Достапни линкови

Петровски: Политичарите им земаат кришки од лебот на комичарите


Петровски: Политичарите имаат сериозен потенцијал за стенд-ап комичари
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:50 0:00

Петровски: Политичарите имаат сериозен потенцијал за стенд-ап комичари

Со хуморот ја отсликува голата реалност со кој се среќава секојдневно обичниот човек, вели стенд-ап комичарот Душан Петровски во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Според него македонските политичари имаат потенцијал за стенд-ап комичари, со секое нивно ветување.

Петровски, како стана комичар?

„Силом прилике“. Од мал забележував кај луѓето посебни работи на говор, на движење, на такви работи. И знаев многу добро да ги имитирам. Имав така некоја, па сега не знам како да ја кажам, ѕвезда не можам сам да си ја кажам, ама така некоја експресивност, да тоа изгледа смешно, затоа што и вака како „физикус“ не сум баш од тие убавите, него од смешните.

Oд твоето досегашно искуство на сцена, што најмногу ги засмејува македонските граѓани?

Па тоа отсликување на реалноста, кога зборувам, затоа што самиот материјал за стендап, зошто јас не го пишувам. Обично повеќе од материјалот е американски кажано фристајл или во слободен стил правен. И со тоа што го отсликувам реално Македонецот каков е, зборувам дали е тоа во бракот, дали е во дружбата, во работата или во што било. Луѓето се пронаоѓаат ете во тоа пресликување и тоа е всушност што е тоа што им е смешно.

Колку скапиот живот којшто го наметна инфлацијата им дозволува на македонските граѓани да дојдат и да се опуштат со стендап комедија?

Па сега за сега мислам дека сè уште ние не сме нешто скапи за тоа што го нудиме. Мислам со оглед на инфлацијата, да, сè е поскапено, ама мислам дека е дури сме можеби и под од тоа што може, треба да биде. Али сега за сега не се чувствува нешто премногу дека има влијание на тоа, зошто секогаш сме скоро распродадени во рекордно време. Што значи може луѓето да си дозволат и гледаме да не отидеме повеќе за да може секој да си дозволи да дојде и да не гледа.

Од друга страна, може ли да се живее од стендап комедија?

Тоа е дискутабилно. Може. Може, ама во некоја форма која ќе треба сам да ја приспособиш. Зборувам за сета таа бирократија што доаѓа надвор од нашата работа.

Спомна дека твојот материјал претежно се базира на реалниот живот на граѓаните. Во кој дел најмногу се препознаваат граѓаните во хуморот? Со што се идентификуваат? Дали тоа станува збор со можеби апсурдната бирократија, секојдневниот обид да се преживее или можеби корупцијата е тема којашто ете ги засмејува и можат да се пронајдат и да се идентификуваат?

Па сите тие работи се поврзани некако, ама ете да речам тој момент да некако се преживее ги поминува сите и останатите други две. Зошто тука малце некогаш доаѓа многу тешко да преживееш, не само од бирократски аспекти или за мислам некаков друг. Ете дури и средината во која живееме, загаденост, такви работи што се малце неубави за 21-виот век на толку технологии и сè ние толку заостанато да се и бахато да се однесуваме ете да кажам. Али во таа малце слобода што ја имаме, пошто ете и како народ нас малце таа слобода ни треба за да може да се смееме, да се радуваме, да се забавуваме и сè тоа.

И затоа во принцип им е тоа најсмешно дека дури и од тие најтажни, најтешки моменти, најнереална дури некогаш за нас како општество, им прават на луѓето ете така да може да се насмеат на целото тоа, како тоа е живот нели, иде понатаму и тоа е тоа.

Кога зборуваме за инспирацијата во создавањето на комичниот материјал, што е поголема инспирација за тебе? Дали станува збор за одлуките на власта на пример или секогаш е тоа секојдневната битка за преживување?

Пуф. Па би рекол секојдневната битка за преживување. Со власта и тие, тие другите од таа страна не сме баш секогаш на иста бранова должина по начин на не знам, размислување, делување и останатите работи.

Во тој контекст во политичката пародија во којашто живееме, колку е тешко или можеби колку е лесно да се направи шега со оглед на тоа што живееме како да сме дел од Монти Пајтон?

Па тоа во принцип е лесно. Сè додека они не одлучат да го направат да биде тешко. Мислам знаат сега во поново време така почна секој од сè да се навредува и да не го сфаќа баш концептот на комедија, на тие работи. Пошто нели во принцип на тој сатиричен начин треба да некако укажеме на некои работи што не се во ред и можеби би требало да се променат, ама пробуваме нели на смешен начин да го кажеме. И на некој ете да му укажеме на некои недостатоци. Е сега тие да речам што се попаметни можеби ќе го сфатат тоа и ќе направат промена, а тие што не се може да одлучат на друг начин да притиснат и да го направат тешко тоа да биде за изведување и за користење како материјал.

Имало ли досега ситуација да се почуствувате можеби и цензурирани или да внимавате во одредени шеги токму поради тоа што спомна дека сега луѓето станаа многу почувствителни и многу лесно се навредуваат?

Па јас директно не сум имал проблем, пошто ја многу добро го отсликуваме Македонецот, зошто јас сум Македонец и сум дел од истото. И луѓето не се чувствуваат навредени, зошто на истото ниво можам да се спуштам.

Исто така сум ќор, не гледам, сум подебел, значи припаѓам у многу повеќе категории луѓе кај што би можеле да се навредат. И кога ќе може некој од нивните да направи шега на таа сметка, обично ме прифаќаат и не сум имал до сега некој инцидент или некој директно да ми кажува не е убаво што си смеел и така.

Ако се направи една паралела, имаат ли македонските политичари потенцијал за тие да бидат стендап комичари?

Уф. Па ова, па мислам дека да. Они во повеќето од времето прават некој нивни стендап, зошто имаат многу нели и ветувања неисполнети, имаат некогаш прават и ептен така она иронично кажуваат некои работи што никогаш нема ни да се случат, ни … Знаат да ги извртат добро работите. Е сега, не секој од нив го има тој шарм за да биде стендап комичар, ама некои мислам дека имаат добар потенцијал.

Скопје низ генерации на неисполнети ветувања
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:02 0:00

Има ли ризик да ви го земат лебот?

Па добро, они секако ни го земаат лебот вака или онака, ама сега за сега мислам дека не, ама може две-три кришки да земат сигурно во секое време.

Кои политички ветувања ти делуваат повеќе како стендап комедија отколку реалност? Што досега ти оставило таков впечаток?

Па мислам дека скоро сè од нив ми делува така. Дури и оние честитките кога ни викаат, еве пример сега за новата година и за Божиќ и за сите тие празници да сте здрави, живи, среќни, весели, со целото тоа што се случува околу, мислам дека ни една од тие ставки не може да се исполни. Што значи дури и честитките мислам дека не им се онака реални, ама во принцип повеќето од ствари што ги зборуваат се ете така еден вид стенд-ап за мене.

Кога се смееме на политичката сатира, дали се смееме на, дали им се смееме на политичарите или на немоќта да ги смениме или да ги промениме?

Па би рекол како две у едно. И двете. Пошто реалноста е дека многу тешко може да направиме промена.

А сепак ние сме главните што може да направиме таа промена. И им се смееме баш ете мислам се смееме и на нашата немоќ да ја направиме таа промена, кога сакаме ние и да ја однесеме на подобро.

А им се смееме и нив, пошто и они баш не знаат да се снајдат. Малце се како деца у градинка, само се препукуваат и не, никој не прави ништо поконкретно мислам да излезе од таа кутија што ја викаат на страна и да направи нешто различно. Така да мислам и две во едно како што реков.

Ако пред 3-4 децении, хумористичната театарска претстава Женски оркестар ги разобличи општествените стеги кон жените, во стендап комедијата „Нежни мажи“, на некој начин ги уривате стереотипите за алфа мажјаци. Подготвена ли е македонската публика така емоционално да се разголи?

Па ја мислам не само македонската, тоа веројатно и сите надвор од Македонија треба, мислам треба да го прифатат. Како викаат и најголемиот маж жена го има родено и тој најсилниот и тој со најголемите мускули и се тоа. А не секогаш станува збор мислам за таа физичка јачина на мажот, а од денешно време гледаме дека тоа некако не е баш така.

Нели она кога има жена температура 37 со 5 и маж 37 со 5, се гледа таа разлика кој е посилен. А не дека тој стереотип постои кај нас нели на само физичка јачина на мажот. А во принцип прифаќаат, затоа што зборам јас еве конкретно во тој стендап за теми на коишто се многу опипливи. Пример ете мажот како се снаоѓа кога иде на уролог и како жената се снаоѓа кога иде на гинеколог. И мислам дека тука јасно може да се види кој е посилен и физички и психички.

Во материјалот којшто повеќето стендап комичари ги употребуваат на нивните настапи, честопати партнерката е вечна инспирација.Зошто е тоа така?

Па добро, еве ја конкретно од мојот пример може да кажам, нели она кога се потпишуваме таму има во добро, во зло, во сè. И во вистинскиот живот ги поминуваш тие фази сите. И нормално, мислам има неисцрпен материјал, пошто веројатно со партнерот се знаеме премногу. Зборам од аспект на секаков вид на интима, на душата отворање, на сите тие работи што подразбираат живеење со партнер. И затоа мислам дека има голема инспирација, зошто сепак живееме со некој што е различен од нас. Па се сложуваме за некои работи, за некои работи правиме компромис, за некои работи се тераме кај што не треба и така целиот тој склоп.

Од таквите шеги како реагира сопругата по еден сценски настап кога ќе ги слушне ситуациите од дома презентирани пред поширока публика?

Па мислам се смее и она, пошто секојдневие ни е тоа нас дома. Мислам мене стендапите ми се, па да кажам 98% брутална вистина. И ги знае тие моменти, сега некогаш не е дури подготвена. Мислам се смее бидејќи како што кажав, мене повеќе ми се во слободен стил стендапите. Не ги пишувам вака да седнам кај што ќе може она да ги види или да ги презентирам. Некогаш и она ги слуша првпат и она се смее и возбудена е околу целото. Не се лутела никогаш, мислам за такви работи. Ме знае доволно, знае што зела дома. Така што, немаме проблем.

Една работа што посакуваш да се промени во 2026 година?

Па да научат луѓето, мислам дека и кога ќе го научат тој момент дека многу работи ќе се сменат, а тоа е да ги сакаш сите деца како што можеш да го сакаш своето. Иако тоа изгледа како онаква секојдневна желба со мир во светот и со сè тоа. Мислам дека многу ставки би се смениле општо не само кај нас и во светот, кога луѓето ќе почнат да ги сакаат сите деца еднакво како своите. Зошто тоа сите деца се еден вид рестарт на општеството којшто можат да променат некој нешто што не успеале нивните пред нив да ги направат. И кога ќе може ние да ги сакаме сите еднакво, мислам дека они тогаш ќе можат да направат многу поголема промена од претходните.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија во 2008-та година. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје. Во 2015-та година е добитничка на награда од УНХЦР за професионално известување за состојбата со бегалците, како и на неколку признанија за истражувачки стории. Од 2023 година работи како истражувачки новинар во Радио Слободна Европа, главно на теми поврзани со високо-профилен криминал и корупција.

XS
SM
MD
LG