Достапни линкови

Табличките, една сопка помалку во односите меѓу Белград и Приштина


илустрација
илустрација

Позитивен чекор за Брисел, Србите на северот на Косово поделени - за едни „предавство“ и „пораз“, за други пак добро решение.

Во Белград немаше поголеми реакции на одлуката на Владата на Србија да дозволи влез во Србија на возила со регистарски таблички од Косово.

До објавувањето на овој текст, Владата на Косово немаше одговорено на прашањето на Радио Слободна Европа дали и Приштина од 1 јануари ќе ги укине налепниците со кои досега се покриваа државните симболи на регистарските таблички.

Прашањето за регистарските таблички досега предизвика низа кризи на северот на Косово, од протести и барикади до излегување на Србите од косовските институции.

Што велат граѓаните на северот на Косово?

Владата на Косово во октомври минатата година го започна процесот на пререгистрација на возилата, а по еден месец Србите ги напуштија косовските институции поради ова прашање. Оттогаш, кризите на северот на Косово само продолжија.

Милан од Северна Митровица, општина со српско мнозинство на северот на Косово, потсетува на палењето на автомобилите на Србите кои земаа РКС регистарски таблички на почетокот на процесот на пререгистрација и оценува дека никој не може да им надомести за тоа оштетување.

„Табличките беа нешто што ги натера луѓето да градат барикади, поради што луѓе загинаа, табличките беа нешто што беше државноста на Србија на овие простори. Ова сега е поразително“, вели Милан.

Стефан смета дека со оваа одлука на Владата на Србија „ништо не е постигнато“ за Србите од Косово.

„Дали воопшто постоиме за нив? Дали тие мислат на нас? Воопшто не разбирам за кого се залага официјален Белград и сегашниот режим“, прашува Стефан.

Од друга страна, Драган и Ѕвездан сметаат дека оваа одлука ќе го олесни движењето на Србите од Косово, кои имаат пререгистрирани возила со регистарски таблички РКС.

„Поради народот, во ред е, поради земјата (Србија) не е. Донекаде, земјата (Косово) е призната, но ние сме во таква ситуација што мораме“, вели Драган.

„Можеби е добро. Што да правиме, едноставно има многу луѓе од овде што имаат некој (во Србија), куќа таму и овде“, вели Ѕвездан.

Од 1 ноември до 14 декември 3405 граѓани, главно во општините Северна Митровица и Лепосавиќ, ги замениле српските регистарски таблички со косовски, покажуваат податоците на Владата на Косово.

Пререгистрирани се вкупно 4 210 автомобили.

Табличките КМ (Косовска Митровица) издадена од српските власти беа користени од Србите на северот на Косово, но Косово ги сметаше за нелегални.

Што одлучи Владата на Србија?

Владата на Србија соопшти дека со одлуката за влез во Србија на возила со регистарски таблички РКС од 1 јануари е овозможена слобода на движење.

Директорот на Канцеларијата за Косово, Петар Петковиќ изјави дека тоа е договорено со договорот од 2011 година меѓу претставниците на Косово и Србија во дијалогот со посредство на Европската Унија.

„Не ги преминавме црвените линии во зачувувањето на националниот интегритет и суверенитет“, рече Петковиќ.

Според неговите зборови, на сите премини ќе биде поставено објаснување во кое се наведува дека одлуката не може да се толкува како признавање на независноста на Косово.

Од друга страна, политичкиот аналитичар од Приштина, Артан Мухаџири, оценува дека одлуката за регистарските таблички има голема политичка тежина бидејќи има врска со „прифаќањето на важен елемент што го симболизира државниот идентитет на Косово“.

„Затоа тоа може да се смета за чекор кон постепен процес на де факто признавање на државата Косово од државата Србија“, изјави Мухаџири за РСЕ.

Душан Јањиќ од невладиниот Форум за етнички односи во Белград смета дека одлуката на српската влада за табличките е добра мерка.

„Нема подобро решение од тоа граѓаните на двете земји да се движат со меѓународно признати регистарски таблички РКС. Но, за жал, по сите години злоупотреби, ова не може да се прифати како сигурен сигнал дека работите ќе се подобрат“, рече Јањиќ.

Зошто табличките беа проблем?

На 31 јули 2022 година, Србите на северот на Косово подигнаа барикади поради противењето на пререгистрацијата на возилата со таблички РКС.

Потоа, во ноември, тие ги напуштија косовските институции.

Тоа го направија откако директорот на полицијата за северниот регион Ненад Ѓуриќ беше суспендиран затоа што одбил да го спроведе планот на Косово за пререгистрација на возила со регистарски таблички издадени од српските власти.

Имаше и неколку случаи на палење автомобили чии сопственици земале таблички РКС (RKS).

Исто така, на северот на Косово, беше спроведена кампања против пререгистрацијата на табличките на РКС под слоганот „Не се предавајте, КМ останува“. Овој слоган во своите изјави го користеа и претставниците на Српската листа, најголемата партија на Србите на Косово, која има поддршка од Белград.

Истото го направи и самиот српски претседател Александар Вучиќ.

„Мојот одговор не е предавање, ќе повторам, нема предавање. Сакате уште еднаш? Нема предавање, останува КМ“, им рече Вучиќ на новинарите на конференцијата на 27 октомври минатата година.

Еден месец подоцна, како дел од дијалогот спонзориран од ЕУ, беше постигнат договор Србија да престане да издава нови регистарски таблички за градовите во Косово, додека Косово се откажа од планот за пререгистрација.

„Таблите беа она што самиот Вучиќ го третираше како важна тема за спречување на признавањето на Косово. Тоа, се разбира, беше злоупотреба на потребата на народот да се движи слободно и доведе до прекршување на сите други договори“, оценува Јањиќ.

ЕУ ја поздрави одлуката на Србија, дел од опозицијата ја критикува

Европската унија (ЕУ) ја поздрави одлуката на Србија официјално да ги признае регистарските таблички на возилата РКС издадени од Косово.

Петер Стано, портпарол на ЕУ, оцени дека ова е позитивен чекор во имплементацијата на Договорот за пат кон нормализирање на односите, како и претходните заложби од дијалогот за слободата на движење.

Оваа одлука го отвора патот за целосно укинување на режимот на налепници“, рече Стано во писмената изјава за медиумите.

Тој рече дека ЕУ сега очекува Косово да одговори на сличен начин.

Од друга страна, дел од опозицијата во Србија ги критикуваше властите во Белград.

Претседателот на Националното движење на Србија и еден од лидерите на коалицијата „Србија против насилството“, Мирослав Алексиќ, го обвини претседателот на Србија, Александар Вучиќ дека го признал симболот на независноста на Косово.

Алексиќ оцени дека Вучиќ во замена за „украдените избори“ тивко ги исполнува сите обврски од договорот со Косово кој го прифатил.

Второпласираната коалиција „Србија против насилството“ тврди дека владејачката Српска напредна партија победила на изборите на 17 декември со изборна кражба, што прогресивците го отфрлаат.

И од Движењето за обнова на Кралството Србија (ПОКС) соопштија дека одлуката на Владата на Србија е продолжување на политиката на де факто признавање на Косово.

ПОКС и Новата демократска партија на Србија ја формираат десничарската коалиција Нада, која, според првичните резултати од изборите, обезбеди места во парламентот.

За партијата „Ние, гласот на народот“ одлуката на Владата на Србија претставува уште еден чекор во систематското институционално откажување од Косово „што го спроведуваат СНС и СПС од доаѓањето на власт во 2012 година“.

Проруската листа „Ние, гласот на народот“ ќе има претставници во српскиот парламент според прелиминарните резултати од изборите на 17 декември.

Политичкиот аналитичар од Приштина, Артан Мухаџири го смета за „интересен“ моментот што Владата на Србија избра да дозволи движење на табличките РКС на нејзина територија, односно моментот кога „целиот фокус на јавното мислење во Србија е насочен кон протестите и легитимноста на изборите на 17 декември“.

Што велат во Приштина?

Вицепремиерот на Владата на Косово, Бесник Бислими изјави дека со одлуката на Владата на Србија се става крај на долгиот процес во врска со регистарските таблички.

Тој додаде дека тоа не е „конструктивност на Србија, туку камуфлажа по неуспехот во Бањска и нивниот долго негуван наратив во Брисел“.

Во селото Бањска на северот на Косово, на крајот на септември, група вооружени Срби ја нападнаа косовската полиција. Еден косовски полицаец и тројца напаѓачи потоа беа убиени.

Животот во Бањска, Косово, десет дена подоцна
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:57 0:00

На нерешениот случај Бањско посочува и аналитичарот Душан Јањиќ.

„Имаме одржливо решение кога станува збор за табличките, колку долго ќе трае, не знаеме бидејќи безбедносниот проблем не е решен, а тоа е суштината. Немаме гаранција дека прашањето за Бањска е решено и дека тоа нема да се повтори“, изјави Јањиќ.

Владата на Косово не одговори на барањето на РСЕ за коментар за одлуката на српската Влада, како и за тоа дали Косово ќе го стори истото од 1 јануари доколку се тргнат белите налепници кои ги покриваа државните симболи на регистарските таблички.

Владата на Курти до сега најмногу го следеше принципот на реципроцитет.

Владејачката партија Самоопределување на Фејсбук објави дека достигнувањето на Косово е важно.

„Нашето инсистирање на правилното на крајот ја принуди Србија да отстапи и да ги прифати регистарските таблички на РКС“.

Што вели Бриселскиот договор за табличките?

Договорот за слобода на движење меѓу Косово и Србија беше постигнат во 2011 година во Брисел.

Според овој документ, српските регистарски таблички со ознаките на градовите во Косово, како што се ПР (Приштина), ГЛ (Гњилане) КМ (Косовска Митровица), биле укинати, односно овие возила морале да се пререгистрираат во РКС (Република Косово) или на статусно неутрална - КС (Косово).

И покрај овој договор, во четири општини на северот на Косово каде што живее мнозинско српско население, граѓаните се возеле со автомобили со регистарски таблички на градовите во Косово, издадени од Министерството за внатрешни работи на Србија.

Од друга страна, граѓаните на Косово не можеа без трошоци да влезат на територијата на Србија со регистарски таблички РКС, односно мораа да ги заменат со пробни, па Косово се согласи со Договорот да издава таблички КС уште пет години, што Србија го прифати.

Техничкиот договор за слобода на движење од 2011 година беше финализиран во Брисел на 14 септември 2016 година, кога Косово се согласи да ја продолжи важноста на статусно неутралните таблички КС за уште пет години. Петгодишниот мандат истече на 15 септември 2021 година.

XS
SM
MD
LG