Вести
Кос: Нема скратени патишта за пристапување во ЕУ
Не може да има скратени патишта во процесот на пристапување на која било земја во Европската Унија, но на Брисел е да ги поддржи најнапредните, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Зборувајќи на Форумот за проширување во Брисел, таа потсети дека проширувањето во 2004 донело 70 милиони луѓе во ЕУ кои Унијата успеала да ги интегрира, при што направи паралела и со најмалата држава од Западен Балкан, Црна Гора.
„Дали знаете колку е мала Црна Гора? Мала како една третина од Виена, мала како Тулуз или Штутгарт. Секако дека можеме да ја интегрираме Црна Гора“, рече Кос оценувајќи дека пристапувањето на Црна Гора нема да бара големи реформи во рамките на Европската унија.
На истиот форум учествуваше и црногорскиот премиер Милојко Спајиќ кој рече дека сега е „вистинскиот момент“ за проширување на ЕУ и дека Подгорица сака да го искористи тоа.
Црна Гора досега затвори седум од вкупно 33 поглавја во преговорите со ЕУ, а Спајиќ смета дека земјата ќе може да ги затвори сите до крајот на следната година.
„Нема да дозволиме брзината со која напредуваме да нè натера да не успееме во квалитетот на реформите. Сакаме да ги затвориме сите поглавја во рекордно време. И тоа нема да биде преседан, бидејќи други земји го направија тоа и сега се членки“, рече Спајиќ.
Покрај Црна Гора, Албанија е, исто така, меѓу најнапредните земји-кандидати за влез во ЕУ.
На 17 ноември, Тирана го отвори последниот кластер од преговарачкиот процес.
Албанскиот премиер, Еди Рама, претходно порача дека целта на неговата влада е да го заврши процесот на преговори до 2027 година и порача оти „ништо нема да не спречи кон членство во ЕУ во 2030“.
Албанија, која доби статус на кандидат за членство во 2014 година, го отвори првиот кластер во преговорите со ЕУ во октомври минатата година.
До тогаш, Албанија беше во „пакет“ со Северна Македонија, која е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година.
Но, патот на Северна Македонија е закочен поради потребата од уставни измени, обврска што земјата ја презема со компромисот што беше постигнат околу преговарачката рамка во 2022, откако претходно во 2020 Бугарија стави вето за почеток на преговорите.
Северна Македонија, заедно со Албанија, во јули 2022 ја одржа прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втора и за отворање на кластерите во рамки на преговорите со ЕУ, треба да ги направи уставните измени со кои ќе ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.
види ги сите денешни вести
Нов бран руски напади убија четворица, прекин на струја во неколку области на Украина
Руски воздушни напади погодија неколку региони низ Украина, при што загинаа неколку луѓе и беше оштетен енергетски објект во јужниот пристанишен град Одеса, а беше прекината и електричната енергија во Харкив, додека земјата се бори со прекини во снабдувањето со електрична енергија и греењето поради длабокиот зимски мраз.
Шефот на воената администрација на регионот Одеса, Олех Кипер, изјави дека градот бил погоден од голем напад со беспилотни летала, при што еден маж загинал, а најмалку 23 лица, вклучувајќи деца и бремена жена, биле повредени. Тој додаде дека неколку станбени згради биле оштетени, предизвикувајќи големи пожари, додека црква во центарот на градот и градинка биле погодени.
„Брутален“ напад врз Одеса
Брачен пар на возраст од околу 40 години наводно бил убиен во Славјанск во источниот регион Донецк, додека во друг напад со беспилотни летала во јужниот регион Запорожје, 58-годишник бил убиен дома.
„Брутален напад со беспилотни летала врз Одеса. Секој таков руски напад ја еродира дипломатијата што сè уште е во тек и ги поткопува напорите на партнерите кои помагаат да се заврши оваа војна“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на X.
Украина, Русија и Соединетите Држави се подготвени да ги продолжат преговорите во Абу Даби подоцна оваа недела по она што официјалните лица го оценија како „конструктивни“ мировни разговори минатиот викенд, дури и кога војната не покажува знаци на смирување додека се приближува кон четвртата година од почетокот на инвазијата.
Во исто време, нема знаци дека Кремљ се повлекува од своите долгогодишни максималистички барања.
Русија се обидува да се пробие кон запад преку источна Украина за да добие што е можно повеќе територија за време на мировните преговори. Голем дел од нејзините придобивки се во регионот Донецк, иако го продолжи притисокот и во регионот Харкив.
Специјалниот претставник на рускиот претседател Владимир Путин, Кирил Дмитриев, на 27 јануари изјави дека повлекувањето на Украина од регионот Донбас - индустриското срце на Украина - е „патот кон мирот“.
Но, за огромното мнозинство Украинци, откажувањето од Донбас - од кој Русија моментално контролира околу 90 проценти - или од која било друга територија формално или трајно е надвор од прашање.
Невидени прекини во снабдувањето со енергија
Оваа зима беше мизерна за милиони Украинци кои страдаат од невидени прекини во снабдувањето со енергија предизвикани од немилосрдни и насочени руски напади со беспилотни летала и ракети, кои сериозно ја оштетија инфраструктурата за греење и електрична енергија низ целата земја.
Од најмалку 9 јануари, кога беше најлошиот руски напад во Новата година, екипите за итни случаи брзаа да го одржат чекорот со уништувањето предизвикано од руските напади. Оштетени трафостаници, урнати далноводи, пукнати цевки за греење и топла вода и исклучени фабрики.
Гувернерот на регионот Харкив, Олех Синиехубов, рече дека руските напади во текот на ноќта на 27 јануари го прекинале снабдувањето со електрична енергија за околу 80 проценти од градот Харкив и околните области.
По рускиот напад, NetBlocks, организација за надзор на дигитални права и следење на поврзаноста, пријави прекин на интернетот во Харкив.
Во западна Украина, инфраструктурен објект во регионот Лвив беше оштетен во руски напад, информираше регионалниот гувернер Максим Козицки.
Тој не го прецизираше типот на објектот што бил цел, но рече дека службите за итни случаи работат на местото на настанот.
Русија негира дека намерно таргетирала цивили во Украина и покрај широките докази за спротивното од почетокот на нејзината целосна инвазија во 2022 година.
Автобуските превозници ќе протестираат со камионџиите ако не се најде поволно решение
Асоцијацијата на автобуските превозници „Исток“ укажува дека новиот начин на евиденција во шенген-зоната ги отежнува нивното секојдневно работење и редовното одржување на секојдневните меѓународни линии за превоз на патници.
Од европските институции бара фер и применливо решение што ќе го земе предвид специфичниот карактер на професионалниот превоз на патници и стока.
Претседателот на Асоцијацијата „Исток“, Горан Трпковски вели дека се подготвени на заеднички протест со камионските превозници доколку не се донесе поволна одлука, која ќе обезбеди непречено функционирање на меѓународниот превоз и заштита на стопанството.
„Изразуваме длабока загриженост од начинот на кој Европската Унија го применува правилото за престој (90/180) во шенген-зоната, кое без исклучок се однесува и на професионалните возачи. Нашите компании со години вршат превоз на балкански тури што гравитираат низ земјите во регионот, вршат меѓународен превоз организиран од страна на тур-оператори и туристички агенции, а новиот начин на евиденција го отежнува нивното секојдневно работење, како и редовното одржување на секојдневните меѓународни линии за превоз на патници“, изјави Трпковски за агенцијата МИА.
Според него, ако се земе предвид статистичкиот податок дека на месечно ниво во 2025 година во нашата држава во просек престојувале по 100.000 туристи за кои нашите превозници и туристички агенции извршиле превоз на разни дестинации, „последиците од мерката на Европската Унија би биле поразителни“
Трпковски додава дека ограничувањето на движењето на возачите
„предизвикува последици и врз фирмите и граѓаните“, но вели и дека тоа „ќе доведе до длабоки економски последици, намалување на приходите во туризмот, затварање многу фирми и мали бизниси, губење работни места, намалена конкурентност на нашите компании за превоз, губење на странските партнери и огромен пад во стопанството со огромно нарушување на туристичките, економските и трговските текови“.
Нашата заложба, дополнува тој, е идентична со ставовите на членките на Асоцијацијата „Макам-транс“ и сме подготвени на заеднички протест доколку не се донесе поволна одлука, која ќе обезбеди непречено функционирање на меѓународниот превоз и заштита на стопанството.
Камионските превозници од државава и нивните колеги од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, вчера почнаа блокада на товарниот сообраќај на премините кон шенген-зоната барајќи да се промени правилото на ЕУ за електронска евиденција за престој во шенген-зоната во согласност со правилото 90/180 дена.
Од Асоцијацијата на здруженијата на работодавачите на превозните трговски друштва на Република Македонија „Макам-транс“, вчера на првиот ден од протестот изразија надеж дека ќе наидат на разбирање од страна на европските држави.
„Станува збор за професионална дејност - транспортна. Лицето работи во сопствената држава, возилото е регистрирано во сопствената држава и едноставно, може да се каже дека Европа на овој начин сака да нè спречи да работиме“, изјави Билјана Муратовска од „Макам-транс“.
Економска оправданост за тоа да се обезбедуваат по двајца возачи кога нема доволно возила, според Муратовска, воопшто не постои. Не е економски оправдано еден возач три месеци да седи дома и да прима минимална плата, додека другиот работи.
Посочи дека ова е огромна дискриминација кон патниот превоз затоа што со постојната регулатива Европската Унија го ослободила од броење денови за престој секој друг вид превоз - бродскиот, железничкиот и јавниот превоз.
Мицкоски побарал телефонски разговор со Фон дер Лајен за проблемот на превозниците
Премиерот, Христијан Мицкоски денеска (27 јануари) изјави дека очекува да се надмине овој проблем на македонските превозници.
Тој рече дека ова прашање е отворено уште од септември со Европската комисија и дека задолжен да разговара е министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, исто како што со ЕК досега се разговарало и за други проекти што се во интерес на граѓаните.
„Барем од она што е последна најава, очекувам ова да се реши. Јас вчера побарав телефонски разговор со претседателката на Европската комисија (Урсула фон дер Лајен), таа е службено отсутна во Индија. Очекувам деновиве да се слушнеме и повторно да ја отвориме оваа тема и заедно со колегите од регионот повторно да ја ставиме на маса. ЕУ си има шенген-механизам до кој се држи и ние сега бараме варијанта како да им излеземе во пресрет на транспортерите“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при работната посета на општина Гази Баба.
Армијата годинава ќе ги добие сите 42 борбени возила „Страјкер“
Собраниската Комисија за одбрана и безбедност на денеска, 27 јануари ја разгледа информацијата за потребата на доделување на амандаманот број 2 на договорот за техничка поддршка. Амандманот се однесува на договорот за набавка на 42 лесни оклопни возила на тркала STRYKER MK‑B‑UCE, склучен помеѓу владите на Република Северна Македонија и на Соединетите Американски Држави.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски при образложувањето на информацијата истакна дека се работи за технички амандман.
Тој потенцираше дека дека веќе 17 возила се на пристаништето во Грција и треба технички аранжман за да се помине по барање на САД како амандман за инсталација на целата опрема што стига.
„Се работи за технички аранжман, односно ова е технички амандман бидејќи знаете дека е потпишан договор за 42 борбени возила од типот „Страјкер“ со САД. Оваа година сите стигаат. Веќе 17 се на пристаништето во Грција и треба технички аранжман за да се помине по барање на САД како амандман за инсталација на целата опрема што стига итн. Како краен корисник е Министерството за одбрана и треба да се направи целосна обука. Ова е технички (амандман), како што бараат САД, да се направи аранжман за сите потоа да ги примиме и целосно да останат на Армијата. Нема ништо дополнително, Договорот е во ред“.
Мислајловски вели дека оваа година треба да пристигнат сите возила.
Купувањето преносливи системи за противоклопна борба од САД за потребите на Армијата на Северна Македонија е проект започнат во 2021 година и треба да заврши до 2028 година, објаснуваат од Министерството за одбрана.
Оклопни возила „џавелин“ и „страјкери“, системи за противвоздушна одбрана од Франција и артилериските системи од Турција, хеликоптери и софистицирани дронови се дел од опремата која во наредниот треба да ги набави Армијата.
Опремувањето на лесната пешадиска баталјонска група со преносливи системи за противоклопна борба за Армијата е само еден дел од договорот на Северна Македонија со САД. Вредноста на проектот за лесни оклопни возила е 200 милиони долари и неговото финансирање е комбинирано од државни пари и финансиски средства од владата на САД, исто како и во случајот со преносливите системи за противоклопна борба.
Во цената покрај лесните оклопни возила на тркала влегуваат и симулатори за обука, обука на персонал од Армијата за управување и одржување, резервни делови за поправки и потребното вооружување од различен вид и калибар за исполнување на мисијата на лесната пешадиска борбена група.
И од Владата и од Министерството за одбрана наведуваат дека купувањето нова опрема е за модернизација и опремување на Армијата за да се постигне „целосна интероперабилност со армиите на земјите партнери во НАТО“.
Возачите на камиони од Западен Балкан продолжуваат да ги блокираат границите
На 27 јануари, возачите на камиони од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија продолжија да ги блокираат граничните премини за товарен сообраќај.
