Достапни линкови

Оставки и повеќе пари бараат пензионерите на протест


Протест пред Влада во Скопје на незадоволни пензионери од сите градови
Протест пред Влада во Скопје на незадоволни пензионери од сите градови

На протестот пред Влада револтираните пензионери ги повторија барањата за покачување на минималната пензија, но потенцираа и дека не се на иста линија со раководството на Сојузот на пензионери. Некои пензионерски здруженија ќе бараат и повеќе да не плаќаат чланарина во Сојузот, а размислуваат и за формирање нов.

Дојдовме овде поради гладот во нашите стомаци, не сме партиски определени, нашите барања се единствени и реални, порача од говорницата на денешниот протест на пензионери пред Влада Цветанка Петровска, претставник на здружението на пензионерите од Велес – која им ги претстави барањата на пензионерите на Владата и надлежните институции.

Линеарно покачување на пензиите од 3.500 денари и минимална пензија од 18.000 денари, како и промена на методологијата за покачување на пензиите, се главните барања кои пензионерите денеска на нов масовен протест ги искажаа пред Влада, незадоволни од најавеното септемвриско процентуално покачување од шест отсто.

Протест на пензионерите во Скопје
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:03 0:00

Пензионерите побараа оставки од Владата

Протестот пред Влада на кој присуствуваа пензионери од сите градови се одржа токму на Меѓународниот ден на пензионерите – 20 септември, а покрај сега веќе познатите барања, присутните пензионери преку истакнати транспаренти побараа оставки од премиерот Димитар Ковачевски, но и од актуелната министерка за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.

Пензионерите со кои разговаравме велат додека политичарите си ги покачуваат платите на нив никој не мисли.

„Протестираме затоа што ни се мали пензиите, никој не мисли на нас, само за во нивните џебови, а во продавница производите се со иста цена како за нив, така и за нас. Не ни стигнуваат овие пензии што ги земаме, колку и да штедите, не оди. Бараме линеарно покачување, бидејќи со процентуално, големите пензии се направија огромни, а ние стагнираме во место“, вели пензионерката Викторија од Скопје.

Дека револтот кај пензионерите навистина е голем, сведочи и друг пензионер од Скопје кој со транспарент „Оставка за премиерот Димитар Ковачевски“ присуствуваше на денешниот протест.

„Овие луѓе не се дојдени овде џабе, туку од револт. Ние земаме минимална пензии, а политичарите си ги покачија платите за нив, сиромасите пак не ги гледа никој. Многу сме незадоволни, големо незадоволство владее и бараме линеарно за сите да биде покачувањето на пензиите, за сите еднакво по 3 500 денари“, вели за РСЕ пензионерот Љубомир Костовски.

Дел од присутните пензионери јавно ги прашаа функционерите зошто стравуваат од средба со нив, потенцирајќи дека тие само бараат подобри пензии за сите.

„Од кого се плашат толку политичарите, од оние што ги гласаме, од тие ли се плашат? Срамота е ова, а во Европа сакаат, и ние бараме европски пензии. Каде се парите? Срамота невидена. Европа знае се за ова, само си молчи. Не бараме ништо повеќе, не бараме 78 отсто како нив, само линеарно како што треба“, изјави пензионер од Скопје кој побара да остане анонимен.

Пензионерите и раководството на Сојузот и натаму со спротивставени ставови

Покрај основните барања за линеарно наместо процентуално покачување на пензиите, на денешниот протест беше истакнато и дека пензионерите во иднина ќе бараат да се укине членарината која ја плаќаат во Сојузот на здружението на пензионери на ниво на Македонија, бидејќи како што истакнаа, Сојузот работи спротивно на нивните интереси.

Присутните пензионери дури се заканија со отворање на нов паралелен Сојуз на пензионери, кој како што велат, реално ќе ги застапува барањата на пензионерите од сите градови.

„Тој Сојуз не ги брани нашите интереси, напротив, каде е сега претседателката Станка овде со нас? Во иднина не сакаме повеќе да му плаќаме членарина на тој Сојуз, туку на Сојуз кој вистински ќе не застапува“, порача пензионерка од Прилеп од говорницата на денешниот протест.

Спротивно од овие барања на пензионерите кои протестираат пак, Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионери, во изјава за РСЕ, вели го почитува и поздравува правото на протест, но потенцира дека законите мора да се почитуваат, а истакна и што е она што Сојузот веќе го работи во координација со Министерството за труд и социјална политика со цел подобрување на статусот на пензионерите во земјава.

„Денеска е денот на пензионерите, и како што е познато, се одржа помасовен протест на пензионерите на кој се истакнуваат веќе познатите барања. Во контекст токму на оваа ситуација, изминатиот период се формираше работна група од претставници на повеќе институции меѓу кои влегоа и двајца претставници од Сојузот на здружение на пензионери на Македонија за да дадат свој придонес во решавање на важни прашања за пензионерите, бидејќи покрај темите за линеарно покачување, беа поставени и други прашања за подобрување на моменталниот социјален статус на пензионерите. Откако ќе го решиме овој социјален пакет мерки, потоа ќе преминеме на повиталните и подолгорочни прашања, како што е најнискиот износ на пензијата, како и тоа дали воопшто е можно да има линеарно зголемување на пензиите“, изјави Трајкова за РСЕ по денешниот протест на пензионерите пред Владата.

Во однос пак на тврдењата на пензионерите дека Сојузот не ги штити нивните барања, Трајкова вели дека секој може да биде незадоволен, но потенцираше дека Сојузот има и други задоволни членови, кои не се појавиле на денешниот протест.

„Во нашата држава постојат закони и пописи и во однос на функционирањето на граѓанските организации. Понатаму, дали Сојузот работи во интерес на пензионерите е големо прашање, бидејќи треба да се знае дека Сојузот има 53 членки и околу 298 илјади корисници на пензија, значи не е само оној дел што излегол на протест. На нашата страница можете да ги најдете сите активности и сите реформи за кои се бори Сојузот за сите пензионери“, истакна Трајкова.

Од Министерството молк по денешниот протест

Иако министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, пред само два дена најави дека до крајот на месецот очекува од работната група конкретни предлози во однос на покачувањето на корисниците на пензии со најниски примања, сепак, по денешниот протест, молк од ресорното министерство.

Иако побаравме став по денешниот протест, во однос на исполнувањето на барањата на пензионерите кои пак веќе не се ништо ново, од Министерството до објавување на овој текст не добивме одговор.

Од претходно пак, ставот на Министерството беше дека согласно законот за пензиско и инвалидско осигурување не постои основ за линеарно усогласување на пензиите, а укажаа и дека пензиите растат преку утврдената методологија со комбиниран модел од 50 проценти раст на просечната плата и 50 проценти пораст на трошоците за живот.

Инаку ова е втор масовен протест на пензионери од сите градови во Скопје, откако и минатиот месец, на 7-ми август, пред ресорното Министерство, но и пред Сојузот на здружение на пензионери, тие го изразија своето незадоволство и ги претставија барањата во однос на линеарно покачување на пензиите.

Во меѓувреме, покрај тој протест, пензионери од повеќе градови како Прилеп, Кавадарци, Битола, Тетово, речиси секојдневно на протести во сопствените градови ги искажаа своите барања и незадоволството од висината на нивните пензии.

XS
SM
MD
LG