Не помина ниту една од четирите интерпелации за владините функционери кои денеска (10 јануари) се на дневен ред во Собранието.
Станува збор за интерпелации поднесени од пратениците од опозицискиот Европски фронт предводен од ДУИ за работата на вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени.
Во сите преовладува наративот за потфрлање на справуњето со меѓуетничките односи и тензии во Северна Македонија и се споменуваат инцидентите што се случија за време на прославите за Денот на албанското знаме - 28 Ноември, кога беше сквернавено државното, македонско знаме, а потоа имаше и палење на албанското.
Седницата, чиј почеток беше закажан во 11 часот, траеше до доцните вечерни часови на 10 јануари. За секоја од интерпелациите се дискутираше и гласаше посебно.
За време на гласањето во салата не беа присутни мал број пратеници, а меѓу оние што не гласаа имаше имаше и од Европскиот фронт кој на последните избори освои 18 пратеници. Така, „за“ интерпелација на првиот вицепремиер Меџити гласаа само тројца пратеници, а 64 беа „против“. За таа за Стоилковиќ, пак, имаше седум гласа „за“, а 52 „против“.
Балансот од гласањето за интерпелацијата за Тошковски беше седум „за“ и 63 „против“, а за Исени четири „за“ и 62 „против“.
Седницата заврши десетина минути по 23 часот. Според собранискиот Деловник, гласањето мораше да се случи најдоцна до полноќ.
Ова се први интерпелации за функционери во актуелната Влада која по изборите во мај 2024 ја формираа ВМРО-ДПМНЕ, Вреди (ВЛЕН) и ЗНАМ.
Дека нема да поминат интерпелациите за нив беше извесно уште пред почетокот на седницата, бидејќи најголем дел од парламентарните партии и од власта и од опозицијата се изјаснија дека нема да гласаат „за“.
Изгласана интерпелација за пратеничката Илире Даути
Покрај за четворицата владини функционери, на собраниската седница на 10 јануари, на дневен ред беше и интерпелација на пратеничката од опозицискиот Европски фронт Илире Даути за функцијата што таа ја извршува во Собранието - претседателка на Комисијата за социјална политика.
Интерпелацијата за неа ја поднесе опозициската Левица, а во текот на седницата поддршка искажа и владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.
Интерпелацијата беше изгласана со 61 глас „за“ и 22 „против“.
Левица ја поднесе интерпелацијата бидејќи Даути одбива да го стави на дневен ред Законот за бранители кој беше поднесен од пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска од СДСМ.
Гласањето на интерпелацијата за Даути, според тоа како беше протолкувано во јавноста, значи дека пратениците ќе треба да предложат нов претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, која според распределбата во парламентот му припаѓа на опозицискиот Европски фронт, кој би требало да предложи нов претседател на ова собраниско тело.
Меѓутоа, пратеникот Халил Снопче од собраниската говорница рече дека тоа што поминала интерпелацијата не значи дека Даути нема да продолжи да биде дел и на чело на Комисијата.
За ова со соопштение се огласија и од Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши, нагласувајќи дека гласањето за интерпелацијата на Даути нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата, велат од Кабинетот, се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот.
СДСМ ја напушти седницата: Нема потреба од нови поделби по етничка основа
СДСМ како најголема опозициска реши дека нема да присуствува на седницата со образложение дека нема потреба од нови поделби по етничка основа.
„Македонското собрание во ниту еден случај не смее да биде мета за поттикнување на било какви меѓуетнички тензии и отворање на можности за поделби помеѓу граѓаните. Доколку намерите на подносителите биле вистински, причините за интерпелации не смееле во ниту еден случај да бидат поврзани со етнички контекст, туку да бидат единствено со аргументи и со факти за работа на одреден министер или функционер“, рече пратеникот Оливер Спасовски, кој е координатор на пратеничката група на СДСМ.
Тој рече дека постојат многу други основи за интерпелација, особено за министерот Тошковски, но и за многу други министри во Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Кај нас се поставува прашањето зошто ДУИ не ги опфаќа сите овие основи за интерпелации на министрите. На пример немаме ниту еден збор зошто не се преземаат мерки за она што ни се случува со нечистиот воздух и немаме ниту еден збор за скандалите на косовската граница и бегствата на Рамадани и Груби, нема ниту збор за партиската чистка во безбедносниот сектор и отпуштањето на професионалците, нема ниту збор зошто е амнестиран бодигардот на Мицкоски кој нападна полициски инспектор. Во интерпелацијата не се опфаќаат многу настани од безбедносен аспект што ни се случуваат во сите градови“, додаде Спасовски.
Зошто беа поднесени интерпелациите и што одговорија функционерите?
