Достапни линкови

Маржите се одмрзнуваат, трговците ќе ставаат нови цени


Производи со ограничена маржа
Производи со ограничена маржа

Од 1 јули престанува мерката за замрзнати маржи на основните прехранбени производи - лебот, шеќерот, јајцата и млечните производи. Со овој потег, државата ги препушта производителите и трговците сами да ги утврдуваат според пазарни услови. Сите резервирани околу проценките за раст или пад на цените.

Доколку викендов се упатите да пазарувате во маркет, рафтовите на кои се наоѓаат лебот, оризот, зејтин, макароните, млекото и млечните производи, може да ве дочекаат и со поинакви цени. Причина за тоа е одмрзнувањето на маржата на основните прехранбени производи, која претходно со одлука на влада се продолжи до 30 јуни. Ова е датумот и кога официјално државата повеќе нема да ги контролира цените и ги остава во рацете на трговците.

Одмрзнувањето доаѓа во услови кога во светски рамки веќе една година цените на храната се намалуваат, додека во Северна Македонија ниту ограничените маржи не успеаја да го зауздаат поскапувањето. Месецот што претстои ќе покаже какви ќе бидат цените на прехранбените производи во продавниците и дали повторно ќе се случуваат злоупотреби од трговците, ставајќи набилдани маржи на производите.

Одмрзнување на маржи за основните прехрамбени производи
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:56 0:00

Од Организацијата за заштита на потрошувачи не очекуваат нивен драстичен скок, иако од друга страна, не очекуваат ниту дека цените ќе паднат.

„Се смени ситуацијата, на светските пазари паѓаат цените на основните производи и ќе видиме сега дали самите производители и трговците ја научија лекцијата и дека нема да имаат толкава потреба да ги качуваат цените. Ќе има некои акции на производи каде ќе има намалување, самите трговци или домашните производители, сметаме дека сега треба да се остави на пазарот“, смета претседателката на ОЗП, Мирјана Лончар Велкова.

Во време на енергетската криза, владата во неколку наврати ги одмрзнуваше и замрзнуваше цените на основните производи. Но, според професорот на Институтот за општествени и хуманистички науки, Здравко Савески, ваквите чекори упатуваат на неконзистентни политики. Според Савески, сè уште има потреба за замрзнати цени.

„Има се уште потреба од замрзнување на цените или поблага мерка бидејќи инфлацијата во однос на цените на храната е дупло поголема од општата инфлација. Тоа кажува дека мора да се реагира во насока на заштита на животниот стандард особено на најсиромашните граѓани кои трошат поголем дел од приходите на храната“, смета Савески.

Ставот на Савески е дека и замрзнувањето на цените претставува краткорочно решение доколку не се преземат долгорочни мерки за поголемо домашно производство. Сепак, според него, постојат и фактори кои одат во насока и за зголемување, но и за намалување на цените.

„Ако се зголеми цената на струјата, тоа ќе ги зголеми и производствените трошоци. Но, од друга страна и светските цени на храната се намалуваат и цените на храната генерално се намалуваат во летните периоди. Нема простор за економски причини за нагло зголемување на цените. Така што ќе видиме како ќе реагираат производителите“, вели Савески.

Регулаторната комисија за енергетика соопшти дека сметката за струја за домаќинствата со просечна потрошувачка од 1 јули ќе се зголеми за 2,5 отсто, доколку ДДВ-то за струјата се врати на 18 отсто од досегашните 10 проценти кои беа донесени како антикризна мерка.

Од Министерството за економија велат дека домашните цени се стабилизираат како резултат на стабилизирање на цените на меѓународниот пазар, а и струјата поефтини.

„Долгорочна примена на трговски маржи во услови кога неспостои неизвесност на перманентен раст на берзанските цени, може да доведе до спротивен ефект на пазарните услови поради наметнување на државна контрола на цените и намалување на конкурентноста кога не сe објективни причинитe за тоа. Министерството остава на производителите и трговците да покажат општествена одговорност откако ќе заврши мерката“, велат од министерството.

Од таму напоменуваат и дека доколку пазарот оцени дека треба да има продолжување на рокот, тоа и ќе го спроведат.

Со последната одлука на владата од 25 април 2023 година, горната утврдена висина на трговската маржа за лебот, маслото за јадење и шеќерот остана 5 отсто во трговијата на мало и големо. За останатите производи, горната граница беше 10 отсто.

ММФ алармира да се внимава на инфлацијата

Северна Македонија е во фаза на економско закрепнување, со реален раст на БДП проектиран на 2,1 отсто оваа година, а 3,4 проценти во 2024 година. Потрошувачките цени се очекува годинава да пораснат во просек за 9,2 отсто, 3,5 отсто во 2024, а до 2026 година да се вратат на два отсто, пишува во прелиминарните наоди на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд.

Растот на потрошувачките цени во последните години ја намали и куповната моќ на домаќинствата, оценува ММФ. Од таму сметаат дека е разбирливо што работниците во јавниот сектор бараат повисоки плати.

„Веќе има простор во буџетот на централната влада да се приспособи за зголемување на масата за плати од близу 10 проценти, слично на проектираната стапка на инфлација за 2023 година, вклучително и усогласувањето на минималната плата оваа година. Сè што е над ова би создало големо и трајно оптоварување на буџетот, а исто така би ризикувало да ги истисне другите суштински трошоци. Големите зголемувања на платите, исто така, носи ризик да ја претворат привремено високата инфлација во постојано висока инфлација“, шефот на мисијата на ММФ, Жак Манијане.

Зголемените цени на храната и струјата - „струен удар“ за домаќинствата

Инфлацијата и покачувањето на цените на прехранбените производи, струјата, горивата, греењето, лековите и здравствените услуги најмногу ги погодиле граѓаните во набавката на храна, покажа истражувањето „Перцепции и ставови на граѓаните и домаќинствата за инфлацијата во Северна Македонија“, спроведено од три невладини организации презентирано на 27 јуни. Според истражувањето, домаќинствата ги погодиле зголемените цени на млекото и млечните производи, месото, маслото за јадење, овошјето и зеленчукот.

Во анкетата учествувале 1.853 граѓани, од кои 60,4 насто одговориле дека на храна нивното домаќинство не може никако да штеди и не може да го скрати трошокот дури и да сака.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG