Достапни линкови

Младинските центри во општините ги очекуваат првите обучени работници со млади


Младински ресурсен центар „I can“ во Гостивар

На 15 април, Сојуз за младинска работа ја заврши обуката за работници со млади. Четиринаесетмината кои добија сертификати се првите кои посетувале образовна програма со која се квалификуваат за младински работници според Законот за младинско учество и младински политики.

Минатата недела добија сертификати првите работници со млади, кои Законот за младинско учество и младински политики ги дефинира како „квалификувани лица кои поседуваат компетенции за работа со млади луѓе спроведувајќи активности со кои се поддржува нивниот личен и социјален развој преку неформално и информално учење“. Во согласност со член 22 од Законот за младинско учество и младински политики, младинските работници се одговорни за работа со млади во младинските центри што треба да се основаат во соработка меѓу општините и младинските форми на организирање.

Во очекување на отворањето на младинските центри во општините, кои се законска обврска, први 14 формално сертифицирани работници со млади се гаранција дека осум општини ќе имаат кадар за младинските центри.

Драган Атанасов, Сојуз за младинска работа
Драган Атанасов, Сојуз за младинска работа

„Очекуваме дека при основањето на младински центри, општините ќе се осигураат дека во нив е вработен барем по еден младински работник, како што впрочем е пропишано и со Правилникот на Агенција за млади и спорт. Секако, има и други младински работници во земјата што ги исполнуваат критериумите според портфолиото, но барем во осумте општини од кои доаѓаат овие 14 работници со млади сега со сигурност можеме да кажеме дека има кадар што е подготвен да започне со работа“, истакна Драган Атанасов од Сојузот за младинска работа, кои се верификувана институција за образование на возрасните и ја спроведува четири месечната обука со поддршка од Агенција за млади и спорт.

Законот за младинско учество им налага на општините во рок од пет години од донесувањето на законот, односно од лани, да отворат младински центри.

Работникот со млади треба да обучува, подучува, менторира и советува

Обуката на работници со млади започна во декември 2020 година и се состоеше од 144 часови теоретска настава и 60 часови практична работа во организација.

Александра Петкова, сертифициран Работник со млади
Александра Петкова, сертифициран Работник со млади

„Стекнав вештини за планирање, спроведување, мониторинг и евалуација на активности во склоп на младинската работа. Практичната работа која беше составен дел од обуката вклучуваше идентификување на потребите на млади лица со попреченост и типичен развој, развивање на специјално дизајнирани програми за поттикнување на социјалната инклузија на овие таргет групи и директно функционирање како активен член во рамки на програмскиот тим. Ова за мене значи чекор напред кон подобрување на професионалниот развој, вмрежување со колеги од други младински организации, афирмирање и препознавање на улогата на младинската работа во личниот и социјален развој, унапредување на квалитетот на живот и активното учество на младите лица во заедницата“, вели Александра Петкова, една од сертифицираните Работници со млади.

Петкова и Стефан Каракачанов, кој исто така е еден од сертифицираните велат дека се стремат да работат во очекуваните младински центри во општините.

Стефан Каракачанов, сертифициран Работник со млади
Стефан Каракачанов, сертифициран Работник со млади

„Јас сум среќен што мојата општина - Велес е една од четирите општини која ќе ги пилотира првите младински центри во државата, секако како долгогодишен активист и младински работник сега и формално образовно препознаен, би ми било задоволство стекнатите искуства и знаења да ги применам во спроведување на младинска работа во младински центар“, рече Каракачанов.

„Директната работа со млади, т.н. социјална младинска работа со млади лица со помалку можности ме мотивира да делувам како активен член на младинските центри, градење на врски и одржливи партнерства со сите релевантни чинители во заедницата, т.е. образовни институции во кои младите го оформуваат своето формално образование, јавни институции од областа на социјална заштита за млади маргинализирани лица и интернати во кои престојуваат“, вели Петкова.

Со младинските центри низ општините, Каракачанов и Петкова очекуваат позитивни промени за младите.

„Првенствено младите ќе добијат безбеден и адекватен простор за нивна експресија и развој, ќе можат да се активираат директно во подобрување на нивниот живот во знаедницата, центрите ќе ги промовираат и унапредувааат вредностите и примената на младинската работа, како и ќе се отворат нови работни места за работници со млади, дипломирани младински работници, психолог и социјален работник“, рече Каракачанов.

Успешниот работник со млади според нив треба создава квалитетни младински програми, преку следење и лоцирање на проблемите на младите, разбирање на младите и истражува за потребите на младите. Дополнително, важно е да има „изразени вештини за пренос на знаење преку неформално образование, односно да обучува, подучува, менторира и советува млади“.

Онлајн обука за Работници со млади
Онлајн обука за Работници со млади

Се работи на програма за работник со млади во формално образование

Четиримесечната обука е првата програма спроведена врз основа на стандардот на занимање Работник со млади, одобрен од Министерство за труд и социјална политика во 2018 година. Во недостаток на високообразовни програми во формалното образование, ова е засега единствена можност за лицата кои работат, или сакаат да работат со млади во младински организации, организации за млади и други понудувачи на младинска работа, да ги стекнат потребните компетенции.

„Сојуз за младинска работа веќе подолго време разговара со високообразовни установи во врска со ова прашање. Во текот на минатите 2 години со Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет од Скопје заеднички работевме на проект чија цел беше подготвување насоки за развој на високообразовни програми за младински работници. Се работи за подолготраен процес, но се надеваме дека за неколку години ќе ја имаме и првата образовна програма во високото образование“, вели Атанасов.

Инаку, младинските работници можат да работат во различни работни средини во кои младинската работа може да биде примарна или секундарна дејност, како на пример граѓански организации, младински центри и клубови, младински советувалишта, но и училишта, интернати, единици на локална самоуправа и во други институции и организации.

XS
SM
MD
LG