Со стари униформи, торби и свои возила, поштарите ги разнесуваат пратките до граѓаните, од кои дел пристигнуваат задоцнето. Незадоволството е присутно и на едната и на другата страна – првите револтирани од условите и загрижени за егзистенцијата, граѓаните и компаниите сѐ повеќе ги користат услугите на приватниот поштенски сектор.
Условите за работа се лоши и за останатите вработени во АД Пошта на Северна Македонија кои работниот ден го поминуваат во објекти со супстандардни услови. Токму поради ова, преку синдикатот испратиле барање за средба до Министерството за транспорт и врски.
Лани протестираа, но засега нема најави за нов протест или штрајк. Додека го очекуваат одговорот од ресорното министерство, се надеваат дека надлежните ќе смогнат сили за реорганизација која би ја зголемила продуктивноста.
„Долги години објектите се во многу лоша состојба, а и возниот парк ни е да не речам, во катастрофална состојба. Возилата се стари и амортизирани. Се соочуваме со немање средства за работа, меѓу кои и торби кои им се потребни на поштарите“, вели за Радио Слободна Европа, синдикалниот лидер Боро Велигденов.
Тој посочува дека поштарите се организираат и самоиницијативно, па пратките ги доставуваат и со свои превозни средства како велосипеди и мопеди. Паралелно, како што вели тој, тие се и преоптоварени бидејќи доставуваат пратки во повеќе реони.
Најалармантен недостиг на вработени за прием и испорака на пратки
Но проблемот во функционирањето на ова Друштво, не се сведува само на оваа работна позиција.
АД „Пошта“ кубури со вработени на други позиции што го отежнува доаѓањето до поштенски услуги.
„Особено се забележува недостиг во технолошкиот процес, односно онаму каде што имаме прием и испорака на пратки, а баш тоа е од суштинско значење за функционирањето на Пошта. Кога би се надминале овие аномалии со пополнување на работните места, ќе бидеме попристапни за граѓаните и попродуктивни“, смета Велигденов.
Вработените во АД „Пошта“ сочинуваат околу 61 процент од вкупниот број на лица вработени во поштенскиот пазар кој брои вкупно 2,744 вработени.
Овие податоци објавени од Агенцијата за пошти во 2024 година, покажуваат дека споредено со 2023 година, бројот на вработени во АД „Пошта“ се намалил за околу 7,6 отсто.
Паралелно со ваквиот пад, опаѓа и обемот на поштенскиот пазар. Лани, во споредба со 2023, тој се намалил за 1,7 проценти.
Овој податок и не изненадува, ако се земе предвид незадоволството на граѓаните кои за една пратка чекаат и по неколку месеци, а некои пратки никогаш и не стигнуваат.
Реакции од граѓаните
„Ако се прашувам јас, никогаш не би користела некаква јавна услуга. Но поради природата на работата, морав преку пошта да праќам фактури до клиентите на фирмата во којашто работам. Изгубените за жал, го надминаа бројот на успешно доставените“, вели за РСЕ, Радица. Ѓ. која работи како административен асистент во приватна компанија.
Сега, вели таа, ги користат услугите на приватните компании каде исто така се бележат пропусти, но како што додава, таму има кај кого да се обрати и да реагира.
А реакција за работата на „Пошта“ има и скопјанецот, Насер Селмани во чие поштенско сандаче ги затекнал фактурите од ЕВН за сите станари во својата зграда. Наместо секој да ја добие својата фактура, Селмани вели дека ако се работи за фактури со обврски и рокови за граѓаните, ќе нема кој да одговара за евентуалните штети.
„Не знам по која логика несовесниот поштар постојано, со години, ги доставува пратките на купче во сандачето“, реагира Селмани кој живее во општина Бутел.
Дел од граѓаните пак, преку социјалните мрежи реагираат за (не)доставата на нивните пратки од Алиекспрес преку Пошти, кои и по четири месеци не може да ги добијат. Следејќи ги пратките онлајн, тие тврдат дека дури и кога производите што ги нарачале ќе пристигнат во Скопје, не се испраќаат до градовите од внатрешноста, а и кога тоа ќе се случи, се испраќаат до погрешен град.
Така, струмичанец наместо да ја добие пратката во својот град, дознал дека таа се наоѓа во поштата во Велес.
Проблеми имаат и скопјани, чии пратки не стигнуваат до нивните општини.
„Мене ми доцнат пратки кои се во пошта во Карпош, а не може да се достават до Кисела Вода“, вели еден од граѓаните.
Милионските долгови ништо ново
Додека нивните пратки се заглавени во старите објекти, Друштвото е постојано заглавено во долгови.
Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека заклучно со септември годинава, АД Пошта на Северна Македонија има доспеани, а неплатени обврски од 181.435.617 денари или речиси 3 милиони евра.
Оваа сума е помала од онаа која Друштвото ја имало како долг во истиот период лани. Заклучно со септември 2024 доспеаните, а неплатени обврски на АД „Македонска пошта“ изнесувале 191.690.509 денари односно 3.116.520 евра.
Директорот, Орхан Куртиши признава дека имаат финансиски потешкотии, бидејќи како што вели, во последните седум-осум години не се направени никакви инвестиции.
Наскоро очекуваат и да добијат донација од стотина возила од Министерството за транспорт и врски, а веќе е почната и новата систематизација. Таа ќе покаже и колку вработени на кои позиции недостигаат, а според очекувањата на Куртиши, тоа ќе биде по февруари идната година.
„За две години се пензионирани околу 300 вработени во нашето Друштво. Реално, имаме потреба од нови вработувања, но прво мора да ја завршиме систематизацијата што ја почнавме“, објаснува Куртиши за Радио Слободна Европа.
Во однос на минатонеделниот бојкот на вработените, вели дека нивните плати доцнеле бидејќи во тој момент морале да бидат исплатени
„извршувања кон некои коминтенти“.
Куртиши: „Пошта“ да остане на државата
И покрај незавидната финансиска состојба, Куртиши планира реконструкција на, особено на помалите поштенски единици, но и модернизација бидејќи како што вели, големо заостанување има во ИТ секторот.
За да се подобри состојбата, според него, државата треба да ги зголеми инвестициите и да му помогне на ова Друштво, чија приватизација се споменуваше во годините наназад.
„Ние им дадовме конкретни проекти што треба да се направат за подобрување на работењето на Друштвото. А од почетокот не се согласував дека треба да се приватизира или нешто слично, бидејќи Пошта на Северна Македонија треба да остане на граѓаните и на државата“, додава Куртиши за РСЕ.
Идејата за приватизација на Пошта ја наметна поранешниот премиер, Зоран Заев кој во 2020 година ја најави можноста да се приватизираат и други претпријатија.
„Јавно-приватното партнерство ќе биде една од преокупациите на Владата во делот на креирањето на економските политики во следниот период поради обидот да ги максимизираме сите ефекти за рестарт“, изјави тогаш Заев.
Неговиот сопартиец, Димитар Ковачевски, исто така од позиција на премиер, истакна дека е неодржливо Владата секоја година да одвојува средства од Буџетот. Одговарајќи на пратенички прашања во Собранието во 2022 година, тој нагласи дека „треба да се направи комплетна реорганизација“.
„Првиот начин е приватизација, вториот е делумна приватизација со аукција или со избор на стратешки партнер“, додаде Ковачевски.
Од секторот за односи со јавноста на актуелната Влада не одговорија конкретно на прашањето на Радио Слободна Европа, дали се планира приватизација, но информираат дека работат на законско решение кое треба да ја подобри состојбата.
Забелешки од ЕК
Законот за поштенски услуги веќе беше изменет во 2024 година, а го нотираше и Европската комисија во последниот извештај за напредокот.
Комисијата забележува дека во областа на поштенските услуги, националното законодавство е делумно усогласено со правото на ЕУ.
-По измената на Законот за поштенски услуги во декември 2024 година, целосното отворање на поштенскиот пазар за конкуренција беше одложено до пристапувањето на земјата во ЕУ – се вели во извештајот на Комисијата.
Понатаму, во документот се додава дека во тек е и процес на реструктуирање за приватизација на давателот на универзална услуга.
Постои еден давател на универзални услуги („Пошта на Северна Македонија“ – акционерско друштво во државна сопственост) и 29 други поштенски оператори. Северна Македонија треба да го финализира усогласувањето со правото на ЕУ за поштенски услуги и да осигури доволен институционален капацитет за следење и спроведување на новите правила на поштенскиот пазар – препорачува Европската комисија.
Додека идејата за приватизацијата е сѐ уште, се чини, на „стенд бај“, властите планираат да го трансформираат централниот објект на „Пошта“ што настрада во пожарот во 2013 година.
Министерот за транспорт и врски, Аклександар Николоски пред една година најави дека тој ќе стане мултимедијален центар во рок од две до три години. Сега, во писмен одговор доставен до РСЕ од ова министерство, наведуваат дека овој процес всушност, ќе треба да го спроведе Министерството за култура.
Изработен е основен проект за покривање на објектот и поставување на куполите кој е подготвен од Национална установа ,,Конзерваторски центар,,-Скопје, чија изведба треба да ја спроведе Министерството за култура преку Јавна набавка за избор на изведувач за оваа намена – велат од Транспорт и врски.