Достапни линкови

Кога ќе згусне се посега по меѓуетничките односи


Протести во Скопје за отфралње на францускиот предлог, инциденти кај споменикот Скендербег

Играњето на меѓуетничка карта е резервно средство за присила кога државата сака нешто да истурка на мускули, вели социологот Константин Миновски. Тој не очекува посериозни последици, но вели дека не треба да се ставаат граници со етничка симболика. „Руската рака во земјава е многу долга“ и тоа се гледа на протестите, изјави вицепремиерот Артан Груби.

Заканата од меѓуетничките тензии секогаш е резервна варијанта кога во државата треба да помине некоја „голема“ работа на мускули, вели професор Константин Миновски, кој се занимава со социологија на етнички групи.

Францускиот предлог за тргање на бугарското вето на петтиот ден од протестите се закани да предизвика меѓуетнички проблеми. Дел од демонстрантите на протестите против европскиот предлог со кој треба да се откочат македонските евроинтеграции, извикуваа антиалбански пароли, а имаше и инцидент во близина на плоштадот Скендербег, меѓу група демонстранти од една страна и луѓе и поддржувачи кои имаат дуќани таму. Си разменуваа камења, а во игра беше и огнено оружје.

Миновски вели дека ,сепак, станува збор за политички махинации.

„Засега не мислам дека ќе имаат некакви посериозни последици, доколку навреме се спречи и се прекине практиката таквите настани да се користат во функција на спречување на протестите, оправдување на потпишување на договор, кој очигледно не е прифатлив за мнозинството на граѓани на Македонија“, вели професор Миновски.

На 5 - тиот ден протести – инциденти кај плоштадот Скендер бег
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:31 0:00

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи со заедниците Артан Груби денеска изјави дека „руската рака во земјава е многу долга“ и тоа се гледа на протестите. Тој ги осуди инцидентите и рече дека станува збор за инциденти исценирани од ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата за Албанците и Левица. Груби вели дека инцидентите се испровоцирани од странски агенти кои функционираат во државата.

„Гледаме дека се мобилизираат стотина луѓе кои го киднапираат легитимниот протест на искрени граѓани кои се загрижени по однос на иднината на нашата заедничка држава, намерно за да испровоцираат инциденти и да ја оттргнат нашата држава од патот кон ЕУ“, рече Груби.

Да не се ставаат граници со етничка симболика

Играњето со меѓуентичките теми не е соодветно за политика, вели професор Миновски, особено, како, како што вели, кога државата претендира да биде демократска. За тоа дали има плодна почна меѓуетничките односи да се влошат, тој вели дека сè зависи од институциите.

„Еве полицијата на пример, ако гледаме дека не реагира соодветно, ние добиваме впечаток дека полицијата не контролира дел од територијата и на Македонија и на градот“, вели тој.

За протестот на 7 јули организаторите ја променија рутата, па наместо од пред Влада, па преку мостот „Гоце Делчев“ до пред МНР, а потоа и до Собрание, сега маршот ќе се движи по други улици, до Министерството за правда, па до Парламентот и нема поворката да помине на местото каде што претходно имаше инциденти.

„Да го гледаме тоа како добра волја на оние кои протестираат, но затоа имаме институции кои треба да обезбедат непречено движење во секој дел од градот и територијата. Не е поента да ставаме граници со етничка симболика, па тоа е територија кадешто не може да се поминува, е тоа понатаму ќе води кон зголемување на недоверба, од една страна, и сè поголеми расцепи во нашето општество на етничка основа или „воскреснување“ на некои настани од минатото што сакаме да ги заборавиме“, вели професор Миновски.

Организаторите да водат грижа „под чиј прозор се протестира“

Деканот на факултетот за безбедност, Никола Дујовски за РСЕ вели дека протестниот марш поминал покрај места каде може да се очекува дека има граѓани кои нема да се согласат со оние кои протестираат. Тој посочува дека е потребна поинаква иконографија и пароли.

„Ние живееме во мултиетничко општество, поминувате покрај улица на која живеат Албанци и извикувате погрдни зборови насочени кон Албанците, а целта на протестот е да се изрази незадоволство од политиките на владата во однос на францускиот предлог, ама таму каде што мнозинство на граѓани се Албанци се извикуваат толку погрдни зборови што навистина не е пријатно да се слушаат, е на такви активности организаторот треба да си води грижа“, вели Дујовски.

Партиски препукувања за тоа кој ги потпалува меѓуетничките тензии

Од владејачката СДСМ рекоа дека не се работи за меѓуетнички тензии, туку за политички крваво сценарио. Најголемата опозициска партија, пак, обвинува дека премиерот и министерот за внатрешни работи градат милитантен наратив, а министерот за надворешни работи најавил меѓуетнички тензии. Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни Оливер Спасовски споделуваа дека имаат информации дека се спремаат радикални протести и употреба на молотови коктели. А на 2 јули министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифинг со новинари, рече дека доколку евентуално францускиот предлог биде одбиен, тоа ќе значи „заглавување во балканската кал“ и губење на евро-перспективата засекогаш, па ќе почнат тензии меѓуетнички и тензии меѓу различните категории граѓани. Два дена подоцна тој демантираше дека кажал оти ќе има меѓуетнички тензии и рече дека не прави разлика меѓу македонски и албански прашања. Тој вели дека мислел на тоа дека ако им се земе надежта на младите, тие ќе бегаат и ќе се наруши хармонијата во општеството.

Професор Дујовски вели дека таквите информации им значат на луѓето кои сакаат на мирен и демократски начин да го изразат своето незадоволство на протест.

„Кога јас би знаел дека некој од групата во која што и јас ќе учествувам планира со молотови коктели да ги нападне полицијата или државните објекти, јас трипати ќе пресметам дали ќе одам на таков протест“, вели Дујовски.

Тој додава дека ова веќе не се протести против францускиот предлог, како што започнаа на почетокот.

„Овие страсти не мора да бидат до толку зовривани, ова повеќе не е низ призмата на Влада и француски предлог, туку дефинитивно е борба меѓу македонската опозиција и власта. Нема повеќе ништо што може да се оцени како протест против францускиот предлог, а така започнаа.“, вели Дујовски.

Повици за зачувување на мирот и осуда на инцидентите

Од опозициската Алијанса за Албанците, од каде се изјаснија дека го прифаќаат францускиот предлог, ги повикаа граѓаните да не потпаѓаат на провокации и темни сценарија. Од партијата велат дека два дена по ред Албанците во Скопје се незаштитени од државата и полицијата, а хулигани им ги напаѓаат имотите. Ја повикаа власта да ги заштити Албанците, за да не се доведат во ситуација да се самоодбрануваат.

И од движењето Беса, кои ,исто така, се опозициска партија, велат дека досега Албанците беа жртви на разни инсценации од страна на сите власти. И од Беса бараат државата професионално да реагира и да го зачува мирот.

„За да нема дилема дека ваквите случаи имаат друга позадина, повторно за некое инсценирање на грбот на Албанците“, велат од Беса.

Од партијата Демократски сојуз на Павле Трајанов, којшто е поранешен министер за внатрешни работи, велат дека видеата и фотографиите од настанот ги потврдуваaт сомневањата дека се работи за смислен напад и провокација со цел да се предизвикаат судири од пошироки размери и потешки последици, меѓу другото и на меѓуетнички план. Демократскиот сојуз инсистира на истрага.

Реагираа и од Фондацијата Отворено општество – Македонија, од каде што изразува сериозна загриженост за ескалацијата на омраза на етничка основа.

„Насилството и омразата која беше забележана изминативе денови на протестите, преку повиците за „чиста Македонија“, поттикната од говорите на протестантите, претставува основа за влошување на кревките меѓуетнички односи во државата. Ние веруваме дека мултиетничката разновидност во државата е нашата сила и можност за просперитет и затоа очекуваме од организаторите на протестите и нивните поддржувачи да покажат на дело дека ги прифаќаат вредностите за признавање на различностите и мултикултурализмот, и заради кои различните култури, јазици и обичаи нè прават побогати и подобри“, велат во Фондацијата.

Предлогот може денеска да се најде пред Собрание

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи со заедниците Артан Груби рече дека е можно уште денеска Владата до Собранието да ги проследи францускиот предлог заедно со билатералниот протокол со Бугарија. Тој посочи дека Владата нема да одлучува за францускиот предлог, туку само ќе ги проследи до Собранието.

Парламентарните групи вчера одржаа прва средба за разгледување на забелешките што ги имаат на францускиот предлог, но според најавите од партиите, денеска нема да има нова средба. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека следна средба би имала смисла само доколку ДУИ и СДСМ прифатат сите заедно како Влада, Собрание и држава да упатат забелешки за корекција на францускиот предлог. ВМРО-ДПМНЕ има предлог забелешки и за Општиот став на ЕУ (Преговарачка рамка) и за Заедничкиот став на ЕУ (Преговорите за пристапување) во однос на Македонија.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG