За само две години, македонските државни институции потпишале над 300 тендери со приватни агенции за привремено вработување на кадар во јавниот сектор, кој и без тоа, како што велат експертите, е веќе обемен. Тендерите се во вкупна вредност од над 37 милиони евра, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки.
Од Македонската академија на науки, до градинки и училишта и разни државни и општински установи се институциите кои побарале кадар во јавниот сектор од приватните агенции за привремени вработувања. Вредноста на тендерите за избор на Агенција за привремени вработувања е различна - има од по 300.000 евра, 400.000 евра , па и повеќе. Сите заедно, на годишно ниво, „тежат“ милиони евра.
Со овој бизнис се занимаваат 66 компании кои се регистрирани како приватни агенции за привремени вработувања и посредување при работа во регистарот на Министерството за економија и труд.
Но, колку луѓе вкупно добиле решение за привремено вработување, ниту една институција во земјава ниту брои, ниту има реална евиденција. Ова го потврди министерот за администрација Горан Минчев во интервју за Радио Слободна Европа.
Минчев: Привремените вработувања се користеа за партизација
Тој најави нов механизам за справувањето со оваа појава според кој ќе се усложнува постапката за привремените вработувања и истите со нов софтвер ќе се внесат во државниот систем.
„Досега се случуваше било која институција, и тоа беше можност за партизацијата, агенцијата која што го добила тендерот односно учествувала на јавниот повик на одредена институција да има можност да пријави одредено решение кое што го бара одредена партија и потоа да биде без никаква постапка превземено во рамки на јавна администрација на било која институција. Сега тој процес го оневозможуваме“, изјави Минчев.
Државниот регистар на вработени во јавниот сектор покажува дека до 31 декември 2024 година во вкупно 1.374 институции биле вработени 127.322 луѓе. Но, во овој регистар нема податоци за тоа колку има привремено вработени во јавниот сектор. Проценките на невладиниот сектор кој се занимава со реформите во јавната администрација Центар за управување со промени покажуваат дека станува збор за околу 10 илјади привремено вработени луѓе. ( Процентот се движи од 7 до 9 отсто )
Единствена бројка која може да се пронајде од официјални извори се податоците од Државниот ревизор, кој во 2024 година објавил дека во периодот од 2021 до септември 2023 година, привремено биле вработени 1,424 луѓе во јавниот сектор.
Ревизорите утврдиле незаконско привремено вработување
Дополнителен проблем што редовно го нотираат ревизорите во речиси секој извештај за институциите, е дека во јавната администрација се вработуваат луѓе преку приватните агенции за вработување, но без почитување на процедури и закони.
На пример, во последниот извештај за Владината служба за општи и заеднички работи (СОЗР) е посочено дека дел од привременото вработените биле поставени за раководители на сектори и одделенија, што според законот, на тие позиции треба да се вработат високи квалификувани кадри за тие позиции. Дополнително се тврди дека во 2024 година на платен список биле 21 работник примени во јавен сектор преку агенции за привремени вработувања.
Директорот на СОЗР Ивица Томовски, кој на функционерското столче седна по смената на власта во мај 2024 година, изјави дека вработувањата кои ги третираат како спорни ревизорите, биле инцидентни и дека сега се драстично намалени.
„Кога ја преземав институцијата немав со кого да направам примопредавање, раководителот на сектор угостителство си напушти работа, си зема одмор и си напушти работа, раководителот на финансии му заврши договорот, јас бев принуден да ја имам бројката, таа од околу 20-тина вработени преку Агенција за привремени вработувања, коишто денеска најголемиот дел се веќе преминати и на определено работно време. Моментално преку агенција за привремени вработувања имаме само двајца или тројца вработени,“ одговори директорот на СОЗР Томовски.
Но, одговорот на Томовски не го потврдуваат податоците од Бирото за јавни набавки. СОЗР во ноември 2025 година потпишала јавна набавка со приватната агенција во вредност од 170 илјади евра, во времетраење од една година, кој стапил во сила на први јануари 2026 година. Тоа значи дека годинава, Службата ќе може да ангажира работници по потреба.
„Договорниот орган не презема обврска дека до крајот на важњето на Договорот ќе ја искористи превидената вредност на Договорот“, се вели во тендерскиот договор.
За споредба, во 2024 за привремени вработувања била склучена јавна набавка вредна 10 илјади евра, додека во 2023 година претходникот на Томовски, Пеце Мирчевски склучил договор од 74 илјади евра.
Ревизорите забележуваат дека ова не е прв пат. Службата во Владата (СОЗР) често ангажира луѓе преку приватни агенции за вработување.
„Утврдивме дека голем број од лицата, во период од 2022 до 2024 година, со прекини се ангажирани подолго од една година, додека две лица се ангажирани континуирано за период подолг од две години“, се вели во ревизорскиот извештај.
При вработување на кадар во јавниот сектор преку приватните агенции, државата плаќа околу 10 проценти провизија на агенцијата, а со тоа плаќа повеќе отколку при вработување на работник преку државата агенција за вработување.
Различни правила на игра во администрација
Антикорупционери со години апелираа до власта овој начин на вработување на административци да сопре, поради неправедно поставениот систем и различните правила на игра.
За вработените на определено или неопределено во администрацијата важат законски поставени построги правила но и заштита, додека за привремено вработените послаби критериуми при вработување и политичка неизвесност за временската рамка на вработувањето.
Но, ниту претходната, ниту актуелната влада досега не се откажа од привремените вработувања. Според податоците од Бирото за јавни набавки, во последните три години, само Генералниот секретаријат на Владата склучил договори за привремени вработувања со приватни агенции во вредност од половина милион евра.
Ивановска: Не фер практика со привремени вработувања
Поранешната претседателска на Антикорупциската комиисија Билјана Ивановска предупредува дека постои висок процент на привремено вработени кои се раководни позиции, иако е тоа незаконски.
Таа додава дека ваквиот начин на вработување во јавниот сектор не е во согласност со законот за Агенции за привремени вработувања. Причината за тоа е точно наведените примери кога може една институција да привремено да вработи работник а тоа може да се случи само во специфични услови како, сезонска работа, работа на проект, замена на привремено отсутен работник или привремено зголемен обем на работа.
Ивановска објаснува дека правилата на игра зацртани во законот за административни службеници не ги опфаќа привремените вработени. Тоа значи дека тие не мора да поминуваат низ јавен оглас, полагање стручен испит, рангирање на кандидатите според успешноста.
„Вработувањето на лицата преку Агенциите за привремени вработувања остава простор за субјективно одлучување, (најчесто тоа се заслужни партиски членови) и не обезбедува фер конкуренција, односно го крши правото загарантирано со Уставот на Република Македонија, секому под еднакви услови да му е достапно секое работно место“, децидно објаснува Ивановска.
Нема да се укинат привремените вработувања
Министерот Минчев се согласува дека до сега често бил злоупотребуван овој начин на вработување, но не се согласува со барањето на поранешните антикорупционери дека треба да се укине, туку само да се уреди.
„Значи зборуваме за сериозни критериуми како што се вработуваат овие за уредување на работен однос во новото законско решение. Ние ги вметнуваме во единствениот систем како новина, како проект, завршен на оваа Влада во единствениот систем за човечки ресурси каде што ќе имаме евиденција кој каков тип на образование за која позиција и за која институција е тоа лице. Што значи веќе евиденцијата за нив ќе може да се владее“, вели Минчев.
Ивановска истакнува дека спорно е тоа што законот ги става на исто рамниште државната и приваните агениции за вработување без при тоа да одреди механизами за контрола на квалитетот и исполнувањето на основните услови при вработувањето.
Дополнително проблем е и тоа што привремено вработените стануваат - трајно вработени во администрацијата прескокнувајќи ги сите процедури и правила кои треба да обезбедат департизација.
Иако законот определува дека овие вработувања можат да траат најмногу една година, во пракса институциите ги обновуваат секоја година со истите лица менувајќи ја само нивната позиција, покажуваат дел од ревизорските извештаи.
Институциите врз основа на одредбите од Законот за трансформација во редовен работен однос лицата кои се ангажирани врз основа на привремени вработувања и врз основа на договор на дело, надвор од редовна постапка, со трансформација, ги вработуваат на неопределено време.
Во изминатите години привремените вработувања редовно беа критикувани и во извештаите на Европската комисија. Овие вработувања се оквалификувани како „намерни, политички и самоволни вработувања“.