Достапни линкови

Вести

Рускиот суд потврди дека новинарката на РСЕ Курмашева останува во притвор

Новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева
Новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева

Врховниот суд на рускиот регион Татарстан на 12 декември ја потврди одлуката на понискиот суд да ја задржи во притвор новинарката на Радио Слободна Европа, Алсу Курмашева, но и го намали притворот за еден ден, до 4 февруари.

На 1 декември, судот во Казан го продолжи притворот на Курмашева до 5 февруари. Таа е во притвор од 18 октомври.

Вршителот на должноста претседател и член на одборот на РСЕ, Џефри Гедмин изјави дека е време „овој суров прогон да престане“.

„Силно ја осудуваме очигледната одлука на руските власти да поднесат дополнителни обвиненија против Алсу. Новинарството не е кривично дело. Време е овој суров прогон да престане“, изјави Гедмин.

Курмашева, новинарка на РСЕ од Прага, која има двојно американско и руско државјанство, отпатува во Русија поради семејна вонредна состојба во мај.

Таа беше привремено задржана додека го чекаше повратниот лет на 2 јуни на аеродромот во Казан, каде и беа одземени двата пасоши. Не можела да ја напушти Русија бидејќи чекала да и ги вратат патните исправи.

На 11 октомври, судот и нареди на Курмашева да плати казна затоа што не го пријавила американскиот пасош на руските власти.

Курмашева на 18 октомври повторно беше приведена и овојпат обвинета за непријавување како „странски агент“, што е кривично дело во Русија за кое е предвидена казна затвор до пет години.

види ги сите денешни вести

Бајден нареди да се отвори независна истрага за пукањето врз Трамп

Американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден на 14 јули го осуди обидот за атентат врз неговиот изборен ривал поранешниот американски претседател Доналд Трамп и нареди независна истрага за пукањето што се случи претходната ноќ на митингот врз Трамп во Пенсилванија, додека се американските власти трагаат по мотивот зад нападот.

„Нема место во Америка за вакво насилство или какво било насилство, во врска со тоа. Обидот за атентат е спротивно на сето она за што се залагаме како нација“, рече тој од Белата куќа откако беше информиран подетално за случувањата.

„Сè уште немаме никакви информации за мотивот на напаѓачот. Знаеме кој е тој. Ги повикувам сите, ве молиме да не правите претпоставки за неговите мотиви или неговите врски“, рече Бајден.

Бајден рече дека наредил да се преиспитаат безбедносните мерки околу нападот бидејќи се појавија прашања за тоа како некој со полуавтоматска пушка може толку да се доближи до поранешниот претседател. Тајната служба е одговорна за безбедноста на американските претседатели, поранешни претседатели и други високи функционери.

Претседателот рече дека наредил „независна проверка на националната безбедност на вчерашниот митинг за да се процени што точно се случило“ и дека деталите ќе бидат објавени во јавноста.

Бајден, исто така, рече дека имал „краток, но добар“ разговор со Трамп по пукањето и дека е „искрено благодарен што оди добро и закрепнува“, но не разговараше за деталите од повикот.

Претседателот рече дека ќе и се обрати на нацијата со опширни забелешки подоцна на 14 јули од Овалната соба на Белата куќа.

Обидот за атентат врз Трамп ја потресе предизборната кампања во САД
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:25 0:00

Во текот на денот, американските власти се обидуваа да го идентификуваат мотивот зад обидот за атентат врз Трамп, откако надлежните обвинија 20-годишен маж за пукањето на предизборниот митинг во Пенсилванија.

Наводниот напаѓач, идентификуван од ФБИ како Томас Метју Крукс, бил убиен од агентите на тајната служба, а загинал и уште еден човек, соопшти ФБИ. Уште две лица се тешко ранети.

Гувернерот на Пенсилванија Џош Шапиро го идентификуваше убиениот учесник на митингот како 50-годишниот Кори Комператоре, поранешен шеф на противпожарната служба од областа.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп беше ранет во, како што рекоа претставниците на законот, „обид за атентат“ за време на предизборен митинг во западна Пенсилванија.

Трамп подоцна рече дека бил застрелан во увото, а на видеото од митингот на 13 јули се виде крв што тече од десната страна на неговото лице, додека агентите на тајната служба го симнуваа од бината каде што требаше да оддржи предизборен говор.

Шпанија ја освои титулата на Европското фудбалско првенство

Со вториот гол во постигнат во 86 минута Шпанија ја победи Англија со резултат 2 спрема 1 со што ја освои титулата на Европското фудбалско првенство 2024.

Претходно, репрезентациите под водство на селекторите Луис де ла Фуенте и Герет Саутгејт досега немаат претрпено пораз на турнирот.

Првиот гол за Шпанија го постигна Нико Вилијамс додека вториот гол го даде Микел Ојарзабал. Единствен гол на англиската репрезентација го постигна Колт Палмер во 73-тата минута.

ЕУРО 2024 - Специјални костими, маски, бои
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:22 0:00

Под очите на шпанскиот крал Фелипе Шести на Олимпискиот стадион во Берлин, Шпанија стана првата селекција што ги добила сите седум меча на европското првенство.

Избраниците на Луис де ла Фуенте постигнаа рекордни 15 гола во финалето во трката до титулата, што вклучуваше победи над носителот на титулата Италија, полуфиналистите на СП 2018 и 2022 година Хрватска, домаќинот Германија и фаворитот пред турнирот Франција, победникот на Светското првенство во 2018 година и Вицешампион од 2022 година.

Претходно на ова првенство Шпанија во групата Б ги победи Хрватска, Италија и Албанија, а во нокаут-фазата ги елиминираше Грузија, Германија и Франција, додека Англија во групата Ц одигра нерешено со Данска и Словенија, а ја победи Србија. Англија во продолженија или пенали во нокаут фазата ги елиминираше Словачка, Швајцарија и Холандија.

Пред почетокот на турнирот, УЕФА објави дека победникот на годинашното Европско првенство ќе добие богат бонус од 28,25 милиони евра. Овој износ се дели меѓу федерацијата, играчите и стручниот штаб.

Последен пат Шпанија ја победи Англија на Светското првенство во Бразил далечната 1950 година. Тогаш, на славната „Маракана“ во Рио, Шпанците ги победија Англичаните со 1-0 со голот на нивниот тогаш најдобар стрелец, Телмо Зара, легендарниот голгетер на Атлетик Билбао.

Ангелов: Пожарот на Серта не е ставен под контрола поради непристапен терен

Илустрација
Илустрација

Ветерот кој што честопати денеска го смени правецот како и високите температури го отежнуваат гаснењето на пожарот на планината Серта, изјави денеска (14 јули) директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов. Тој истакна дека непристапниот густ предел е дополнителен проблем во гаснењето на пожарот кој веќе неколку дена беснее на планината.

„Од рано наутро гасневме со еден полициски хеликоптер и со два армиски хеликоптери, а нешто подоцна и со два ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување, но и покрај тоа за жал, огнот повторно гори. Војската е активна на терен со 103 војници кои учествуваат во гаснењето на пожарот како и 30 припадници на МВР, кои даваат голем допринос на локалните пожарникари и локалното население,“ изјави Ангелов од терен.

Тој додаде дека контролата врз пожарот не очекува да биде воспоставена денеска, гаснењето ќе продолжи додека има видливост на текот на денот, а утре повторно ќе се продолжи со гаснење со воздухопловна поддршка.

Претходно Ангелов изјави дека на падините на планината Серта утрово има три активни пожари кои започнаа од еден ист пожар, но сега се одвоени. Првиот е во општината Неготино во атарот на с.Калањево, додека вториот е во Општина Конче, во близина на селата Горни и Долни Липовиќ. Третиот пожар е во општината Штип меѓу селата Драгоево и Селце.

Инфографика - Пожари на отворено за првата половина од 2024 година
Инфографика - Пожари на отворено за првата половина од 2024 година

Во моментов се активни 7 пожари на отворено, соопшти на 14 јули Центарот за управување со кризи (ЦУК). Во текот на вчерашното деноноќие беа активни 21 пожар од кои 14 се изгасени. Од ЦУК информираат дека врз седумте активни пожари од рано изутрина се дејствува и со воздухопловна поддршка.

Во јули 2024 до сега, заклучно со 12.07.2024 година, имало вкупно 173 пожари на отворен простор од пошироки размери.

Само од почетокот на годинава до средина на јуни се запалиле над 1175 пожари на отворено во земјава. Во нив спаѓаат и оние на дивите депонии и ѓубришта, потоа ниви, ливади, стрништа и дел шуми.

Холивудската актерка Шенон Доерти ја загуби битката со ракот

На 53 годишна возраст почина американската актерка Шенон Доерти, позната по улогата на средношколката Бренда Волш во телевизиската хит серија од раните 1990-те „Беверли Хилс, 90210“, објави во неделата магазинот „People“.

„Со тешко срце ја потврдувам веста за смртта на актерката Шенон Доерти. Во саботата на 13 јули таа ја загуби битката со ракот по долга борба со болеста“, ја цитира магазинот агентката на актерката, Лесли Слоун.

Доерти јавно проговори за нејзината битка со ракот на дојката во 2015 година. По неколку години битка со ракот, тој повторно се вратил во 2019 година, а вече во 2023 година се проширил и на мозокот по што повторно била подложна на хемотерапија.

Доерти е родена во Мемфис, Тенеси, на 12 април 1971 година, а почнала да глуми уште како дете. На 11-годишна возраст ја играла Џени Вајлдер во последната сезона на ТВ класиката „Малата куќа во преријата“. Во 1988 година добила улога во мрачната комедија „Хедерс“, која стана култна класика. Покрај сериите, Шенон глумеше и во филмови како „Смртоносна привлечност“ и, „Девојките само сакаат да се забавуваат“.

Кина и Русија стартуваа заеднички воени вежби

China Russia Navy Drills
China Russia Navy Drills

Кинеските и руските поморски сили на 14 јули започнаа заедничка вежба на воено пристаниште во јужна Кина, објави официјалната кинеска новинска агенција Ксинхуа.

Вежбите доаѓаат неколку дена откако сојузниците на НАТО го нарекоа Пекинг „одлучувачки двигател“ на војната во Украина.

Кинеското Министерство за одбрана во краткото соопштение наведува дека силите на двете страни неодамна патролирале во западниот и северниот дел на Тихиот Океан и дека операцијата нема никаква врска со меѓународни и регионални настани и дека вежбите немаат за цел да нападнат ниту една земја.

Вежбите, кои започнаа во провинцијата Гуангдонг и се очекува да траат до средината на јули, имаа за цел да ги покажат способностите на морнарицата во справувањето со безбедносните закани и одржувањето на глобалниот и регионалниот мир и стабилност, објави државната телевизија CCTV на 13 јули.

Како што јави оваа телевизија, тие вклучуваат противракетни вежби, удари од море и противвоздушна одбрана.

Новинската агенција Ксинхуа објави дека кинеските и руските поморски сили спроведоа симулација на воена мапа и вежби за тактичка координација. Заедничките вежби следеа по најновите тензии на Кина со сојузниците во НАТО минатата недела.

Конечната изјава, одобрена од 32-те членки на НАТО на самитот во Вашингтон, јасно стави до знаење дека Кина станува фокус на воената алијанса, нарекувајќи го Пекинг „одлучувачки двигател“ на руската војна против Украина.

Како одговор, Кина го обвини НАТО дека бара безбедност на сметка на другите и ѝ порача на Алијансата да не го создава истиот „хаос“ во Азија.

Герапетритис: Власта во Северна Македонија систематски го прекршува Договорот од Преспа

,Архивска фотографија, грчкиот министер за надворешни работи на Јоргос Герапетритис
,Архивска фотографија, грчкиот министер за надворешни работи на Јоргос Герапетритис

„Државниот врв на Северна Македонија систематски го прекршува Договорот од Преспа“, изјави грчкиот министер за надворешни работи на Јоргос Герапетритис во денешното издание на весникот „То Вима“ по повод завршувањето на НАТО Самитот, кој истакнал дека на состанокот на Алијансата била спомената и потребата да се почитува Договорот.

Герапетритис изјави дека на состанокот Грција го истакнала прашањето за посветеноста на сите членки на НАТО на меѓународното право и меѓународните договори.

„Посебно осврнување имаше на должното верно почитување на Договорот од Преспа, чиешто јадро систематски го прекршува новото политичко и државно раководство на Северна Македонија, вели Герапетритис во изјава за весникот, јавува новинската агенција МИА.

Претходно, македонскиот премиер Христијан Мицкоски во синоќешното интервју за МРТВ, по самитот во Вашингтон изјави дека Владата што тој ја предводи сака да гради добрососедски односи, но да се темелат на двонасочна улица.

„Повеќе за нивна жал, а за добро на македонските граѓани, во македонската влада нема да гледаат политичари кои се подготвени да ја виткаат кичмата, да го ограбуваат својот народ и од друга страна да се трудат од петни жили да им удоволат, без било каква аргументација, на соговорниците, во случајов нашите соседи. Ние сме подготвени со секого да градиме добрососедски односи. Тука немаме фрустрации, ниту има било каква пречка и бариера, но, повторно, тоа мора да биде двонасочна улица,“ рече Мицкоски.

Учеството на самитот на НАТО во Вашингтон за Христијан Мицкоски беше прво претставување како премиер на меѓународна сцена. Односите со соседите не беа тема на самитот, но премиерите на Северна Македонија, Бугарија и Грција јавно си разменија пораки.

По шест години од потпишувањето на Преспанскиот договор, уставното име на Северна Македонија се врати во фокусот на надворешната политика на земјава откако ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи на парламентарните и претседателските избори на 8 мај.

По потпишувањето на Преспанскиот договор на 17 јуни 2018, помеѓу Атина и Скопје, државата го смени уставното име во Северна Македонија и стана членка на НАТО.

Засилено полициско обезбедување на Мило Ѓукановиќ поради информации за подготовка на атентат

Архивска фотографија, црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ
Архивска фотографија, црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ

Црногорската полиција ги зголеми безбедносните мерки против поранешниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, по информациите дека против него се подготвува атентат.

Ова беше објавено на 14 јули, откако ден претходно неколку медиуми во Црна Гора, повикувајќи се на извори од безбедносниот сектор, објавија дека криминална група од регионот подготвувала атентат врз Ѓукановиќ и дека поранешниот претседател на Црна Гора бил информиран за ова од неименуван припадник на странски разузнавачки служби.

„Полициската управа добила соодветни информации од Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Потенцираме дека кредибилитетот на информациите се уште се проверува од страна на АНБ. Веднаш по добивањето на информацијата, полицијата, обвинителството и АНБ преземаат дополнителни мерки и дејствија од нивна надлежност на синхронизиран начин“, се вели во соопштението на полицијата.

Оттаму наведуваат дека веднаш по добиената информација, надлежното обвинителство оформило предмет.

Претседателот на опозициската Демократска партија на социјалистите, Данијел Живковиќ е единствениот кој официјално објави дека таа партија „има детали за можната подготовка на атентатот на поранешниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ“.

Тој ова го изјави на прес-конференција на 13 јули, одговарајќи на новинарско прашање за медиумските информации дека се подготвува атентатот на Ѓукановиќ.

„Запознаени сме со деталите и знаеме на што се однесува. Не е наше да го пренесеме нашето знаење. Верувам дека АНБ и другите надлежни институции ќе излезат со прецизни податоци“, рече Живковиќ.

Повикувајќи се на објавените неофицијални информации на медиумите, Живковиќ на пресот изјави дека Ѓукановиќ за ова бил предупреден од кругови на странски разузнавачки агенции, но не сакал да соопшти детали.

Повикувајќи се на неименувани извори, дел од медиумите во Црна Гора добија потврда дека АНБ добила „оперативни информации“ за подготовка на атентатот на Ѓукановиќ.

Во оваа прилика, Радио Слободна Европа (РСЕ) испрати прашања до АНБ дали добила „сериозни оперативни информации дека организирана криминална група подготвува атентат врз Ѓукановиќ“, како што пишуваат дел од медиумите. Но до објавување на овој текст одговор не пристигна.

РСЕ праша и во кабинетот на поранешниот претседател дали е вистина дека тој ги известил надлежните органи за информацијата дека се подготвува неговиот атентат. Немаше одговор ниту од таа адреса.

Во првото полициско соопштение дадено на 13 јули, полицијата наведува дека не била запознаена со информациите за подготовка на атентатот на Ѓукановиќ.

Во последното соопштение појаснуваат дека во времето на медиумските соопштенија за подготовка на атентатот „АНБ соработувала на меѓународно ниво за да ја провери таа информација“:

„Додека трае постапката за утврдување на релевантните факти и околности, вклучително и нивниот кредибилитет, донесена е одлука за зајакнување на безбедносните мерки за поранешниот претседател на Црна Гора од превентивни причини“, се вели во последното соопштение.

Поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета, реагираше на веста за планирање на атентатот на Мило Ѓукановиќ, наведувајќи дека оваа информација е многу загрижувачка за мирот и стабилноста на овие простори.

Молотов коктел фрлен врз слаткарница на северот на Косово

Илустрација, Косовска полиција во Северна Митровица
Илустрација, Косовска полиција во Северна Митровица

Слаткарницата „Шар“ во Северна Митровица била нападната во неделата рано наутро со молотов коктел, потврди за Радио Слободна Европа заменик директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Ељшани. Тој изјави дека околу 3 часот наутро бил извршен обид за запалување на дуќан во Северна Митровица.

Според него, материјалната штета е мала и засега нема осомничени.

Министерот за внатрешни работи на Косово Џељаљ Свеча пред неколку дена заедно со поранешниот градоначалник на Јужна Митровица Агим Бахтири ја посети слаткарницата во која во неделата беше фрлен молотов коктел. Сопствениците на кафеаната се членови на Горанската заедница.

Запрашан дали нападот на оваа кафеана е извршен од одмазда за гостувањето во Свечља, Елшани рече дека „не е исклучено“ тоа да е мотивот за нападот.

Тензиите на северот на Косово, населен претежно со Срби, се во пораст од минатата година, кога, со противењето на локалното српско население, албанските градоначалници го презедоа раководството на општините Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.

Тензиите дополнително се зголемија на 24 септември, откако група вооружени Срби ја нападнаа косовската полиција во Бањска, убивајќи еден од нејзините членови. Во подоцнежните судири загинаа и тројца напаѓачи.


Косово ја обвинува Србија за нападот, но Белград негира вмешаност. Одговорноста за вооружениот напад во Бањска ја презеде Милан Радоичиќ, поранешниот потпретседател на Српската листа, главната партија на косовските Срби, која ја ужива поддршката на Белград.

Косово побара Србија да им ги предаде на косовските правосудни органи Радоичиќ и членовите на неговата група кои го извршија нападот.

Американските власти во потрага по мотив за обидот за атентат врз Трамп

Американските власти се обидуваат да го откријат мотивот зад обидот за атентат врз поранешниот претседател Доналд Трамп, откако властите обвинија 20-годишен маж за пукањето на предизборниот митинг во Пенсилванија.

Наводниот напаѓач, идентификуван од ФБИ како Томас Метју Крукс, бил убиен од припадниците на тајната служба, а загинал и уште еден човек, додека две други лица се тешко ранети, соопшти ФБИ.

Трамп подоцна рече дека бил застрелан во увото, а видеото од собирот на 13 јули покажа крв видлива на десната страна од неговото лице додека агентите на тајната служба го избркаа од бината.

78-годишниот претпоставен републикански кандидат за претседателските изборите во 2024 година Доналд Трамп штотуку почна да одржува говор во градот Батлер кога се слушнаа неколку истрели, предизвикувајќи врисоци од толпата.

Припадниците на тајната служба, кои се назначени да го штитат Трамп, како и другите врвни политички лидери, излетаа на сцената и го опколија и заштитија, по што го симнаа од бината.

Во изјавата дадена за РСЕ, ФБИ го идентификуваше Крукс (20) како осомничен вооружен напаѓач и рече дека е од град кој се наоѓа на околу еден час јужно од Батлер.

Најмалку 17 Палестинци загинаа при израелските напади врз Газа

Илустрација
Илустрација

Најмалку 17 Палестинци загинаа, а 50 се ранети во израелските напади врз градот Газа во раните утрински часови во неделата, соопштија цивилните и здравствени пакистански власти. Жртвите се резултат на најмалку четири одделни израелски воздушни напади врз четири куќи во различни области на градот, јавува новинаската агенција Ројтерс.

Жителите и палестинските здравствени власти изјавија дека израелската војска го засилила воздушното и копненото гранатирање.
Во саботата во израелски воздушен напад загинаа најмалку 90 Палестинци во одредена хуманитарна зона во Газа, соопшти Министерството за здравство на енклавата. Нападот беше најсмртоносниот во Газа со недели.

Израел соопшти дека цел на нападот бил воениот шеф на Хамас Мохамед Деиф, но не е сигурно дали тој бил убиен.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG