Достапни линкови

Национализмот веќе никој не го „купува“


Поглед од Камен Мост Скопје кон Стара Чаршија
Поглед од Камен Мост Скопје кон Стара Чаршија

Граѓаните перспективата ја бараат надвор од земјата, а политичари не враќаат во минатото. Oткако во Сопот беше отворен меморијален комплекс каде беше изложена карта на Голема Албанија, а присуствуваше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, универзитетскиот професор Арсим Синани вели дека електоратот повеќе не „се пали“ на националистичка реторика.

Кај политичарите опстојува трендот и нивната посветеност кон националистичките теми, и покрај тоа што сите скорешни истражувања покажуваат дека граѓаните имаат поинакви грижи - животниот стандард, високата стапка на инфлација, несоодветната борба против корупцијата, судската ефикасност...

Отворањето на меморијален комплекс во кумановското село Сопот каде беше изложена мермерна плоча изгравирана со карта на Голема Албанија, е меѓу последните вакви настани, каде се обрати и лидерот на ДУИ и пратеник во Собранието Али Ахмети. Според снимките кои беа објавени, Ахмети гостувал на одбележување на спомен на жртвите од 4-ти ноември 1944 година, денот кога таму биле убиени 64 Албанци. Во комплексот имаше поставени постери со УЧК, а премиерот Ковачевски и министерот за надворешни работи Османи рекоа дека тој е направен на приватен имот.

Националистичкиот наратив е познат за јавноста, којшто во изминативе 30 години редовно пред избори го употребуваат и албанските и македонските политичари. Но, експертската јавност смета дека граѓаните веќе не ги „купуваат“ овие националистички пораки и дека граѓаните се повеќе бараат решенија и значаен напредок во критичните области.

Универзитетскиот професор Арсим Синани смета дека национализмот е застарена тема, додавајќи дека електоратот повеќе не „се пали“ на националистичка реторика што политичарите ја користат за внатрешна употреба и задоволување на егото на нивните поддржувачи.

„За жал, голем дел од граѓаните се во странство, заминаа во потрага по подобра перспектива и оваа реторика останува во функција на задоволување на егото на следбениците на одредени политички средини. Сега граѓаните се уморни, имаат други цели, благосостојба, животниот стандард, а во моментот кога имаме голем дел од младите кои заминуваат во странство, а националистичките елементи не го гледаат како прашање на решавање на нивните проблеми и со ова разгорување на националните чувства“, вели Синани.

Во изминативе години отворањето на националистичките теми е како некое непишано правило. Во некои години поради тоа доаѓаше и до меѓуетнички тепачки и инциденти. Партиите секогаш ги осудуваа ваквите инциденти и повикуваат на смирување, но експертската јавност редовно го вперува прстот токму во нив, како поттикнувачи на тензии заради политички поени.

Минатата недела имаше и уште еден настан - фудбалскиот натпревар меѓу „Шкупи“ и „Вардар“, од каде беа објавени фотографии на кои се гледа дека на трибините се истакнувале транспаренти со пораки дека Албанците треба да го исполнат историскиот аманет - Скопје да биде срцето на Албанија.

Од друга страна, настанот во селото Сопот со истакнување на карти со Голема Албанија дојде откако претходно, во август оваа година, знамиња на Голема Албанија се вееја за време посетата на косовскиот премиер Албин Курти, кога домаќин му беше тетовскиот градоначалник Биљал Касами кога не беше интонирана државната химна и не беше поставено ниту државното знаме.

За политичарите најдобро е пред избори да зборуваат за „глупави“ теми како што е национализмот и големи или мали држави, коментира Александар Цветковски - претседател на невладината организација Асоцијација за граѓанска толеранција и соработка (АГТИС).

„Тоа веќе е смешно да се разговара, но политичките кујни тоа го лансираат затоа што инаку ќе зборуваме за мониторинг на владеење, како тие испокрадоа многу пари, за тоа како нема никаква отчетност и транспарентност, како се носат закони со кои веќе и крадењето стана неказнив елемент. И ако зборуваме за тоа, прашање е која од политичките партии ќе остане на власт? За што друго да говори политичар, за тоа како да се поттурне бизнисот или како да ги сочуваме младите дома?“, вели Цветковски.

Цветковски додава дека и самите Албанци на тоа се смеат и сфаќаат дека тоа е фолклор.

„Помина времето на сето тоа. Значи тие нека си верглаат, а ние граѓаните треба да го гледаме патот на парите: кој украл, како украл и како да ги оспособиме судовите, обвинителствата и како да не се концентрира моќ во рацете на мал број поединци, а токму за тоа политичарите не сакаат да зборуваме и затоа ова го пласираат – глупав фолклор кој веќе стварно никој не го купува“, вели Цветковски.

За настанот во Сопот, реагираше високиот функционер на ДУИ и министер за надворешни работи Бујар Османи кој рече дека лидерот на партијата Ахмети бил таму како гостин и дека неговата партија не е поврзана со објектот.

„Прво не се работи за музеј на УЧК, како што беше претставен, туку музеј којшто одбележува настан од 1944 година кога се убиени селани од Сопот, а господинот Ахмети беше таму како поканет гостин, така што сите прашања треба да ги упатите до организаторите. Како што велат тие, станува збор за семејно земјиште, семејството тоа го изградило за да ги одбележи соселаните, но ние немаме никаков удел во тоа, таму бевме поканети“, рече Османи.

Премиерот Димитар Ковачевски на прашањето за случајот рече дека поставувањето на таква карта е задоцнето најмалку 145 години и дека такви слични карти имала секоја држава на Балканот. Ковачевски објасни дека изложена мермерна плоча со картата на Голема Албанија била поставена на приватен имот, „но со она што ние го имаме како општество, не ги прави релевантни таквите мапи. По влегувањето во НАТО, ние имаме други мапи кои што се релевантни. Со отпочнувањето на преговорите со ЕУ ние и другите земји од регионот ќе ја имаме мапата на обединета Европа“, рече Ковачевски.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG