Достапни линкови

Нов почеток во судската битка за Стразбур


Европски суд за човекови права
Европски суд за човекови права

На 25 август ќе се договара терминот за нов оглас за избор на судија во Европскиот суд во Стразбур. Како член на новата Комисија, претседателот на Уставниот суд, Костадиновски верува дека се ќе заврши на време. Тројцата кандидати кои „не беа по мерка на Владата“ имаат право пак да се кандидираат.

Следната недела новоформираната петчлена комисија при Министерството за надворешни работи би требало да го отпочне процесот за избор на тројца кандидати во битка за позицијата судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Новата комисија беше формирана на 25 јули и одлукате е објавена во Службен весник, откако Владата ги поништи предлозите на претходната со оценка дека ниту еден од нив не ги исполнувал потребните критериуми.

Актуелните членови веќе имаат меѓусебна комуникација, изјави за РСЕ едниот од нив, Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд. Тој вели дека веќе има начелен договор за онлајн консултација во текот на наредната недела, на кој би се отворило прашањето кога ќе се распише огласот.

„Првиот работен состанок го предложив да се одржи на 25 август во Уставниот суд, за да се договориме за тајмингот за распишување, бидејќи не газат роковите“, изјави Костадиновски.

На прашањето дали на тој датум може да се очекува тоа и да се случи, тој вели:

„Јас не гледам пречка, ние кога ќе го распишеме огласот, следува втората фаза – евалуација и интервјуа како што е наведено во одлуката. Треба да ги запазиме роковите бидејќи мандатот на нашиот судија завршува во февруари. Јас мислам дека до крајот на годината не е невозможно да се направи тоа. Како член на комисијата ќе инсистирам да одиме чекор по чекор. Претходната комисија не ги упатила до советодавното тело на Советот на Европа предложените кандидати и покрај тоа што и во нивната одлука стоело тоа како обврска, тие ги предале директно до Владата. Јас ќе инсистирам новата комисија, пред предлозите да бидат доставени до Владата, да се достави до советодавното тело на Советот на Европа на мислење“, вели Костадиновски за РСЕ.

Кандидатите кои не беа „по мерка“ на Владата, а беа избрани од минатата Комисија се обвинителката Ленче Ристоска, апелационата судијка Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски.

И покрај негативното мислење од Владата за нив тројца, тие повторно можат да аплицираат и на следниот оглас, вели Костадиновски.

„Секој има право да конкурира, нашиот Устав има јасни одредби дека секој во едкавни услови му е достапно секое работно место и секој може да конкурира. Повторно ќе се разгледуваат сите апликации, работа на оваа Комисија е да ги одредат најдобрите можни кандидати да бидат предложени“, рече тој.

Од Владата освен што посочуваат дека претходните кандидати не ги исполнувале условите, иако претходно Комисија во рамки на владино министерство им даде „зелено светло“, не откриваат детали на што се должи ваквата одлука.

„Проценката на Владата се темели на објективна анализа на исполнетоста на формалните и суштинските критериуми утврдени според стандардите и практиката на Советот на Европа и ЕСЧП. Постапката предвидува кандидатската листа да биде испратена на мислење до Советот на Европа откако ќе биде усвоена од страна на Владата. Во случајот, имајќи предвид дека листата не беше прифатена, не беше ни испратена понатаму во процедурата. Во оваа фаза, не би било соодветно да се коментираат поединечни кандидатури, од почит кон интегритетот на процесот и личниот и професионален интегритет на сите номинирани“, одговорија од Владата.

Премиерот Христијан Мицкоски кажа новата комисија нека одлучи на следниот конкурс кој е најдобар.

„Јас би се воздржал од било каков коментар на тоа што го кажуваат некој од кандидатите, бидејќи тоа е нивната вистина. За жал тоа не е вистинската вистина. Вистинската вистина е тоа што го кажува Владата“, рече неодамна Мицкоски.

Од Блупринт групата за реформи во правосудството велат дека Владата ја прекршила процедурата, а одлуката да се поништи огласот без информации ја нарекоа нетранспарентна.

Од таму велат дека Комисијата распишува оглас за избор на кандидати, спроведува постапка за избор, доставува предлог за избор на 3 кандидати до Меѓународниот советодавен панел на експерти на Совет на Европа за обезбедување на мислење дали кандидатите ги исполнуваат критериумите пропишани од Совет на Европа.

Потоа, по добиеното мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти, Комисијата доставува предлог листа на 3 кандидати до Владата.

„Откако Владата ќе ја усвои оваа предлог листа, Комисијата е должна истата да ја достави до Парламентарното Собрание на Совет на Европа. Во таа насока, со оглед дека не е добиено мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти, а Владата донесе одлука за поништување на предлог листата без никакво образложение останува нејасно и сомнително зошто Владата има донесено таква одлука која целосно го поткопува принципот на владеење на правото“, се вели во нивната реакција.

Претходните кандидати резервирани и бараат одговори

Освен јавноста, одговори бараат и поранешните кандидати. Еден од тројцата најдобро оценети на претходниот оглас, адвокатот Јордан Апостолски испратил до Владата барање за слободен пристап до јавни информации, со цел да добие образложение кој од кандидатите и зошто не ги исполнува условите.

Но, како што вели, образложение и одлука на Влада се уште не добил.

„Според правилата за избор ако Владата не прифати некој член мора да даде точни и утврдени причини за околностите за кои смета дека тој кандидат не ги исполнува. Ако владата не даде такви причини целата процедура може да биде одбиена од страна на Стразбур. Барањето го доставив кога дознав дека кандидатите не ги исполнуваат условите. Врз основа на одлуката ќе ги преземам сите понатамошни чекори. Никој не може да ми забрани повторно да се кандидирам, но сепак, би причекал претходно да видиме какво е образложението“, вели Апостолски.

РСЕ ги контактираше и другите две кандидатки за кои Владата соопшти дека ниту еден од нив не е вистинскиот избор за нов судија во Стразбур и го поништи огласот.

Судијката Габриела Гајдова потенцира дека во моментов е фокусирана на нејзиниот тековни обврски како судијка во Апелацискиот суд во Скопје и на стручниот ангажман во државата и на меѓународно ниво. Не открива дали планира повторно да се кандидира, со образложение „ќе видам кога ќе дојде моментот“.

„Но и да одлучам да не се кандидирам, мојата мотивација остaнува иста, да работам за правда која е достапна, независна и хумана. Европскиот суд е идеал за многумина, но и судовите дома се место каде се бранат човековите права“, рече Гајдова за РСЕ.

Обвинителката Ленче Ристовска во кус разговор за РСЕ вели дека размислува да не се кандидира на новиот оглас, бидејќи така би му дала легитимитет на новиот избор, а би го делегитимирала стариот.

Претходно, Ристовска во објава на Фејсбук посочи дека имала укажувања оти треба да ја повлече нејзината кандидатура за судија во судот во Стразбур, а посочува дека во исто време во јавноста се одвивала клеветничка кампања против нејзе.

„Затоа и потегот на Владата за неприфаќање на листата за мене беше очекуван, само формата како Владата ќе се обиде да ги прекрши процедурата и препораките на Совет на Европа за избор на кандидати за судии, но и насоките што самата Влада ги дала на Комисијата во решението за нејзино формирање беше неизвесна“, напиша тогаш Ристоска на социјалните мрежи.

Која е улогата на Судот во Стразбур?

Европскиот суд за човекови права и слободи е надлежен да постапува по индивидуални или меѓудржавни жалби, на сите оние тужители кои се незадоволни од судските процеси во матичните земји и ги исцрпеле сите правни средства, па како крајна инстанца се жалат пред ЕСЧП.

Од фебруари 2017 година, Јован Илиевски беше избран да биде судија од Северна Македонија во судот во Стразбур. Неговиот девет годишен мандат истекува на 1 фебруари 2026 година.

Неговиот избор за тогаш се поврзуваше со неговиот баџанак, екс директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков. Тој дојде на оваа позиција од шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, именуван во времето на поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ.

Иако во тесно мнозинство во трката пред Илиевски водеше Наташа Габер - Дамјановска, сепак, Парламентарното собрание со тајно гласање го избра обвинителот Јован Илиевски за судија од Северна Македонија во Европскиот суд.

Ако Владата не предложи нов судија на негово место, Илиевски ќе продолжи да ја извршува судската функција и по истекот на мандатот - се до избор на негов наследник.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG