и правни забелешки во врска со содржината на планот, кои беа адресирани од страна на нашата Општина, а подобрената документација беше повторно испратена на повторно разгледување“, се вели во одговорот од Министерството за транспорт.
Инаку според последните податоци од општинсклите власти на Попова Шапка има повеќе од 120 дивоградби. Со изработката на ДУП и ГУП би требало она што може да се легализира, но според изјава на градоначалникот Касами за она што нема да влегува во плановите ќе мора да се интервенира според законот за дивоградби.
Антикорупциска отвори предмет по интересот на РСЕ
Државната комисија за спречување корупција до сега нема примено пријава за можен судир на интереси за Ибраим Ферати како раководител на сектор и сопственик на фирма во исто време. Но после прашањата на РСЕ вели дека ќе отвори предмет.
„На колегиумот одржан на 20.01.2025 година, ДКСК заклучи да оформи предмет по сопствена иницијатива, по допрен глас, за наводите изнесени во Вашето прашање. Доколку располагате со дополнителни информации за конкретни јавни набавки во кои фирмата сопственост на наведеното лице била избрана за најповолен понудувач, Ве молиме да ни ги доставите“, се вели во одговорот до РСЕ.
Инаку околу постоење на судир на интереси во случаи кога фирма сопственост на наведеното лице добила тендери за изработка на ДУП-ови на неколку општини и тендери за други услуги поврзани со секторот урбанизам, ДКСК вели дека треба да се разгледа од аспект на секој поединечен случај во кој конкретната фирма учествувала во постапка на јавна набавка и била избрана за најдобар понудувач.
Инаку вториот сопственик Муса Муслија во 2016 та година добил јавна опомена од ДКСК, бидејќи додека бил управител на фирмата бил и член на Одбор на директори во АД „Водостопанство на РМ “ - Скопје. Јавната опомена била изречена откако тој не постапил по барањето од ДКСК да се повлече од позицијата управител на фирмата што било спротивно на Законот за спречување судир на интереси. После јавната опомена тој се тргнал од управителското место, но не и од сопственичката структура.
Проинжинеринг изработува ДУП-ови и за други општини
Според податоците од Бизнис-мрежа фирмата Проинженеринг има добиено вкупно 80 тендери од 2015 година од кои само 11 се во 2024. Сепак реализирани се 34 и вкупната нивна вредност е повеќе од 2 милиони евра од кои половина милион се од реализацијата лани. Најчесто овие тендери се добиени од општините Гостивар, Сарај, Желино, Липково, Брвеница, Боговиње, Арачиново и Врапчиште.
Дел од набавките кои ги добила се токму за услуги за изработка на Детални урбанистички планови и тоа на Гостивар, Арачиново и Врапчиште.