Изет Меџити, кој претходно беше функционер од ДУИ, а сега е еден од лидерите на ривалската коалиција Вреди, според интегративците потфрлил во справувањето со меѓуетничките тензии.
„Меџити, како прв заменик-претседател Албанец на Владата и претставник на албанскиот народ во Владата, е одговорен за управување со ситуациите кои се случуваат во земјата, вклучувајќи ги и меѓуетничките односи. Наместо да делува како гарант за мирот и меѓуетничката интеграција, тој не успеа да ги заштити интересите на албанската заедница и да придонесе за зачувување на општествената хармонија. Напротив, тој толерираше дискриминација и молчеше за повторените неправди кон оваа заедница“, пишува во интерпелацијата поднесена од ДУИ.
Меџити од собраниската говорница во интерпелацијата препозна „срамен обид на ДУИ да се врати на власт“. Тој порача дека оваа партија треба да се реформира и да престане со „агресивноста, ароганцијата и подигнувањето на меѓуетничките тензии кои ги практикува изминатите шест месеци, откако е во опозиција“.
„ДУИ е во длабока криза, поделена, секој ден со агресивност сака да предизвика национални тензии. Албанците ве тргнаа од власт зашто сте барале од нив парцели да отворате казина и да се збогатите. Никој не ве почитува, ниту ви верува. Конфликтниот јазик со кој секојдневно ги труете граѓаните е доказ за вашиот клиентелизам, корупцијата ви е стандард, ги згаснавте независните медиуми и ги заменивте со партиски. Сакате да верувате во вашата лага дека вечно ќе останете на власт“, рече Меџити.
„Неспособноста да управува со меѓуетничките односи“ може да се прочитаат како причина и за иницијативата за разрешување на бивепремиерот Иван Стоилковиќ.
„Тој е одговорен за имплементација на Охридскиот рамковен договор кој претставува темел за унапредување на меѓуетничките односи и кој предвидува заштита на граѓаните од сите етнички групи. Сепак, тој не усеа да ги спроведе овиер принципи“, наведуваат интегративците.
Стоилковиќ, пак, смета дека неговата интерпелација била нејасна.
„Суштината на мојата интерпелација се затскриваше зад приказната како тоа Србин може да биде министер во македонската Влада. Како местата за министри да се резервирани само за ДУИ или за некој друг. Лутањето во врска со интерпелацијата и моето вклучување во настаните од 28 ноември кога се одбележуваше албанското знаме е само една маркетинг приказна за да ги внесе Србите во таа приказна, ни криви ни должни преку мене“, рече Стоилковиќ.
Кога е во прашање министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, ДУИ наведува дека ја поднесува итерпелацијата „по нарушувањето на безбедноста и меѓуетничките односи во државата, како и поради селективниот и едностран пристап на полицијата која презела мерки само против граѓаните Албанци“…
Тука, тие ги наведуваат инцидентите поврзани со прославата на Денот на албанското знаме – 28 ноември, и сквернавењето на македонското знаме, како и палењето на албанското кое следуваше потоа.
„Декларацијата на министерот по инцидентите дека ’ќе ги направиме горди сите Македонци преземајќи остри мерки против виновниците‘ јасно покажува дека тој се гледа себеси како претставник на една етничка заедница, а не на сите граѓани на Република Северна Македонија. Оваа исклучива реторика ги продлабочува етничките поделби и ја нарушува неговата позиција како претставник на сите граѓаните на земјата“, наведе ДУИ и коалицијата во иницијативата за одговорност.
Во одговорот за интерпелацијата од Европски фронт, која највеќе се базира на случувањата од 28 ноември, Тошковски возврати дека ќе одговара секој што ќе запали државно или знаме на која било етничка заедница.
„Секој што згрешил, ќе одговара, а и сите што ќе запалат знаме на кој било етникум и притоа има докази ќе завршат во затвор. Тоа не е закана. Во врска со 28 ноември, Македонецот кој го запали албанското знаме истиот ден беше спроведен пред надлежен орган, а следниот ден беше во притвор, а во притвор завршија и тројцата Албанци кои го запалија македонското знаме“, рече Тошковски.
Настаните околу прославите на Денот на албанското знаме и други инциденти, односно неуспехот во справувањето со меѓуетничката стабилност, се главна причина и во интерпелацијата за заменикот на Тошковски, Астрит Исени.
Тој во обраќањето на собраниската седница оцени дека интерпелацијата не кореспондира со реалноста и претставува обид за дефокусирање на јавноста од злоупотребите на институциите во изминатите две децении.
Интерпелацијата на пратеничката Илире Даути, пак, Левица ја поднесе бидејќи како претседателка на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, не сакаше да свика седница на чиј дневен ред беше Законот за бранителите, што според пратениците од оваа партија, било противуставно, тенденциозно и скандалозно.