По блокирањето на излезите претходниот ден, блокирањето на влезовите во овие земји од Западен Балкан започна на полноќ.
Возачите ги блокираат товарните терминали поради построгите процедури за влез во Шенген зоната. Тие наведуваат дека процедурите сега се покомплицирани и дека им го скратуваат престојот во земјите од Унијата.
Возачите на камиони бараат нивниот престој во ЕУ да се зголеми на четири месеци, наместо сегашните три на шест месеци.
Најавуваат дека блокадите ќе траат седум дена доколку прво не се најде решение.
Портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт, на 26 јануари изјави дека европските институции размислуваат и работат на наоѓање опции што би им овозможиле на одредени професионалци, вклучително и возачи на камиони, да останат на територијата на Шенген зоната подолго отколку што дозволуваат сегашните правила на Шенген.
„Свесни сме дека за одреден број професионалци од трети земји кои не се прекугранични работници, може да има потреба да останат во Шенген-зоната повеќе од 90 дена во период од 180 дена. Ова ги вклучува професиите со висока мобилност, како што се возачите на камиони, но и спортистите и уметниците на турнеја“, рече Ламерт.
Тој додаде дека Европската Унија е свесна за загриженоста изразена од транспортните оператори во регионот и дека внимателно ја следи ситуацијата и е во контакт со партнерите во Западен Балкан.
Кина ветува „поддршка“ за Куба по заканите од САД
Кина вети дека ќе ѝ пружи на Куба „поддршка и помош“ во услови на постојани закани од Соединетите Држави, кои пред неколку недели го отстранија сојузникот на Хавана во Венецуела, Николас Мадуро.
Пекинг и Хавана се долгогодишни социјалистички сојузници, а кинеските власти постојано се спротивставуваат на економската блокада што САД ја воведуваат на островот со децении.
Тензиите се засилија овој месец откако американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека Куба „е подготвена да падне“.
Трамп ѝ порача на Хавана да „склучи договор“ или да плати цена слична на Венецуела, чиј поранешен лидер Мадуро беше заробен во американски бомбашки напад на 3 јануари во кој загинаа десетици луѓе.
„Кина ја изразува својата длабока загриженост и противење на постапките на Соединетите Држави“ врз Куба, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Гуо Џиакун, на редовната прес-конференција.
„Ги повикуваме Соединетите Американски Држави да престанат да го поткопуваат регионалниот мир и стабилност“, рече Гуо, апелирајќи до Вашингтон „веднаш да ја укине блокадата и санкциите против Куба“.
Тој додаде дека Кина ќе продолжи да ѝ пружа на Куба што е можно повеќе поддршка и помош.
„Политико“ минатата недела објави дека администрацијата на Трамп размислува за поморска блокада за да го запре целиот увоз на нафта во Куба.
Во извештајот се цитира лице запознаено со планот кое вели: „Енергијата е стисокот што ќе го убие режимот“.
Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел во саботата надгледуваше воени вежби, опишувајќи ги како средство за одвраќање од потенцијална агресија од Соединетите Американски Држави.
„Историски договор“ за слободна трговија меѓу ЕУ и Индија
Европската Унија и Индија ги завршија преговорите за договор за слободна трговија, изјавија претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и индискиот премиер, Нарендра Моди.
„ЕУ и Индија денес пишуваат историја, продлабочувајќи го партнерството меѓу најголемите демократии во светот. Создадовме зона на слободна трговија од 2 милијарди луѓе, при што двете страни ќе имаат економска добивка. Испративме сигнал до светот дека соработката заснована на правила сè уште дава одлични резултати“, рече Фон дер Лајен за време на самитот ЕУ-Индија во Њу Делхи.
Според договорот, Индија постепено треба да ги намали царините за увезени автомобили од 110% на дури 10%, а царините за автомобилски делови треба да бидат укинати по пет до 10 години, соопшти Комисијата.
Царините за машини, хемикалии и фармацевтски производи, исто така, ќе бидат „претежно елиминирани“, соопшти Комисијата.
Давачките за некои земјоделски производи на ЕУ, исто така, значително ќе бидат намалени, за вино треба да се намалат од 150% на 75%, а данокот од 40% за маслиновото масло треба да се отстрани.
Чувствителните земјоделски производи, вклучувајќи говедско месо, пилешко месо, ориз и шеќер, се исклучени од договорот, а стандардите на ЕУ треба да продолжат да важат за целиот индиски увоз, соопшти комисијата.
Пред да може да стапи во сила, договорот ќе мора формално да биде усвоен од земјите на ЕУ, како и од Европскиот парламент.
Француското собрание ја одобри забраната за социјални медиуми за лица под 15 години
Француското национално собрание гласаше за забрана на користењето на социјалните медиуми за деца под 15 години, јави ДПА.
Пратениците во Париз доцна синоќа, 26 јануари го усвоија нацрт-законот. Законот предвидува дека пристапот до онлајн услуга за социјално вмрежување обезбедена од онлајн платформа ќе биде забранет за малолетници под 15 години.
Текстот сè уште треба да биде одобрен од Сенатот, Горниот дом на францускиот Парламент, пренесе германската агенција.
Текстот усвоен од Долниот дом не прецизира кои платформи на социјалните медиуми ќе бидат опфатени со забраната. Меѓутоа, јасно е ставено до знаење дека „онлајн енциклопедии“, како и „образовни или научни текстови“, ќе бидат исклучок од забраната. Услугите за приватни пораки исто така нема да бидат засегнати.
Примарната верзија на законот што ја дискутираа пратениците беше помалку драстична, бидејќи на малолетниците им овозможуваше да продолжат да користат одредени платформи со согласност од родителите. Таа одредба сега е отфрлена.
Законот беше поддржан во Националното собрание главно од пратениците од таборот на францускиот претседател Емануел Макрон.
По гласањето, Макрон напиша на платформата на социјалните медиуми X: „Ова е тоа што научниците го препорачуваат и тоа што Французите го бараат со огромно мнозинство“, пренесе ДПА.
Макрон вели дека сака мерката да стапи на сила до следната учебна година. „Од 1 септември, нашите деца и млади конечно ќе бидат заштитени. Ќе се погрижам за тоа“, напиша тој.
Франција веќе се обиде пред неколку години да воведе минимална возраст од 15 години за тинејџерите да креираат свои сметки на социјалните медиуми без согласност на родителите. Меѓутоа, законот не можеше да се спроведе поради законодавството на Европската унија. Дали новите правила се во согласност со важечкото законодавство на ЕУ останува да се види.
Минатата година, Европскиот парламент со големо мнозинство гласаше за барање за минимална возраст за користење на социјалните медиуми во цела ЕУ, иако усвоениот извештај нема обврзувачко правно дејство.
Доколку законот конечно биде усвоен, Франција ќе биде меѓу првите земји што ќе воведат толку строги ограничувања за пристапот на малолетниците до социјалните медиуми, пренесува ДПА.
Во Австралија, на децата и тинејџерите под 16 години неодамна им е забрането да имаат свои сметки на социјалните медиуми на многу големи платформи.
Во Обединетото Кралство, Домот на лордовите минатата недела гласаше за забрана на социјалните медиуми за лица под 16 години, за што сè уште е потребно одобрение од Долниот дом, во кој доминираат Лабуристите.
Во Данска, владата се согласи со опозицијата да воведе национална минимална возраст од 15 години за пристап до одредени платформи на социјалните медиуми.
Во Германија, во тек е дебата за тоа дали пристапот на децата до социјалните медиуми треба да биде ограничен.
На огласот за државен јавен обвинител досега пријавени четворица кандидати
Вкупно четири пријави пристигнале на огласот на Собранието за јавен обвинител на Република Северна Македонија заклучно со 26 јануари.
Од собраниската прес-служба потврдуваат дека до архивата на Собранието се поднесени четири пријави за оваа позиција, но не откриваат детали кои се подносителите.
Рокот за пријавување во согласност со законот истекува денеска на полноќ.
Својата кандидатура за огласот за јавен обвинител на Република Северна Македонија, што го распиша Собранието, досега ја потврди поранешниот претседател на Основниот суд Скопје, Владимир Панчевски. Во пријавата на Панчевски поднесена на 21 јануари до Собранието се наведува дека тој ги исполнува сите законски услови за извршување на функцијата државен јавен обвинител.
Пријавување за функцијата најави и поранешниот виш јавен обвинител на скопското Вишо јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи, кој поднесе оставка од функцијата.
Љупчо Коцевски во декември лани поднесе неотповиклива оставка на функцијата државен јавен обвинител. До изборот на нов за вршител на должноста е избрана Анита Тополова-Исајловска, досегашен заменик-републички јавен обвинител.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител почна со огласот што го распиша Собранието на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Според Законот за Јавното обвинителство, добиените кандидатури се препраќаат до Владата. По пријавувањето, Владата бара мислење од Советот на јавните обвинители за сите кандидати. Советот е должен да достави образложени мислења во рок од 15 дена. Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниеден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас.
Протест и бојкот на наставата на неколку факултети во Нови Сад
На кампусот на Универзитетот во Нови Сад, во тек е протест на студентите кои најавија бојкот на наставата на неколку факултети и високи училишта во тој град.
„Причината за протестот и бојкотот е кршењето на автономијата на Универзитетот, насилството врз студентите на Филозофскиот факултет и случајот со професорката Јелена Клеут, на која, и покрај едногласната поддршка од стручните и изборните совети, незаконски ѝ беше одбиен избор на позиција од страна на Сенатот на Универзитетот, по што ѝ беше прекинат работниот однос“, изјавија студентите кои повикаа на протест.
Собраните носат транспаренти на кои пишува „Јелена е Универзитетот“, „Одговорност“ и „Никогаш не се откажувај“, а преку мегафони студентите извикуваат „Излези“.
Нов бран протести на студентите од Нови Сад започна откако на Јелена Клеут, професорка на Филозофскиот факултет, ѝ беше врачено решение за прекин на работниот однос.
Како резултат на тоа, студентите побараа оставка од деканот на тој факултет, Миливој Алановиќ, и ректорот на Универзитетот во Нови Сад, Дејан Мадиќ, и враќање на професорот Клеут.
Додека администрацијата на Универзитетот тврди дека сè е направено во согласност со правилата, студентите во блокадата тврдат дека Клеут била отпуштена затоа што ги поддржала во протестите поради смртта на 16 лица при падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.
За време на протестот во поддршка на професорот Клеут на 21 јануари, полицијата во опрема за разбивање на демонстрациите ги избрка собраните студенти, професори и граѓани од Филозофскиот факултет.
Властите тврдат дека полицијата дејствувала „високо професионално и во согласност со законот“, додека учесниците на протестот ги обвинуваат за бруталност и прекумерна употреба на сила.
Повикувањето на полицијата на факултетот од страна на деканот беше проследено со осуди од членови на академската заедница и обвинувања за кршење на автономијата на универзитетот.
Академиците ги блокираа државните факултети речиси една година, почнувајќи од декември 2024 година, барајќи утврдување на одговорноста за смртта на 16 лица на железничката станица во Нови Сад и распишување вонредни парламентарни избори.
Студентите на Филозофскиот факултет во Нови Сад беа меѓу првите што се придружија на блокадата.
Омбудсманот Селами: Враќање на довербата и зајакнување на институцијата
Враќање на довербата во институцијата народен правобранител, соработка и кадровска екипираност ќе бидат приоритети на новоизбраниот народен правобранител Фатон Селами, кој денеска, 26 јануари даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, Африм Гаши, по повод стапувањето на функцијата.
Селами се заблагодари за укажаната доверба и вети дека ќе работи професионално, непристрасно, со највисока посветеност кон граѓаните и со почитување на Уставот и законите.
Тој информира дека негов приоритет е да се врати довербата во институцијата народен правобранител.
„Во тој правец ќе работиме со сите релевантни фактори, со Собранието и со Владата за првин да се направи кадровска екипираност на институцијата народен правобранител. Таа институција кадровски е преполовена, а нè очекува избор на осум заменици на народниот правобранител. Имам информација дека има еден предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за народниот правобранител, кој ќе треба да го видиме уште еднаш со стручните служби и во соработка со Собранието на Северна Македонија во најбрз можен рок да ги поминеме тие законски измени“, рече Селами.
На новинарско прашање како ќе се справи со перцепцијата во јавноста дека институцијата Народен правобранител најчесто се соочувала со немање слух кај другите институции, Селами изјави дека тоа е предвидено во измените од Законот за народниот правобранител, односно, како што рече, да има можност да изрекува и прекршоци.
„Сега единствена алатка ни се медиумите. Со препораки, со јавен укор и во соработка со медиумите. Мислам дека ќе треба во законските измени да има и прекршочни одредби доколку со друг начин не може да се почитуваат препораките на народниот правобранител“, појасни Селами.
Фатон Селами доаѓа на местото на поранешниот народен правобранител Насер Зибери, кој на 12 јули 2025 година го заврши мандатот поради исполнување услови за пензионирање.
Новиот омбудсман е дипломиран правник и магистер по правни науки, со положени правосуден и нотарски испит. Мандатот на народниот правобранител трае осум години, со можност за уште еден повторен избор во согласност со Законот и процедурите на Собранието.